за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови

Контрола на нашите животи - Ноам Чомски

Предавање, 26.02.2000, Кива Аудиториум, Албакерки, Њу Мексико

Не претерувам кога велам дека желбата за контролирање на нашите животи е доминантна тема на светската историја, особено во неколкуте последни векови на драматични промени во „човечките односи и светскиот поредок“. Темата е преопширна за сега да би дискутирале на неа и затоа малку ќе ја скратам. Како прво, ќе се држам до сегашните манифестации и корени на таа тема, истовремено обраќајќи внимание на она што би можело да нe очекува. Исто така, ќе се држам до глобалниот простор кој сигурно е единствениот домен во кој тие проблеми се јавуваат.
Светските проблеми се дефинираа, имајќи го предвид предочувањето за суверенитетот како право на политичките ентитети да одат по својот пат кој може да биде добар или лош, но без мешање однадвор. Во вистинскиот свет мешањето однадвор би значело високо концентрирана моќ со главно седиште во Соединетите Американски Држави. Различни зборови беа употребувани за да се опише таа концентрирана светска сила, зависно од тоа кој аспект на суверенитет и слобода го имаме на ум. Понекогаш велиме Вашингтон, или Волстрит, или НАТО, или меѓународната економска бирократија (СТО, Светската банка, ММФ), или Г7 (богатите западни индустриски земји), или Г3, или, најточно, Г1. доколку сакаме темелно да ја опишеме таа концентрирана моќ ќе кажеме дека таа е спектар на мегакорпорации, често меѓусебно поврзани со сојуз на држави кои управуваат со економијата која е на некој начин корпоративен меркантилизам, кој сe повеќе прераснува во олигархија и се ослонува на државната моќ како би го социјализирал ризикот и цената и би ги зауздил непослушните елементи.
Проблемите на суверенитетот се јавија во два домена во текот на 1999 година. Едниот претставува суверено право според кое сме сигурни од воена интервенција. Тука се поставуваат прашањата за светскиот поредок базиран на суверени држави. Другиот домен е сувереното право за социо-економската интервенција. Овде се поставуваат прашањата за светската доминација на мултинационалните корпорации, особено на финансиските институции во изминатите неколку години, како и за целосната рамка конструирана да ги задоволи нивните интереси. Сите тие проблеми драматично се искажаа во Сиетл во ноември 1999 година.
Првата категорија, значи воената интервенција беше многу жива тема минатата година. Два случаја добија особено внимание и важност – Истичен Тимор и Косово, по обратен редослед што е многу интересно бидејќи на тој начин тоа го менува и времето и важноста. За тие теми би можело многу да се каже, а имаме многу нови сознанија за нив. Доколку сакате да се вратите на тоа покасно во своите прашања, добро. Ќе бидам среќен што можам да разговарам за таа голема, поучна и важна тема, но времето е кратко. Ќе се фокусирам и ќе се држам до друга тема, иако и тука ќе ги скратам работите. Се работи за прашањето на суверенитет, човекови права, прашања кои се јавуваат во социо-економскиот контекст. Тоа е мал дел од целата оваа тема.
Прво, општата мисла – суверенитетот како таков не е вредност. Вредност е додека е во врска со слободата и правата, било да ги зголемува или смалува. Ќе земам здраво за готово нешто што на прв поглед е очигледно, но во суштина е контроверзно – кога говориме за слободата и правата во главата имаме човечки суштества; со други зборови луѓе од крв и месо, а не апстрактни политички и правни конструкции како што се корпорациите или државите или капиталот. Доколку тие ентитети поседуваат некои права, што е под знак прашање, тогаш нивните права би требало да произлегуваат од правата на луѓето. Тоа е централната класична либерална доктрина. Покрај тоа, тоа е со векови главниот принцип на човекова борба, меѓутоа тој има голема опозиција – службената доктрина: центрите на богатство и привилегија. Истата работа се случува и во политичкото и во социо-економското подрачје. Ќе ве замолам ова прашање да го ставите на страна неколку минути за да би можел да кажам неколку работи за целата позадина.
Политичкиот свет е познат по слоганот „народниот суверенитет во власта составена и избрана од луѓето и за луѓето“, но во практика работите се поинакви. Практиката луѓето ги смета за непријатели. Луѓето треба да се контролираат за нивно добро. Тоа можеме да го видиме далеку низ историјата, во најраните демократски револуции од седумнаесеттиот век во Англија и во северноамериканските колонии еден век подоцна. Во обата случаи, демократите беа победени, не потполно и дефинитивно не трајно. Во Англија во седумнаесеттиот век мнозинството население не сакаше со нив да владее крал или парламент. Сетете се дека кралот и парламентот беа два противника во стандардната верзија во граѓанската војна, но како и во мнозинството граѓански војни, добар дел од популацијата не го сакаше ниту едниот од нив. Добар дел од популацијата сакаше, како што и се изразија во своите памфлети, владеење на „селаните налик нас, кои ги имаат на ум нашите потреби“, а не „витези и господа кои прават закони наменети единствено за плашење и искористување и на кои човековите страдања не им се познати“.
