за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови
Секој ден е сe појасно дека глобалниот рак на капиталот и технологијата проголтува сe повеќе од животот во секоја сфера. Уште повеќе видови, култури и екосистеми се нападнати, на секое ниво. Ракот на мегамашината непрестано работи, конзумирајќи го неговиот домаќин. А доколку некогаш и запре, економскиот аларм се вклучува секаде во светот. Оваа бездушна колонизација/глобализација потпали бунтувања насекаде. Во оваа болна самрачна борба, како што кризата се продлабочува, дел од оваа опозиција го презеде очајниот облик на религиозен фундаментализам. Од овој очај изникнува крајниот гест на самоубиствено насилство, безнадежно и неодбранливо на секое ниво. Романописецот В.С. Најпол нe потсетува дека „Светот сe повеќе и повеќе е надвор од дофатот на едноставните луѓе, кои ја имаат само религијата. А што повеќе зависат од религија, што се разбира не решава ништо, светот толку повеќе станува надвор од дофат“. Но како што писателот Џозеф Лелифелд од Њу Јорк Тајмс (28.10.01) открива преку интервјуата со семејствата и поддржувачите, самоубиствените бомбаши се регрутираат со ветување, преку широко распространет повик меѓу незадоволната младина: „подобро смрт која има значење отколку бесцелен живот“. Хајдегер нашиот период од историјата го опиша како период на „усовршена бесмисленост“. Загубата на можноста за лично исполнување не е ограничена само на Третиот свет. Всушност, стандардизираната јаловост на Првиот свет е исто толку опустошувачка., на свој начин. Во постмодерната празнина што денес е отелотворена во САД, десетици милиони луѓе од сите возрасти земаат лекарства против депресија и вознемиреност. Не е незамисливо дека за не толку долго време, психотропните дроги рутински ќе им бидат препишувани на сите, започнувајќи од детството. А ова е само еден пример од листата на добро познати патологии кои ги премостуваат личните и општествените сфери. Зошто се луѓето волни, дури желни, да ја прифатат оваа од дроги предизвикана состојба како нормална за нив нивните деца? Можеби од страв, во последно време сe пораспространет. Адорно проникливо пишуваше за стравот од смртта: „Што помалку луѓето вистински живеат или, можеби поточно, што повеќе стануваат свесни дека вистински не живееле, толку погруба и позастрашувачка е смртта за нив и изгледа како ужасна несреќа“. За оние во САД на прагот од возрасниот живот, самоубиството е третата водечка причина за смрт. На секои две убиства има три самоубиства. Болен живот, бесмислен живот. Игнорирајќи ги сеприсутните стварности, American Spectator (септември 2001) се фокусира на анти-технолошкиот аспект на самоубиствените напади од 11/09. „Лудити над Бродвеј“ тврди дека само технологијата може да нe спаси, затоа што „природата е брутална, смртоносна и Дарвинска“. Спротиставувајќи ја „креативноста“ на „Лудичката“ сензибилност на напаѓачите, AS тврди дека креативноста е нашата клучна дарба. Тврдејќи дека креативноста цвета единствено под капитализмот, AS открива за каков вид на „креативност“ зборуваат – поткрепена со инструментален ум и втемелена во доминација. На ниту еден начин, по мое мислење, анти-технолошката, лудичка, примитивистичка визија на анархијата нема каква било врска со злобните женомрзци и теократски типови како Бин Ладен. Што не значи дека безмилосното технологизирање на светот не би требало да биде обвинето и преобратено. Како што психотерапевтот Роберт Маркезани неодамна напиша, „Што повеќе технологија имаме, толку повеќе се чини дека ги оптоваруваме и дехуманизираме луѓето, можеби претворајќи ги самите во такви парчиња технологија за да не можат повеќе да чувствуваат“. Во Турција, според некои анархисти таму, изграден е мост од религиозниот фундаментализам кон примитивизмот, барем од неколкумина. Тие ја замениле ескапистичката (и оттаму секогаш реакционерна) утопија на животот после смртта со напорот да се спротистават на технологијата и капиталот овде и сега. Многу надежен, иако досега неадекватно дискутиран феномен. Пред околу две години (Tikkun, јан/фев 1999), Дејвид Ехренфелд го предвиде „Доаѓачкиот колапс на добата на технологијата“. Неговиот заклучок: „Техно-економската глобализација се доближува до својот врв; системот се самоуништува. Преостанува само краток, но многу уништувачки период на експанизја“. За да го спречиме колапсот и избегнеме понатамошното малтретирање, ние мораме да пронајдеме решенија, обновување и солидарност. Суштествено е да ја започнеме неизбежната деконструкција на технологијата енергично и свесно. Оние што ќе изберат пасивно да ги пребродат сe полошите лични, општествени и планетарни услови, или да се запалат во самоубиствени чинови на терор, се фундаментално немоќни против масивно деструктивниот систем. „Никој не можеше да поверува дека овие огромни кули можат толку лесно да се срушат“, изјави еден репортер на CNN на 11 септември. Тие се срушија, општествени системи па дури и цивилизации се рушат, овој поредок ќе се сруши. Креативниот отпор и одбивање никогаш не биле толку потребни. Никогаш влогот не бил толку голем; никогаш можеби можноста за ослободување од смртоносниот без иднина марш на цивилизацијата не била поостварлива.
|