за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови
КРАТКА
ИСТОРИЈА НА НЕОЛИБЕРАЛИЗМОТ; Организаторите на конференцијата ме замолија накратко да ја изложам историјата на неолиберализмот којашто тие ја насловија „Дваесет години на елитна економија“. За жал, морам да истакнам дека за сето ова да има некаква смисла морам да започнам хронолошки од поодамна, некои 50 години, веднаш по завршувањето на Втората Светска Војна. Во 1945 или 1950, доколку некој сериозно предложел некоја од идеите и политиката на денешниот стандарден неолиберален арсенал, би бил исмеан или испратен во лудница. Барем во западните земји, во тоа време, сите биле кејнезијанци, социјал-демократи или социјал-христијански демократи или некаква нијанса на марксисти. Идејата дека пазарот би требало да носи суштински општествени и политички одлуки; идејата дека државата доброволно би требала да ја намали својата улога во економијата, или дека на корпорациите треба да им се даде целосна слобода, дека синдикатите треба да бидат зауздани, а на граѓаните да им се даде многу помала социјална заштита – таквите идеи биле целосно непознати за духот на времето. Дури и ако некој навистина се согласувал со тие идеи, тој би се двоумел околу заземањето јавен став по тоа прашање и би имал проблеми да најде некој што би го слушал. Колку неверојатно да звучи тоа денес, особено за помладите претставници во публиката, ММФ и Светската Банка беа сфаќани како прогресивни институции. Понекогаш беа нарекувани Кејнезијанските близнаци, затоа што беа замислени од Кејнс (Keynes) и Хари Декстер Вајт (Harry Dexter White), едни од најблиските советници на Френклин Рузвелт. Кога овие институции беа создадени во Бретон Вудс 1944, нивниот мандат беше да помогнат во спречувањето идни конфликти преку позајмици за реконструкција и развој, и преку изедначување на привремeниот баланс на проблемите со исплата. Тие немаа контрола врз индивидуалните економски одлуки на владите, ниту пак нивниот мандат вклучуваше дозвола да интервенираат во националната политика. Кај западните нации, државата на благосостојба и Њу Дилот веќе беа зачнати во 1930-тите, но нивното ширење беше попречено од војната. Првата наредба на бизнисот во повоениот свет беше тие повторно да се консолидираат. Другата главна тема на агендата беше да се покрене светската трговија – а ова беше постигнато со Маршаловиот план којшто повторно ја етаблира Европа како главен трговски партнер на САД, најсилната светска економија. А токму во ова време започнуваат да дуваат и силните ветришта на деколонизација, без оглед дали слободата беше доделена како во Индија или извоена преку вооружена борба како во Кенија, Виетнам и другите нации. Во целина, светот се согласил за една крајно прогресивна агенда. Големиот научник Карл Полањи (Karl Polanyi) го издава своето ремекдело Големата трансформација во 1944, остра критика на индустриското, пазарно засновано општество на 19 век. Пред повеќе од 50 години Полањи ја даде оваа зачудувачки пророчка и модерна изјава: „Да се дозволи пазарниот механизам да биде единствениот режисер на судбината на човечките суштества и нивното природно опкружување... ќе резултира со уништување на општеството [p. 73]. Меѓутоа, Полањи бил убеден дека таквото уништување не би можело да се случи во повоениот свет затоа што, како што вели тој [p. 251], „Внатре нациите, сведоци сме на развој во кој економскиот систем престанува да го одредува законот во општеството, а приматот на општеството над системот е осигуран“. За жал, оптимизмот на Полањи е ставен на погрешно место – целата поента на неолиберализмот е дека на пазарниот механизам би требало да му се дозволи да ја диктира судбината на човечките суштества. Економијата би требало да ги наметнува своите правила врз општеството, а не обратно. И токму како што Полањи предвидел, ова доктрина директно нe води кон „уништување на општеството“. Тогаш што се случило? Зошто сме ја достигнале оваа точка половина век по завршувањето на Втората Светска Војна? Или, како што организаторите прашуваат, „Зошто ја имаме оваа конференција токму сега“? Краткиот одговор е: „Поради серијата неодамнешни финансиски кризи, особено во Азија“. Но ова значи донесување заклучок однапред– прашањето што тие навистина го поставуваат е: „Како воопшто се развил неолиберализмот од неговото ултра-малцинско гето за денес да постане доминантната светска доктрина? Зошто ММФ и Светската Банка можат да интервенираат по нивна желба и да ги принудуваат земјите да учествуваат во