Тие исти идеи ги поттикнаа бунтовните фармери во колониите еден век подоцна, но конститутивниот систем беше поинаков. Го спречуваше тој ерес. Целта на конститутивниот систем беше да го „штити малцинството од мнозинството“ и да осигура дека со „земјата владеат оние кои ја поседуваат“. Тоа се зборови на таткото на уставот Џејмс Медисон и претседателот на Континенталниот конгрес, како и првиот врховен судија на Врховниот суд, Џон Џеј. Нивната концепција преовлада, но конфликтите продолжија. Постојано преземаат нови облици; моментално се живи. Елитната доктрина останува непроменета.
Во дваесеттиот век (ќе се придржувам овде до некаква либерална прогресивна страна на спектарот – другата страна е многу посурова) народот се смета за „неук и досадно нестручен“ кој има улога на набљудувач, а не „учесник“, освен во повремени прилики кога може да бира меѓу претставниците на приватната моќ. Тоа го нарекуваме избори. За време на изборите мислењето на јавноста е небитно доколку е во судир со барањата на богатото малцинство кое владее со земјата. Во суштина, тие работи токму сега се случуваат.
Еден зачудувачки пример (а ги има многу) се однесува на светскиот економски поредок – трговските спогодби. Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани строго се противат на работите кои се случуваат, но тие проблеми не се појавуваат на изборите. За време на изборите тоа не е тема бидејќи центрите на моќ, богатото малцинство, сложно ги поддржуваат втемелените посебни видови на социо-економски поредок. Затоа таквите теми не се појавуваат. Расправаат за работи за кои премногу не се грижат, на пример прашања за карактерот или реформата за која знаат дека нема да се случи. Околу тоа се дискутира, а не за работите кои ги загрижуваат луѓето. Многу типично и смислено доколку знаеме дека улогата на масата, неуките и досадни лаици, е набљудување. Доколку јавноста, како што често и се случува, бара начин да се организира и вклучи во политиката за да би можела да учествува и да ги претстави своите проблеми, тоа претставува проблем. Тоа не е демократија, туку „криза на демократијата“ која мора да се совлада. Повторно цитирам. Сето тоа се цитати на либералната, прогресивната страна на модерниот спектар, но принципите се доста распространети, и последните дваесетипет години претставуваат еден од регуларните периоди кога се извршува голема кампања која би се обидела да ја совлада кризата на демократијата и да ја врати јавноста во нејзината правилна улога на апатични, пасивни и покорни набљудувачи. Тоа е политичко подрачје. Во социо-економското подрачје ќе наидете на нешто слично. Долго време траеја паралелните, тесно поврзани судири. Во раните денови на индустриската револуција во САД, значи во Нова Англија пред 150 години, постоеше жив независен работнички печат кој го водеа млади жени или градски занаетчии. Тие ја презираа „деградацијата и подреденоста“ на новонастанатите индустриски системи кои ги присилуваа луѓето да се изнајмуваат за да преживеат. Вредно е да се присетиме, и тешко е да се присетиме, можеби, дека наемната работа во тоа време не се сметаше за многу поинаква од ропството; тоа не го сметаа само работниците во фабриките туку и мнозинството на меинстримот – на пример Абрахам Линколн, или Републиканската партија, дури и уводниците во Њујорк Тајмс. Работниците се противеа на враќањето на „монархиските принципи“ во индустрискиот систем, и бараа оние кои работат во фабриките да ги поседуваат фабриките – духот на републиканизмот. Го презираа „новиот дух на времето – богатењето на начин да не мислиш на никој освен на себе“, понижувајќи ја и деградирајќи ја визијата на човековиот живот која мора да биде со сила натерана во човековиот ум со помош на голем труд, а тоа , во суштина, се случуваше со векови.
Во дваесетиот век литературата на индустријата за односи со јавноста обезбедува богати и поучни упатстава кои кажуваат како да се улие „новиот дух на времето“ преку креирање на уметнички потреби, или (цитирам) „устројување на мислите на ист начин на кој војската ги устројува своите војници“ како и поттикнување на филозофијата на испразност и недостаток на смисол за живот тако што човековото внимание да се насочи кон „површни нешта кои вклучуваат модерна потрошувачка“. Доколку тоа може да се изведе, луѓето ќе ги прифатат бесмислените и покорни животи кои им се наменети и ќе заборават на субверзивните идеи за преземање на контролата врз сопствените животи.
