Барселона има околу 3 милиони жители. Иако е нелегално сквотирањето, сепак е широко распространето. Во градот се наоѓаат околу 200 сквотови, од кои преку 30 социјални центри, со околу 2 000 учесници во сквотерското движење. Постојат бесплатни интернет кафеа, бесплатна менза секоја вечер, бесплатни неделни весници …
Насилното гасење на младинското кино Kino Princeza, 1996 година беше пресврт во развојот на сквотерското движење во Барселона и од тогаш движењето е се посилно. Пред тоа многу луѓе не знаеја за сквотирање- што сакаат сквотерите, за што се залагаат. Масовните медиуми почнаа да говорат за сквотерите, а голем број на граѓани кои ги видоа сцените на полициските насилија, почнаа да го подржуваат покретот. Со тоа владата постигна спротивен ефект-сакајќи да го угасат движењето, тие го зајакнаа. Во 1997 година, во Барселона сквотовите никнуваат како печурки по дожд.
Во Барселона постои Сквотерско собрание (Assemblea d'Okupes) кое се труди да ги координира сквотерските акции. Во зависност од политичката ситуација, која помалку или повеќе е активна, и доколку постои опасност од иселување, игра доста битна улога. Уште еден пример за координација на сквотерите во Барселона е Info-uzurpa, некаков вид водич низ барселонските социјални центри. На нивната страна (usurpa.squat.net) се наоѓа список на скоро сите социјални центри во Барселона и околината, со неделен распоред за настаните во секој од нив. Info-uzurpa нуди национални и интернационални вести за отпорот низ светот.
Во Мадрид, како и во Барселона, сквотерското движење е едно од најсилните. Во градот постои развиена сцена од социјални центри уште од 1980-те. При крајот на 1990-те се случуваат принудни иселувања од многу стари и познати социјални центри како: CSO Vendetta, CSO La Galia и CS La Biblio.
Во Мадрид постои “Asamblea de Kasas Okupadas y Centros Sociales de Madriz” (Собрание на заземените куќи и социјалните центри во Мадрид), кое се труди да ги поврзе разните социјални центри и да го поттикне умрежувањето во Мадрид. Постои и мрежа до 12 автономни групи под името Автономна борба (Lucha Autónoma), која има за цел да ,, гради нова антагонистичка субјективност, способна да го ослободи просторот и териториите од логиката на парите и неговите разни видови”.
Рурално сквотирање
Спрема грубите проценки, во Шпанија постојат околу 1 500 напуштени села, како резултат на миграцијата од селата во градовите. Така, меѓу 30 и 40 села се сквотирани, т.е. повторно населени. Некои се уште се непознати на јавноста, додека многу други се трудат да се поврзат помеѓу себе. Во 1970-те и 1980-те постоеше MAR (Rурално алтернативно движење), кое координираше неколку сквотирани села, додека денес постои FACC ( анархистичка федерација на колективи над земјата), основана 1990. Причините за сквотерското,, враќање на земјата”, варираат од човек до човек, но најчесто се: одбивањето плаќање данок, бегање од оттуѓеноста на градот и капиталистичките односи, враќање кон природата, поголема слобода, контрола над сопствените животи, свеж воздух и здрава храна. Принудното иселување во селата е доста ретка појава.

Нео-рурализам е движење кое ги отфрла социјалните структури на големите градови и се стреми да воспостави собраниски систем во малите рурални заедници, кои живеат во хармонија со природата. Тоа е движење на повторното населување на напуштените населби, како легално, така и нелегално. Нелегалниот дел на движењето се нарекува рурално сквотирање, а најчесто се луѓе на кои им е тешко да преживеат на бетонот на големите градови во Шпанија. Покрај одгледувањето на овошје и зеленчук, се занимаваат со циркуски активности, за да би заработиле од уличните настапи. Продаваат рачно изработени предмети на туристите. Чест случај е кога поединци одат да живеат во планина и не знаат дека постои друга група или цела населба која ја дели истата филозофија. Тие најчесто ги населуваат најодалечените планински предели, каде раката на власта не достига. Идеалот на руралното сквотирање е самодоволност и задружна економија.
Сквотирањето не е легално во Шпанија. Се до донесувањето на новиот кривичен закон при крајот на 1996 година сквотирањето се наоѓаше на тенката граница помеѓу законот и нелегалноста, но сепак не беше кривично дело. Власта покажуваше одредена толеранција во претходните децении, бидејќи на тој начин се решаваше прашањето на бездомниците. Во првите години на демократијата, илјада бесправни вселувања се легализирани. По стариот закон прво доаѓаше судска тужба, па дури потоа иселување; а по новиот закон, прво иселување, па судска тужба.