светската економија под, во основа, неприфатливи услови. Зошто државата на благосостојба е под закана во сите земји каде што била остварена? Зошто животната средина е на работ на колапс и зошто има толку многу сиромашни луѓе и во богатите и во сиромашните земји во време во коешто како никогаш досега постои толку големо богатство? Тоа се прашањата кои што мораат да бидат одговорени од историска перспектива. Како што тврдев во американскиот тромесечник Dissent, едно објаснување за овој триумф на неолиберализмот и економските, политички, социјални и еколошки катастрофи коишто одат заедно со него е дека неолибералите купиле и платиле за сопствената злобна и регресивна „Голема трансформација“. Тие сфатиле, за разлика од прогресивците, дека идеите имаат последици. Започнувајќи од еден мал ембрион на Универзитетот во Чикаго со филозофот-економист Фридрих вон Хајек и неговите студенти како Милтон Фридман во неговиот нуклеус, неолибералите и нивните основачи создадоа огромна меѓународна мрежа од фондации, институти, истражувачки центри, публикации, научници, писатели и ненадарени односи со јавност со цел безмилосно да ги развијат, спакуваат и наметнат нивните идеи и доктрина. Тие го создадоа овој крајно ефикасен идеолошки кадар затоа што сфаќаат за што зборувал италијанскиот марксистички мислител Антонио Грамши кога го развил неговиот концепт за културна хегемонија. Доколку можеш да ги освоиш главите на луѓето, нивните срца и раце ќе следат. Јас немам време овде да посочувам детали, но верувајте ми, идеолошката и промотивна работа на десницата била апсолутно брилијантна. Тие имаат потрошено стотици милиони долари, но резултатот за нив е вреден секое пени, бидејќи успеаја неолиберализмот да го претстават како природна и нормална состојба на човештвото. Без оглед колку многу видливи катастрофи (од секаков вид) да има предизвикано неолиберализмот, без оглед какви финансиски кризи да поттикнува, без оглед колку губитници и отпадници да создава, тој сe уште е создаден да изгледа неизбежен, како некое Божје дело, единствениот можен економски и општествен поредок нам достапен. Дозволете ми да истакнам колку е важно да се разбере дека овој широк неолиберален експеримент во кој сме присилени да живееме е создаден од луѓе со одредена цел. Штом еднаш го сфатите ова, штом разберете дека неолиберализмот не е сила налик гравитацијата туку во потполност вештачки конструкт, исто така можете да разберете дека она што одредени луѓе го создадале, други луѓе можат да го променат. Но не можат да го променат без да го признаат значењето на идеите. Јас сум целосно за грасрут проекти, но исто така предупредувам дека тие ќе пропаднат доколку целата идеолошка клима е непријателски настроена кон нивните цели. На тој начин, од мала, непопуларна секта со речиси никакво влијание, неолиберализмот постана главната светска религија со својата догматска доктрина, нејзиното свештенство, нејзините законодавни институции и можеби најважно од сe, нејзиниот пекол за неморалните и грешните кои се осмелуваат да ја порекнуваат откриената вистина. Оскар Лафонтен, бившиот германски Министер за Финансии кого што Financial Times го нарече „нереконструираниот кејнзијанец“ туку што беше испратен во тој пекол затоа што се осмели да предложи повисоки даноци за корпорациите и даночни олеснувања за обичните и не толку добростоечките семејства. Имајќи ја поставена идеолошката сцена и контекст, дозволете ми сега да одам понапред, односно во последните дваесеттина години. Тоа значи 1979, годината кога Маргарет Тачер дојде на власт предводејќи ја неолибералната револуција во Британија. Челичната дама беше самата следбеник на Фридрих вон Хајек, таа беше социјалдарвинист и немаше никаква несигурност во искажувањето на нејзините убедувања. Таа беше добро позната по оправдувањето на нејзината програма со зборот TINA, кратенка од There Is No Alternative (Нема Алтернатива). Централната вредност на Тачеровата доктрина, а и на самиот неолиберализам е поимот на конкуренција – конкуренција меѓу нациите, регионите, претпријатијата и се разбира меѓу поединците. Конкуренцијата е централна бидејќи ги раздвојува овците од јагнињата, мажите од момчињата, спремните од неспремните. Таа би требало да ги алоцира сите ресурси, без оглед дали физички, природни, човечки или финансиски со најголема можна ефикасност. Како крајна спротивност, големиот кинески филозоф Лао Цу го завршува својот Тао-те Чинг со овие зборови: „Пред сe, не се натпреварувај“. Единствените актери во