Тоа е голем проект на општествено измудрување. Трае веќе со векови, но во последниот век постана интензивен и голем. Се изведува на многу начини. Некои од начините ги споменав пред малку, тие се многу добро познати па нема да ги илустрирам. Некои начини ја ослабнуваат сигурноста, на пример заканата за преместување на работата. Една од главните последици на погрешно наречените „трговски договори“ (нагласувам „погрешно наречени“ бидејќи ним не им е грижа за слободниот пазар; имаат силни анти-пазарни елементи од разни видови и дефинитивно не се „договори“, барем што се однесува до луѓето бидејќи луѓето воглавно им се противат) е истакнување на заканата за преместувања на работата – тоа не мора да биде вистинито, туку само закана (понекогаш и е вистинито), а присилувањето на дисциплина по пат на ослабување на сигурноста е добар начин.
Друго средство, се извинувам на техничката терминологија, би било промовирање на флексибилноста на берзата на труд. Ќе ја цитирам Светската банка која многу едноставно го објаснува проблемот. „Зголемувањето на флексибилноста на берзата на труд – и покрај лошото име кое го доби како еуфемизам за намалувањето на платите и отпуштањето работници (што таа, во суштина, и е) е неизбежно во сите региони на светот... Најважните реформи вклучуваат зголемени ограничувања на мобилноста на работниците и флексибилност на платите, токму како и прекинувањето на врските меѓу општествените услуги и работните договори“. Тоа значи пресекување на придобивките и правата за кои со генерации со горчина се боревме.
Кога говорат за зголемување на ограничувањата на флексибилноста на платите мислат на смалување на флексибилноста на платите, а не на зголемување. Мобилноста на работништвото не значи дека луѓето можат да се движат каде ќе посакаат, како што говори теоријата на слободниот пазар уште од Адам Смит, туку право работниците да се отпуштат кога на шефот ќе му падне на памет. А според моменталната верзија на глобализацијата темелена на инвестиции, капиталот и корпорациите се тие кои имаат слобода на движење, но не и луѓето, бидејќи нивните права се на друго место.
Овие „итно потребни реформи“, како шти ги нарекува Светската банка, се наметнати во голем дел од светот како услов за ратификација со Светската банка и ММФ. Условите за ратификација во богатите, индустриски земји се представени со други средства кои имаа ефекти. Ален Гринспан сведочеше во Конгресот дека „поголемата работничка несигурност“ е важен фактор за „економијата од бајките“. На тој начин инфлацијата не расте бидејќи работниците се плашат да прашаат за платите и повластиците. Несигурни се. Тоа јасно се гледа во статистичките резултати. Во последните дваесетипет години, во период на враќање наназад, во време на криза на демократијата, платите се намалија за мнозинството работници, работните часови се зголемија – постанаа највисоки во индустрискиот свет, а тоа се разбира го забележа и бизнис печатотот кој тоа го опиша како „срдечно дочекан развој од неизмерно значење“, развој кој ги примора работниците да ги напуштат своите „луксузни начини на живот“, додека профитот на корпорациите е „заслепувачки“ и „чудесен“ (Вол Стрит Журнал, Бизнис Вик и Фортун). Во државите кои зависат од нас, на располагање имаат помалку деликатни мерки. Една од нив е „криза на долгот“, која може да се поврзе со политиката на Светската банка и ММФ во седумдесетите, како и фактот дека богатите од третиот свет се, во најголема мера, ослободени од општествените должности. Латинска Америка претставува драматичен пример за тоа. „Кризата на долгот“ претставува нешто, но мораме внимателно да разгледаме што е тоа. Тоа во ниту еден случај не е банален економски факт. Тоа е идеолошка творба на умот. Она што се нарекува „долг“ би можело да биде решено на многу едноставни начини.
