за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови
Во Старите времиња туризмот не постоел. Циганите, Чергарите и останатите вистински номади дури и денес, по волја, талкаат наоколу во нивните светови, но никој заради тоа не би помислил да ги нарече „туристи“. Туризмот е изум на 19 век – период од историјата кој понекогаш се чини дека се протегнал преку природната должина. На многу начини, ние сe уште живееме во 19 век. Туристот е во потрага по Култура бидејќи – во нашиот свет – културата е проголтана од челуста на Спектаклот. Културата е распарчена и заменета со Трговскиот Центар или токшоуто (talkshow)– затоа што нашето образование е само подготовка за живот од работа и конзумирање – затоа што ние самите сме престанале да создаваме. Иако се чини дека туристите се физички присутни во Природата или Културата, всушност може да се наречат духови коишто талкаат низ урнатини, коишто имаат недостаток од телесно присуство. Тие не се навистина таму, туку се движат низ свеста, апстракцијата („Природа“, „Култура“), собирајќи слики наместо искуство. Најчесто нивните одмори се одвиваат среде несреќата на други луѓе па дури и придонесуваат кон таа несреќа. Неодамна неколку луѓе беа убиени во Египет само затоа што беа туристи. Гледајте... Иднината, Туризмот и тероризмот: која е разликата? Од трите архаични причини за патување – наречете ги „војна“, „трговија“ и „аџилак“ – која го довела на свет туризмот? Некои автоматски ќе одговорат дека тоа мора да е аџилакот. Аџијата оди „таму“ да види, аџијата нормално назад носи некој сувенир; аџијата зема „слободно време“ од секојдневниот живот; аџијата има нематеријални цели. Оттаму, аџијата му претходи на туристот. Но аџијата претрпува промена на свеста, а за аџијата таквата промена е вистинска. Аџилакот е облик на иницијација, а инцијацијата е отворање за други облици на сознание. Сепак, можеме да откриеме дел од вистинската разлика меѓу аџијата и туристот преку споредување на нивните ефекти врз местата коишто ги посетуваат. Промените во едно место – град, светилиште, шума – можат да бидат суптилни, но барем можат да се набљудуваат. Состојбата на духот може да е предмет на претпоставка, но можеби можеме да кажеме нешто за сотојбата на општественото. Аџиските места како Мека можат да служат како големи базари за размена, а можат да служат и како центри за производство (како свилената индустрија во Бенарес), но нивниот примарен „продукт“ е барака или мариа. Овие зборови (едниот арапски, другиот полинезиски) обично се преведуваат како „благослови“, но тие исто така носат и товар од други значења. Патувачкиот дервиш што спие на светилиштето со цел да сони мртов светец (еден од „Луѓето од Гробниците“) бара иницијација или напредување на духовната патека, мајката којашто носи болно дете во Лоурдес (Lourdes) бара излекување; жената без деца во Мароко се надева дека Марабу ќе ја направи родна доколку врзе партал на старото дрво што изникнува од гробот; патникот во Мека копнее по самиот центар на Верата, а како што караваните пристигнуваат на повидок од Светиот град аџијата извикува „Labbaika Allabumma!“ – „Јас сум овде, О Боже!“. Сите овие мотиви се собрани во зборот барака, којшто понекогаш се чини дека е допирлива супстанца, мерлива во термини на зголемана харизма или „среќа“. Светилиштето произведува барака. А аџијата ја зема. Но благословот е производ на Имагинацијата – оттаму без оглед колку многу аџии го земаат секогаш има уште. Всушност, што повеќе земаат, толку повеќе благослов светилиштето може да произведе (бидејќи народното светилиште расте со секоја одговорена молитва). Да се каже дека бараката е „имагинативна“ не значи таа да се нарече „нестварна“. Таа е доволно стварна на оние коишто ја чувствуваат. Но духовните добра не ги следат правилата на понуда и побарувачка како материјалните добра. Што поголема побарувачка за духовни добра, поголема понуда. Производството на барака е бесконечно. Спротивно на тоа, туристот не посакува барака туку културна разлика. Аџијата, можеме да кажеме – го остава домашниот „секуларен простор“ и патува во „светиот простор“ на светилиштето со цел да ја искуси разликата меѓу секуларното и светото. Но оваа разлика останува недопирлива, суптилна, невидлива за „профаниот“ вкочанет поглед, духовна, имагинативна. Културната разлика меѓутоа е мерлива, видлива, материјална, економска, општествена. Имагинацијата на капиталистичкиот „прв свет“ е истрошена. Таа не може да