нео-либералниот свет кои изгледа го прифатиле неговиот совет се најголемите актери во неолибералниот свет, Транснационалните корпорации. Принципот на конкуренција во многу мала мера се однесува на нив; тие претпочитаат да го практикуваат она што би можеле да го наречеме Сојузнички Капитализам. Не е случајно што, во зависност од годината, две третини или три четвртини од сите пари именувани како „Директна странска инвестиција“ не се наменети за нови инвестицици кои би отвориле нови работни места туку за Здружување (Mergers) и Набавка (Acquisitions) коишто речиси неизбежно водат кон затворање на работни места. Бидејќи конкуренцијата секогаш е доблест, нејзините резултати не можат да бидат лоши. За неолибералите, пазарот е толку мудар и толку добар што како и Бог, Невидливата Рака може од очигледното зло да направи добро. Оттаму, во еден нејзин говор Тачер ќе рече, „Наша задача е да уживаме во нееднаквоста и да бидеме сигурни дека талентираните и способните имаат доволно простор да се докажат за корист на сите нас“. Со други зборови, не грижете се за оние кои можат да бидат оставени назад во конкурентната борба. Луѓето по природа се нееднакви, но ова е добро затоа што придонесот на добро родените, најдобро образованите, најсилните, на крај ќе биде од корист за сите. Ништо посебно не им се должи на слабите, лошо образованите, она што ним им се случува е нивна грешка, никогаш грешка на општеството. Доколку на конкурентниот систем му се „даде простор“ како што вели Маргарет, општетсвото ќе биде подобро. За жал, историјата во последниве дваесет години н? учи дека се случува токму спротивното. Во предтачеровска Британија, околу една личност од десет беше класифицирана како живее под линијата на сиромаштија, не баш брилијантен резултат, но достоен за почит со оглед дека тоа е многу подобро отколку во предвоениот период. Денес една личност од четири, и едно дете од три официјално е сиромашно. Ова е значењето на опстанокот на најсилните; луѓе кои не можат да ги греат своите домови во зима, кои мораат да стават паричка во мерачот пред да можат да добијат струја или вода, кои не поседуваат зимски капут, итн. Овие примери ги земам од извештајот од 1996 на British Child Poverty Action Group. Резултатот од Тачер-Мејџоровите „даночни реформи“ ќе го илустрирам со еден единствен пример: Во текот на 1980-тите, еден процент од даночните обврзници добиваше 29 проценти од целосните бенифиции од редуцирањето на данокот, така што на една личност што заработува половина од просечната плата и следува 7 процентно зголемување на данокот, додека личност што заработува 10 пати повеќе од просечната плата добива намалување од 21 процент. Уште една импликација на конкуренцијата како централна вредност на неолиберализмот е тоа што јавниот сектор мора брутално да биде редуциран затоа што не може да го следи основниот закон на натпревар за профит или поделба на пазарот. Приватизацијата е една од главните економски трансформации во изминатите дваесет години. Трендот започна во Британија и се рашири низ светот. Дозволете ми да започнам со прашањето зошто капиталистичките земји, особено во Европа, најпрвин започнаа со јавниот сектор, и зошто многу од нив сe уште го прават тоа. Во стварноста, речиси сите јавни услуги го сочинуваат она што економистите го нарекуваат „природен монопол“. Природниот монопол постои кога минималната големина која ја гарантира максималната економска ефикасност е еднаква на вистинската големина на пазарот. Со други зборови, една компанија мора да биде доволно голема да реализира економија од обем и оттаму да ја обезбеди најдобрата можна услуга по најниска можна цена за потрошувачот. Јавните услуги исто така изискуваат многу големи издатоци за инвестиции на почетокот – како железничките пруги и електричните мрежи – што исто така не ја поттикнува конкуренцијата. Затоа јавните монополи беа најочигледното оптимално решение. Но неолибералите сето јавно го дефинираат како ipso facto „неуспешно“. Што се случува кога ќе се приватизира природниот монопол? Сосем нормално и природно, новите капиталистички сопственици тежнаат да ги наметнат монополските цени на јавноста, истовремено богато наградувајќи се себеси. Класичните економисти овој исход го нарекуваат „структурален неуспех на пазарот“ затоа што цените се повисоки отколку што би требало да бидат, а услугата кон потрошувачите нужно не е добра. Со цел да се спречат структуралните неуспеси на пазарот, сe до средината на 1980-тите, капиталистичките земји од