Еден начин е моќниците да се придржуваат на капиталистичкиот принцип според кој мораат да му платат на изнајмувачот, а изнајмувачите се тие кои мораат да ризикуваат. На пример, доколку ми позајмиш пари јас ги испратам во банка во Цирих и купам нов мерцедес, а ти се вратиш и ми ги бараш парите назад, не можам да ти кажам: „Извини. Ги немам. Земи од мојот сосед“. Доколку не сакаш да ризикуваш со заемот, не можеш да кажеш: „Мојот сосед ќе плати“. Но работите така стојат во светот. Тоа е „криза на долгот“. Долгот не го плаќаат оние кои го позајмиле – воените диктатори, нивните стари познаници, богатите и привилегирани во високо авторитарните општества кои ние ги поддржувавме – тие не мораат да платат. Да ја земеме како пример Индонезија каде што моменталниот долг изнесува 140% од бруто домашниот производ. Парите ги позајмиле воените диктатори и нивните пријатели и можеби уште стотина луѓе, но долгот мора да го отплати народот кој е подложен на остри мерки на строгост. А водачите во најголема мера се осигурани од ризик. Добиваат осигурување од ризик по пат на разни општествени осигурувања, префрлувајќи ги на пореските обврзници од Север. Тоа е една од функциите на ММФ. Слична состојба е и во Латинска Америка, што укажува на едноставен начин на решавање на проблемот со долгот (или неговиот поголем дел), доколку некој верува во капиталистичкиот принцип, кој е, се разбира, неприфатлив; бидејќи товарот го става на погрешни луѓе – на богатото малцинство.
Има уште добро познати начини за елиминирање на долгот кои покажуваат дека тој е идеолошка творба на умот. Освен капиталистичкиот принцип, туку е уште еден метод, а тоа е меѓународниот закон кој го претставија САД кога, како што кажуваат историските написи, ја „ослободија“ Куба, што значи дека ја освоиле за таа сама да не би се ослободила 1898 од Шпанија. Тогаш го укинаа долгот на Куба кон Шпанија врз основа на совршено разумни причини – долгот беше наметнат на народот. Долгот беше наментат со присилни методи. Тој настан влезе во меѓународниот закон и тоа најмногу по американска иницијатива. Се нарекува принцип на неприфатен долг. Таков долг мора да биде онеспособен, не треба да биде платен. Американскиот извршен директор на ММФ примети дека долгот на третиот свет би бил поништен доколку тој принцип е на располагање на жртвите, а не на богатите.
Но така не може да биде. Неприфатениот долг е моќно оружје на контрола и не може да биде поништен. Благодарејќи на тој метод, економијата на околу половина од светското население е во рацете на бирократите од Вашингтон. Исто така, околу половина од светската популација (не истата половина, се преклопуваат) е подвргната на еднострани американски санкции, а тоа е вид на економска присила која, повторно, силно го ослабува суверенитетот и постојано се осудува, неодамна ОН ја прогласи за неприфатлива, но ниту тоа не прави разлика.
Во богатите земји постојат многу средства со помош на кои се добива истиот резултат. Ќе се вратам на тоа, но пред тоа неколку зборови за работите кои не смееме да ги заборавиме – средствата кои се користат во сателитските држави се брутални. Во Ел Салвадор пред неколку години исусовците организираа конференција на која се разгледуваше проектот на државен тероризам во осумдесетите и неговото продолжување кое го наметнаа победниците со социо-економската политика. Конференцијата особено внимание посвети на преостаната „култура на терор“ која трае и откако вистинскиот терор исчезнува, и која има резултат на „припитомување на очекувањата на мнозинството“, мнозинството кое отфрла каква било помисла за „алтернатива на барањата на моќниците“. Ја научија лекцијата Нема Алтернатива (There Is No Alternative) – TINA – суров израз кој го измисли Меги Тачер. TINA е сега познат слоган на корпорациската верзија на глобализацијата. Во сателитските држави голем успех на терористичките операции беше уништувањето на секоја надеж која настанала во Јужна и Средна Америка во седумдесетите, а била инспирирана со организирањето на луѓето во регионот како и со „подобриот избор за сиромашните“ во црквата која беше грубо казнувана заради отстапувањето од своето примерно однесување.
Повторно би можел многу од тоа да кажам, но немаме многу време. Понекогаш лекциите од разните настани се објаснети доволно точно, но имаат свои граници. Моментално самите себе си ласкаме за нашиот успех во поттикнувањето на бранот демократија во јужноамериканските сателити. Во значајниот стручен осврт кој го напиша водечкиот експерт на таа тема, Томас Кародерс, работите се прикажани малку поинаку и поточно. Кародерс тврди дека пишува од перспектива на личност која е внатре бидејќи Регановата администрација во практика барала начин на кој би го очувала „основниот поредок... на многу недемократските општества“ и би ја избегнала „популистички втемелената промена“, како и би ја усвоила, исто како и неговите претходници, „продемократската политика како средство за намалување на притисокот за радикална промена, но неизбежно беше во потрага по ограничени, top-down облици на демократски промени кои не ја ризикуваа трката во традиционалните структури на моќ со кои САД беа во врска“. Безмалку точно – најточно би било да се каже дека „традиционалните структури на моќ со кои традиционалните структури на моќ во САД долго време беа во сојуз“, и тоа е исправно. Самиот Кородерс е незадоволен од исходот, но „либералната критика“ ја опишува како темелно погрешна. Таа критика старите дискусии ги остава „нерешени“, вели Кородерс, поради „нивните трајно слаби точки“. Трајно слабата точка е тоа што таа не обезбедува алтернатива на политиката на зајакнување на традиционалните структури на моќ, во овој случај по пат на суров терор кој во осумдесетите зад себе остави стотици илјади мртви тела и милиони бегалци, осакатени, деца без родители во уништени општества. Повторно, TINA – Нема Алтернатива.