замисли ништо различно. Значи туристот го напушта „домашниот“ хомоген простор за хетерогениот простор на „странската клима“ не за да добие „благослов“ туку едноставно да се восхитува на живописноста, погледот или фотографијата на разлика, да ја види разликата. Туристот конзумира разлика. Но производството на културна разлика не е бесконечно. Таа не е „само“ имагинативна. Има корени во јазикот, пејзажот, архитектурата, обичаите, вкусот, мирисот. Таа е многу физичка. Што повеќе се искористува или зема, помалку останува. Општественото може да произведува само толку „значење“, само толку разлика. Штом ја снема, ја нема. Низ вековите можеби одредено свето место привлекувало милиони аџии – а сепак и покрај сето гледање и восхитување и молење и купување сувенири, тоа место го задржало своето значење. А денес – после 20 или 30 години туризам – тоа значење е изгубено. Каде отиде? Како се случи ова? Вистинските корени на туризмот на се наоѓаат во аџилакот (или пак во „праведната“ трговија), туку во војната. Силувањето и грабежот беа оригиналните облици на туризам, или уште подобро, првите туристи следаа веднаш по војната, како човечки мршојадци коишто чепкаат по лешовите на военото поле барајќи имагинарен плен – слики (images). Туризмот се појави како симптом на Империјализмот кој беше тотален – економски, политички, духовен. Она што е навистина зачудувачки е што толку малку туристи се убиени од толку мала шака терористи. Можеби постои тајно соучество меѓу овие двајца непријатели од огледалото. Обата се бегалци, ослободени од сите синџири, лутајќи во морето од слики. Терористичкиот акт постои единствено во сликата на тој акт, без CNN, тој останува само грч од бесмислена суровост. А актот на туристот постои единствено во сликите на тој акт, фотографиите и сувенирите; инаку не останува ништо освен едноличните писма на компаниите за кредитни картички и остаток од „слободна километража“ од некоја авиокомпанија во распаѓање. Терористот и туристот можеби се најотуѓени од сите продукти на постимперијалниот капитализам. Амбис од слики ги разделува од предметите на нивните желби. На чуден начин тие се близнаци. Никогаш ништо навистина не го допира животот на туристот. Секој акт на туристот е посредуван. Секој што некогаш видел фаланга од Американци или автобус полн Јапонци коишто напредуваат кон некоја урнатина или ритуал, мора да забележал дека дури и нивниот колективен вкочанет поглед е посредуван од медиумот на сестраното око на фотоапаратот, а дека разноврсноста на фотоапарати, видеокамери и рекордери формираат комплекс од сјајни крлушки на притисок во оклопот од чисто посредување. Ништо органско не навлегува преку оваа инсектоидна кожа којашто служи и како заштитен критичар и мандибула на грабливец, сликајќи слики, слики, слики. Во својата најесктремна форма ова посредување го добива обликот на тура со водич, во којашто секоја слика е интерпретирана од лиценциран експерт, психопомпа или водич на Мртвите, виртуелен Вергилиј во Пеколот на бесмисленоста – низок службеник на Централниот Дискурс и неговата метафизика на присвојување – макро на бестелесни екстази. Вистинското место на туристот не е местото на егзотичното, туку местото неместо (буквално „утопија“) на полпат просторот, лиминалниот простор, меѓупросторот – просторот на самото патување, индустриската апстракција на аеродромот, или машинодимензијата на авионот или автобусот. Оттаму туристот и терористот – тие духови близнаци на аеродромите на апстракција – страдаат од идентична глад за автентичното. Но автентичното отстапува кога и да се доближат. Фотоапарати и пушки стојат на патот на тој момент на љубов што е скриениот сон на секој терорист и турист. За нивната тајна несреќа, сe што можат да сторат е да уништуваат. Туристот го уништува значењето, а терористот го уништува туристот. Туризмот е апотеозата и сржта на „Фетишизмот на стоката“. Тој е крајниот Карго култ (Cargo Cult)(1) – обожувањето „добра“ коишто никогаш нема да пристигнат, затоа што се величени, издигнати до слава, претворени во божества, обожувани и апсорбирани, сето тоа на полето на чистиот дух, преку реата на смртноста (mortality) или моралноста (morality). Кога купувате туризам не добивате ништо освен слики. Туризмот, како и Виртуеланта реалност, е облик на Гносис, на телоомраза и трансцеденција на телото. Крајното туристичко „патување“ ќе се случи во Киберпросторот, и ќе биде: КиберГносис SM_ Патување во паранирвана
|