Европа речиси универзално ги доверија поштите, телекомуникациите, електрицитетот, гасот, железниците, метроата, авиотранспортот и вообичаено останатите услуги како вода, собирање отпадок, итн., на монополи во државна сопственост. САД се голем исклучок, веројатно затоа што географски се преголеми за да поткрепуваат природни монополи. Во секој случај, Маргарет Тачер тргна да го промени сето тоа. Како дополнителен бонус, таа исто така би можела да ја користи приватизацијата за да ја разбие моќта на синдикатите. Со уништувањето на јавниот сектор каде што синдикатите беа најсилни, таа успеа драстично да ги ослаби. Оттаму, помеѓу 1979 и 1994, бројот на работни места во јавниот сектор во Британија беше редуциран од 7 милиони на 5 милиони, пад од 19 проценти. Во суштина сите овие работни места беа синдикално организирани работни места. Бидејќи вработувањето во приватниот сектор стагнираше во текот на овие 15 години, севкупната редукција во бројот на британски работни места достигна 1,7 милиони, пад од 7% споредено со 1979. за неолибералите, помалку работници секогаш е подобра опција од повеќе затоа што работниците влијаат на вредноста на акциите. Што се однесува до останатите ефекти на приватизацијата, тие беа предвидливи и беа предвидени. Директорите на новите приватизирани претпријатија, честопати истите луѓе од порано, двојно или тројно ги зголемија сопствените плати. Владата користеше пари од даночните обврзници за да ги избрише долговите и стабилизира фирмите пред да ги стави на продажба на пазарот – на пример, водоводот доби 5 милиони фунти даночно олеснување плус 1,6 милијарди фунти наречени „зелен мираз“ за невестата да изгледа попривлечно за можните купувачи. Голема вознемиреност во Односите со јавност се подигна во врска со тоа колку мало учество акционерите ќе имаат во овие компании – а всушност 9 милиони Британци купуваат акции – но половина од нив инвестираат помалку од илјада фунти, а повеќето од нив ги продаваат своите акции прилично брзо, штом бидат во можност да добијат пари на моменталните профити. Од резултатите може лесно да се согледа дека целата поента на приватизацијата не е ниту економска ефикасност или подобрени услуги за потрошувачите, туку едноставно префрлување на богатството од јавната благајна – коешто би можело да биде редистрибуирано за да се изедначат социјалните разлики – во приватни раце. Во Британија и на други места, големото мнозинство акции на приватизираните компании сега се во рацете на финансиски институции и многу големи инвеститори. Вработените од British Telecom откупија само 1 процент од нивните акции, оние на British Aerospace 1,3 проценти, итн. Пред бруталниот напад на Тачер, голем дел од јавниот скетор во Британија беше профитабилен. Следствено, во 1984, јавните компании учествуваа со над 7 милијарди фунти во буџетот. Сите тие пари сега одат кај приватните сопственици на акции. Услугите во приватизираните индустрии денес се често катастрофални – Financial Times објави извештај за инвазија на стаорци во водоводниот систем на Јоркшир, а секој кој го преживеал возењето со возови на Темза во Британија заслужува медал. Истите механизми функционираат и низ останатиот дел од светот. Во Британија, Институтот Адам Смит беше интелектуалниот партнер во создавањето на идеологијата на приватизација. USAID и Светската Банка исто така користеа експерти од Институтот Адам Смит и на Југот му ја наметнаа доктрината на приватизирање. До 1991 Светската Банка веќе имаше дадено 114 заеми за да го забрза процесот, а секоја година нејзиниот Финансиски извештај за глобалниот развој наведува стотици приватизации извршени во земјите каде што Банката врши позајмици. Сметам дека би требало да престанеме да зборуваме за приватизација и да користиме зборови коишто ја кажуваат вистината: ние говориме за отуѓување и предавање на она што го произвеле илјадници луѓе во текот на декади на малубројно малцинство од големи инвеститори. Ова е еден од најголемите застои на нашата и на која било генерација. Уште една структурна карактеристика на неолиберализмот се состои во плаќање на капиталот на штета на трудот, оттаму поместувајќи го богаството од дното на општеството кон врвот. Доколку сте, грубо говорејќи, во првите 20% од скалата на примања, многу веројатно е дека ќе извлечете нешто од неолиберализмот, а што повисоко сте на скалата, толку повеќе и добивате. Спротивно, во долните 80% сите губат, а што подоле се наоѓаат толку повеќе пропорционално и губат. За де не помислите дека сум го