Истата дилема се јавува и на другиот крај, спротивниот крај на политичкиот спектар, кај Картеровиот главен експерт за Јужна Америка, Роберт Пастор кој припаѓа на гулабите – прогресивниот и прифатлив спектар. Во една интересна книга објаснува зошто Картеровата администрација морала да го поддржува убиствениот и корумпиран режим на Сормоза до самиот горчлив крај. Кога дури и традиционалните структури на моќ се свртеа против диктаторот, Америка (Картеровата администрација) се обиде да ја одржи националната војска која ја основа и обучи и која во тоа време го напаѓаше населението „со бруталност која инаку народот ја чуваше за непријателите“, како тој тоа го изрази. Сето тоа се случи со добра намера и по TINA принципот – нема алтернатива. Ева ја причината: „Соединетите Држави не сакаа да ја контролираат Никарагва или некој друг народ во регионот, но исто така не сакаа работите да излезат надвор од контрола“. Сакаа жителите на Никарагва да се однесуваат независно, освен (негов нагласок) „кога тоа лошо би влијаело на Сормозините интереси“. Со други зборови, имаат право да го изберат својот пат, освен доколку не изберат нешто што нам не ни одговара. Во тој случај мораме да ги зајакнуваме традиционалните структури на моќ – доколку е потребно и со насилство. Тоа е либералната и попрогресивна страна на спектарот.
Постојат гласови и надвор од спектарот, не сакам тоа да го занемарам. На пример, тука е идејата дека „луѓето би требале да имаат право да учествуваат во одлуките кои често битно влијаат на нивниот живот“, надежите не би требало да им бидат „сурово разбиени“ во светскиот поредок во кој „полиитчката и финансиска моќ е концентрирана“, а финансиските пазари „брзо се менуваат“ со погубни последици за сиромашните; „може да се манипулира со изборите“, а „негативните аспекти кои влијаат на другите се сметаат за апсолутно неважни“ од страна на моќниците. Тоа се цитати на радикалниот екстремист во Ватикан чија новогодишна порака едвај да е спомената во националниот печат, а тоа е сигурно една алтернатива која не се наоѓа на распоредот. Зошто постои спогодба околу фактот дека на јужноамериканците, во суштина на целиот свет, не смее да им биде допуштено да практикуваат суверенитет, со други зборови контрола над своите животи? Тоа е глобална аналогија на стравот од демократија одвнатре. Всушност, прашањето многу често се постави на многу поучни начини, најмногу во внатрешните записи (слободна земја – имаме обилна збирка на тајни документи кои се многу интересни). Темата која се провлекува низ тие документи е зачудувачки илустрирана во еден од највлијателните случаи, хемисферниот состанок кој САД го свикаа во февруари 1945 како би ја наметнале Економскиот спогодба за Америките, еден од камен темелниците на повоениот свет, кој сe уште стои цврсто на своето место. Спогодбата бараше крај на „економскиот национализам (со други зборови суверенитет) во сите негови облици“. Јужноамериканците мораа да го заобиколат „ексцесивниот индустриски развој“ кој би се натпреварувал со интересите на САД, меѓутоа можат да имаат „комплементарен развој“. Бразил може да произведува ефтин челик кој не ги интересира американските претпријатија. Најважно беше да ги „заштитиме нашите богатства“, дури и ако тоа бара „полициски држави“ како што рече Џорџ Кенан.
Меѓутоа Вашингтон се соочи со проблемот кога се обиде да ја наметне таа спогодба. Стејт департментот потајно, тоа вака го објасни: јужноамерикаците погрешно избираат. Бараа „политика креирана на начин кој ќе резултира со поголема дистрибуција на богатство која ќе го подигне стандардот на масите“, и беа „уверени дека првите уживатели на развојот на природните богатства на тие земји треба да се нејзините жители“, а не американските инвеститори. Тоа е неприфатливо, и поради таа причина суверенитетот не е дозволен. Можат да имаат слобода, но слобода за правилен избор.