заборавила Роналд Реган, дозволете ми да ја илустрирам оваа поента со забелешките на Кевин Филипс, републикански аналитичар и поранешен помошник на претседателот Никсон, кој во 1990 издаде книга наречена “The Politics of Rich and Poor”. Тој го скицирал начинот на кој Регановата неолиберална доктрина и политика ја изменила американската дистрибуција на доходот во периодот помеѓу 1977 и 1988. Оваа политика беше во голема мера елаборирана од конзервативната Heritage Фондација, основниот мислител на Регановата администрација и сe уште важна сила во американската политика. За време на 1980-тите, горните 10% од американските семејства имаа зголемување на семејниот доход за 16%, горните 5% го зголемија својот доход за 23%, но крајно среќниот 1% од американските семејства би можеле да му се заблагодарат на Реган за зголемување од 50%. Нивните приходи, од обилни 270 000 долари достигнаа зашеметувачки 405 000 долари. Што се однесува до посиромашните Американци, во долните 80% сите загубија по нешто; точно според правилото, што подоле беа на скалата толку повеќе загубија. Долните 10% од Американците ја достигнаа најниската точка: според бројките на Филипс, тие загубиле 15% од нивните веќе скудни приходи: од веќе сиромашни 4 113 долари годишно, тие паднале на нечовечки 3 504 долари. Во 1977, највисокиот 1% од американските семејства имал просечен приход 65 пати поголем од оној на долните 10%. Деценија подоцна, највискиот 1% бил за 115 пати подобар од оној на последната десетка. Америка е едно од најнееднаквите општества во светот, но во суштина сите земји се соочуваат со растеж на нееднаквостите во последните двесеттина години како последица на неолибералната политика. UNCTAD објави некои ужаснувачки докази за овој ефект во нивниот Trade and Development report од 1977 година заснован на околу 2600 одделни студии за нееднаквостите во приходите, осиромашувањето и уништувањето на средните класи. Тимот на UNCTAD ги документира овие трендови во десеттина, во голема мера различни општества, вклучувајќи ја Кина, Русија и останатите поранешни социјалистички земји. Нема ништо мистериозно околу овој тренд кон поголема нееднаквост. Политиката е посебно дизајнирана за на веќе богатите да има дава уште порасположив приход, особено преку даночни олеснувања и смалувања на платите. Теоријата и идеолошката оправданост за таквите мерки е дека повисоките приходи за богатите и повисоките профити ќе доведат до поголеми инвестиции, подобра алокација на ресурсите, а оттаму и повеќе работни места и благосостојба за сите. Во стварноста, како што беше совршено предвидливо, придвижувањето на парите нагоре на економската скала доведе до заживување на берзата на акции, невидено богатство во акции за неколкумина, и вид на економска криза за којашто ќе слушаме многу во текот на оваа конференција. Доколку приходот е редистрибуиран во долните 80% од општеството, тој ќе биде искористен за потрошувачка и следствено ќе има корисно влијание врз вработувањето. Доколку богатството се редистрибуира кон врвот, каде што луѓето веќе ги имаат сите потребни нешта, тоа нема да оди во локалната или националната економија туку во меѓународните берзи. Како што сите сте свесни, истата политика се води и на Југ и на Запад под маската на структурално прилагодување, коешто е само уште едно име за неолиберализмот. Ги искористив Тачер и Реган за да ја илустрирам таа политика на национално ниво. На меѓународно ниво, неолибералите сите свои напори ги имаат фокусирано кон три фундаментални точки:
2. слободна циркулација на капитал 3. слобода на инвестирање
Заедничкиот именител на овие институции е нивниот недостиг на транспарентност и демократска обзирност. Ова е суштината на неолиберализмот. Тој тврди дека економијата би требало да ги диктитара правилата во општеството, а не спротивно. Демократијата е пречка. Неолиберализмот е дизајниран за победници, не за гласачи кои нужно ги опфаќаат и категориите на победници и на губитници. Би сакала да завршам замолувајќи ве да ја сфатите многу сериозно неолибералната дефиниција на губитник, кому не му следува ништо особено. Секој може да биде исфрлен од системот во секое време – заради болест, старост, бременост, воочлив неуспех, или едноставно затоа што економските услови и безмилосниот трансфер на богатство од врвот кон дното тоа го изискуваат. Вредноста на акциите е сe. Неодамна International Herald Tribune објави извештај дека странски инвестотори набрзина ги купуваат тајванските и корејски компании и