Таа порака е редовно и присилно повторувана од случај во случај па сe до денес, ќе дадам уште неколку примери. Гватемала имаше кратко интермецо на демократија. Заврши со американски воен удар. На јавноста тоа и беше прикажано како одбрана од Русите. Помалку егзотично, но таква беше приказната. Во внатрешноста ударот беше поинаков, а опасноста се сфаќаше пореално. Еве како таа се сфаќаше:
„Социјалните и економските програми на владата ги исполнија желбите“ на работниците и селаните, и ја „инспирираа преданоста и се прилагодија на интересите на мнозинството политички свесни гватемалци“. Уште полошо, владата на Гватемала постана „сe поголема закана на стабилноста на Хондурас и Ел Салвадор. Нејзината земјоделска реформа и моќното оружје на пропагандата, нејзината широка социјална програма за помош на работниците и селаните во победоносната борба против повисоките класи и големите странски претпријатија силно ги привлекува народите на соседната Средна Америка каде што преовладуваат слични состојби“.
Затоа военото решение беше неизбежно. Траеше четириесет години и зад себе остави еднаква култура на терор како во Средна Америка.
Истата работа се случи и на Куба, уште еден случај кој е моментално жив. Кога САД ја донесоа тајната одлука за рушење на кубанската власт 1960-тите, се размислуваше на сличен начин. Го објасни историчарот Артур Шлесингер кој на претседателот Кенеди концизно му напиша студија за мисијата во Јужна Америка во тајниот извештај. Според таа мисија заканата од Куба претставуваше „ширење на Кастровите идеи за земање на работите во свои раце“. Таа болест би можела да го зарази остатокот од јужна Америка, објаснува Шлесингер, каде што „и сиромашните и привилегираните“, значи скоро сите, „инспирирани по примерот на Кубанската револуција сега бараат прилика за нормален живот“. Нешто треба да се преземе, а можете да претпоставите што беше тоа. Што е со „советската врска“? Во извештајот таа беше спомената на следниов начин: „Во меѓувреме, Советскиот Сојуз лебди, успева да добие големи позајмици за развој и се претставува како модел за постигнувањата на модернизацијата во една единствена генерација“. Ете, тоа е таа закана – заканата на земање на своите животи во свои раце, а таа закана мора да се уништи по пат на тероризам и економско гушење кое сe уште трае. Сето тоа нема врска со студената војна, како што веќе и е очигледно, дури и без тајните записи. Истите проблеми во раздобјето после студената војна доведоа до потценување на хаитскиот краток експеримент на демократија кој го изведоа претседателот Буш и Клинтон, продолжувајќи ги раните достугнувања.
Еднакви проблеми се кријат и зад трговските договори – НАФТА , на пример. За време на НАФТА договорот, ќе се сетите, пропагандата ни порачуваше дека тоа ќе биде прекрасен подарок за работничката класа во сите три земји – Канада, САД и Мексико. Тој факт набрзо тивко е отфрлен. И она што цело време беше очигледно, конечно постана и јавно признаено. Целта беше „Мексико да се заклучи во реформи“ на осумдесетите, реформи кои прилично ги намалуваат платите и обогатуваат мал број луѓе како и странските инвеститори. Работите во позадина беа објаснети на Јужноамериканската конференција за стратешки развој во Вашингтон, од 1990. Конференцијата предупредуваше дека „отворањето на демократијата во Мексико би можело да биде тест за посебен однос на тој начин што на власт би донеле влада повеќе заинтересирана за предизвикување на САД на основа на економски и татковински причини“. Забележете дека тоа е истата закана од 1945 па натаму, која е пребродена со заклучување на Мексико во договорни обврски. Но истите причини се кријат и зад половината век на мачење и терор, не само во западната хемисфера. Тие се подеднакво и срж на договорот за правата на инвеститорите кои се наметнуваат по пат на посебен облик на глобализација креирана од страна на државно-корпоративната моќ.
Да се вратиме на темата која ве замолив да ја ставите на страна некое време.
Појдовната точка е следна: оспоруваното прашање на слобода и права, од сега суверенитет кој е потребно да се процени. Дали тие се својствени на личностите од крв и месо или само на малиот круг на богатство и привилегии? Или се наоѓаат во апстрактните конструкции како што се корпорациите, капиталот или државата? Во минатиот век идејата дека таквите ентитети имаат посебни права беше цврсто поддржувана. Најпознатите примери се болшевизмот, фашизмот, приватниот корпоратизам, кој е облик на приватизирана тиранија. Обата системи се распаднаа. Третиот е жив и цвета под слоганот TINA – Нема Алтернатива за се пораширениот систем на државно-корпоративен меркантилизам скриен зад маските на глобализација и слободен пазар.
Пред еден век, за време на раните етапи на американските корпорации, дискусијата околу тие прашања беше отворена и искрена. Тогаш конзервативците и се заканија на процедурата, опишувајќи ја како „враќање на феудализмот“ и „облик на комунизам“, што во никој случај не е сосем неточна споредба. Истите интелектуални идеи ги наоѓаме во неохегелианските идеи за правата на органските ентитети, и во уверувањето, дека е потребно да се има централизирана администрација на хаотични системи – како што се пазарите, кои беа потполно надвор од контрола. Важно е да се запомне дека во денешната т.н. „економија на слободниот пазар“ голем дел од трансакциите преку границите (тргување кое погрешно го нарекуваме промет), веројатно 70% од нив, всушност се одвива внатре одредени институции, внатре корпорации и корпоративни друштва, доколку ги вклучиме надворешните извори и другите административни алатки. Тоа е во многу одвоено од останатите радикални пазарни искривувања.
Конзервативната критика – забележете дека го користам терминот „конзервативен“ во традиционална смисла – таквите конзервативци ретко постојат денес – конзервативната критика се цитираше во либерално-прогресивниот круг во раните години на дваесетиот век, најмногу од страна на Џон Дуи, водечкиот американски социјален филозоф, чиј труд беше во најголема мера фокусиран на демократијата. Сметаше дека демократските облици имаат малку стварност кога со „животот на одредена земја – производството, трговијата, медиумите – управуваат приватни тирании во системот“ кој тој ги нарекуваше „индустриски феудализам“ во кој работниците се подредени на контрола од страна на управниците а политиката постанува „сенка на големите бизниси на општеството“. Забележете дека објаснува идеи кои работниците ги ковале години порано, а јас ги споменував. Истото може да се каже за неговиот повик за елиминирање, замена на индустрискиот феудализам со самоуправувачка индустриска демократија. Интересно, прогресивните интелектуалци кои го преферираа процесот на корпоратизација повеќе или помалку се сложуваа со тој опис. Така на пример, Вудро Вилсон напиша дека „мнозинството луѓе се слуги на корпорациите“, кои сега управуваат „со најголемиот дел од бизнисот во земјата“ во „многу поинаква Америка од онаа старата... која веќе не е поприште на индивидуално претприемништво, индивидуални можности и индивидуален успех“, туку нова Америка во која „мала група на луѓе, кои управуваат со големите корпорации ја држат моќта и контролата над богатството и бизнис можностите на земјата“, постануваат „противници на самата власт“ уништувајќи го суверенитетот на народот.
Ова беше напишано како поддршка на процесот. Дуи процесот го опиша како можеби несреќен, но итно потребен, сложувајќи се со бизнис светот, особено откако што деструктивните падови на пазарот претходните години го уверија бизнис светот и прогресивните интелектуалци дека со пазарите едноставно мора да се управува и дека финансиските трансакции мораат да се регулираат. Слични прашања, оние најсличните и денес се присутни на меѓународната сцена, се однесуваат на реформите на финансиската архитектура и сличните нешта. Еден век порано, корпорациите ги добија правата на луѓето по пат на радикален судски активизам и екстремно кршење на класичните либерални принципи. Корпорациите исто така беа ослободени од раните обврски да се држат до активностите за кои се овластени. Понатаму, во важен потег, судовите ја пренасочија моќта нагоре, од акционерите во трговските друштва до централниот менаџмент кој беше идентификуван со бесмртната корпорациска личност. Оние кои се запознаени со историјата на комунизмот, ќе ја препознаат сличноста со процесот кој се случуваше во тоа време, а го предвидеа левичарските критичари, левичарските марксисти, и анархистичките критичари на болшевизмот, луѓе како Роза Луксембург, кои предупредуваа дека централизираната идеологија ќе ја пренасочи моќта од работниците кон партијата, централниот одбор па сe до најголемиот водач, што и набрзо се случи после победата на државната моќ 1917, која одеднаш го уништи секој остаток на социјалситички принципи и форми. Пропагандистите од обете страни преферираат поинаква приказна заради интересите кои ќе им служат на ним самите, но сметам дека оваа приказна е точна.
Последните години на корпорациите им се дадени права кои ги надминуваат правата на луѓето. По правилата на СТО, корпорациите можат да го бараат правото на „национален третман“. Тоа значи дека Генерал Моторс, доколку делува во Мексико, може да побара спрема него да се однесуваат како спрема мексиканско претпријатие. Тоа е право единствено на бесмртните личности, а не на луѓе од крв и месо. Мексиканец не може да дојде во Њу Јорк, барајќи национален третман и добро да пројде, но корпорациите можат.