банки. Неизненадувачки, овие купувања се очекува да резултираат со големи отпуштања. Со други зборови, она што со години е создавано со работата на илјадници Тајванци и Корејци се предава во странски корпорациски раце. Многу од оние кои работеле да го создадат тоа богатство веќе се, или наскоро ќе бидат оставени на улица. Според принципите на натпревар и максимизирање на вредноста на акциите, таквото однесување не се согледува како криминално неправедно, туку како нормално и навистина доблесно. Се сложувам дека неолиберализмот ја измени фундаменталната природа на политиката. Политиката примарно се однесуваше на тоа кој со кого владее, кој колкаво парче добива од питата. Остануваат аспекти од обете овие главни прашања, се разбира, но новото големо главно прашање на политиката, според мое мислење, е „Кој има право да живее, а кој не“. Сега на дневен ред е радикалното исклучување, а тоа го мислам сериозно. Ви кажав многу лоши вести, бидејќи историјата на последните дваесет години е полна со нив. Но не би сакала да завршам со таква депресивна и песимистичка забелешка. Многу нешта веќе се случуваат како отпор кон овие по животот заканувачки трендови, а постои и огромен спектар на натамошни делувања. Оваа конференција ќе помогне да се дефинира поголем дел од тоа делување, коешто според мене мора да вклучува и идеолошка офанзива. Време е ние да ја поставиме агендата наместо да им дозволиме тоа да го прават Господарите на светот во Давос. Се надевам дека фондерите исто така ќе сфатат дека не би требало да фондираат само проекти, туку исто така и идеи. Не можеме да сметаме дека неолибералите ќе го сторат тоа, затоа ние мораме да создадеме функционални и праведни меѓународни системи на оданочување, вклучувајќи го и Тобиновиот данок на сите монетарни и финансиски трансакции на пазарот и даноци на продажбата на Транснационалните корпорации на про-рата основа. Очекувам дека ќе работиме детално на таквите прашања на овдешните работилници. Добивката од меѓународниот даночен систем би требало да се насочи кон затворање на јазот меѓу Север-Југ и редистрибуција кон сите луѓе што биле ограбени во изминативе дваесет години. Дозволете ми да го повторам она што предмалку го кажав: неолиберализмот не е природна човекова состојба; тој не е натприроден, тој може да биде предизвикан и заменет затоа што неговите неуспеси ќе го изискуваат тоа. Ние мораме да бидеме спремни со политиката на замена којашто ја враќа моќта во заедниците и демократската држава истовремено работејќи на институционализација на демократија, владеењето на правото и праведна дистрибуција на меѓународно ниво. Бизнисот и пазарот си имаат свое место, но ова место не може да ја окупира целата сфера на човеково постоење. Следната добра вест е дека има многу пари кои се разливаат таму надвор, а мал дел, бесмислен, бесконечно мал дел од нив би биле доволни да обезбедат пристоен живот за секој поединец на земјата, да обезбедат универзално здравје и образование, да ја исчистат околината и да го спречат понатамошното уништување на планетата, да го затворат јазот Север-Југ – барем во согласност со UNDP кој повикува на безвредни 40 милијарди долари годишно. Тоа, искрено, се трошки. За крај, запомнете дела неолиберализмот можеби е ненаситен, но не е неранлив. Коалиција од интернационални активисти само вчера ги обврза да го напуштат, барем привремено, проектот да ги либерализираат сите инвестиции преку МАИ. Изненадната победа на неговите противници ги разбесни поддржувачите на корпарациското право и демонстрира дека добро организираните герилски мрежи можат да победуваат. Сега треба да ги регрупираме нашите сили и да ги одржиме насочени кон нив за да не можат да го префрлат МАИ на СТО. Гледајте го тоа на овој начин. На наша страна е бројноста, затоа што има многу повеќе губтници отколку победници во неолибералната игра. На наша страна се идеите, додека нивните конечно се ставаат под знак прашање поради постојаните кризи. Она што ни недостасува, засега, е организираноста и единството кои во ова доба на висока технологија можеме да ги надминеме. Заканата очигледно е транснационална, што значи дека и одговорот мора да биде транснационален. Солидарноста повеќе не значи помош, или не само помош, туку пронаоѓање на скриените синергии во заедничките борби, на начин на којшто што нашата бројчана сила и моќта на нашите идеи ќе преовладаат. Убедена сум дека оваа конференција силно ќе придонесе кон оваа цел и ви благодарам на вашето внимание. Приложено од Плоштад Слобода |