Останатите правила бараат инвеститорите, изнајмувачите и теоретичарите да преовладуваат над правата на луѓето од крв и месо воопшто, на тој начин тие го ослабуваат народниот суверенитет и демократските права. Сигурен сум дека знаете дека корпорациите можат да ги тужат суверените држави, а такви интересни случаи и постојат. На пример, пред неколку години Гватемала се обидуваше да ја смали смртноста на новороденчињата регулирајќи ја продажбата на потребни производи (производи на мултинационалните компании) за новореденчињата. Мерките кои ги бараше Гватемала беа во согласност со упатствата на Светската здравствена организација и меѓународниот закон, но претпријатието Гербер бараше експропријација, што со заканата за тужба од страна на СТО беше доволно за Гватемала да се повлече плашејќи се од чувствителните американски санкции.
Прва таква тужба според правилата на СТО подигнаа Венецуела и Бразил против САД. Венецуела и Бразил тврдеа дека според ЕПА правилата за нафта САД ги крши нивните права и правата на извозниците на нафта. Тој пат Вашингтон се повлече исто така плашејќи се од санкции, но самиот е скептичен кон таквата интерпретација. Се сомневам дека САД се плашат од санкции од страна на Венецуела и Бразил. Поверојатно за верување е дека Клинтоновата администрација немала привлечна причина за заштита на околината и заштита на здравјето.
Тие прашања сега се очитуваат на драматичен и срамен начин. Десетици милиони луѓе ширум светот умираат од излечиви болести заради заштитничикте елементи кои ги пишува во правилата на СТО, а го дозволува правото на приватните мегакорпорации за монополистичко одредување на цената. Така на пример Тајланд и Јужна Африка, кои имаат фармацевстки претпријатија, можат да произведат лек кој може да го спаси животот по ниска цена, но се плашат да го сторат тоа заради трговските санкции кои би уследиле. Во суштина, во 1988, САД дури и се закануваа на Светската здравствена организација со престанок на финансирање доколку Светската здравствена организација само би ги надгледувала трговските услови на задравството. Тоа се вистински закани. Говорам за сегашноста.
Сето тоа се „трговски права“. Немаат врска со трговија. Имаат врска со практикување на монополистичко одредување на цената, поддржано со заштитнички фактори кои се уведени во таканаречените спогодби за слободна трговија. Факторите се дизајнирани на тој начин да ги осигураат корпоративните права. Освен тоа, се разбира, го редуцираат растот и иновацијата. А само дел од целиот спектар на правила се воведени во тие спогодби. Всушност се работи за правата на инвеститорите, а не за трговија. Трговијата како таква нема никаква вредност. Вредна е единствено доколку ја зголеми човековата добробит.
Општо земено, главниот принцип на СТО и сличните институции е суверенитетот и демократските права да бидат подредени на правата на инвеститорите. Во практика тоа се права на големи бесмртни личности, приватни тирании на кои луѓето мораат да им бидат подредени. Ова се само некои работи кои доведоа до големите случувања во Сиетл. Но на некој начин конфликтот меѓу народниот суверенитет и приватната моќ дојде повеќе до израз неколу месеци после Сиетл и Монтреал каде е склопена двосмислена спогодба за таканаречениот „протокол на животна сигурност“. Таму сe излезе на површина. Го цитирам Њу Јорк Тајмс: „Склопен е договор после тешки преговори кои често ги спротиставуваа САД на сите останати“. Што е тоа? Главниот преговарач на Европската Унија го опиша тоа вака: „Земјите мораат да имаат слобода, суверено право за преземање заштитни мерки во поглед на генетски модифицираните семиња, микроби, животни, посеви кои би можеле да бидат штетни“. Америка меѓутоа инсистираше на правилата на СТО. Според нив, увозот може да биде забранет единствено врз основа на научни докази.
Дали разбирате за што се работи овде? Дали луѓето имаат право да одбијат да бидат предмет на експеримент. Ќе го приближам тоа малку; да речеме дека ви доаѓаат студенти и професори по биологија и ви велат: „Луѓе, ќе ни бидете предмет на експериментот кој го изведуваме, ќе ви ставиме електроди на мозокот и ќе набљудуваме што ќе се случува. Можете да одбиете, но единствено доколку набавите научен доказ дека тоа ќе ви штети“. Најчесто не можете да набавите научни докази. Се поставува прашањето дали имате право да одбиете? Според правилата на СТО не можете. Морате да бидете предмет на експеримент. Тоа е облик на „суверенитет на производителот“, како што тоа го нарекува мојот соработник Едвард Херман, инаку економист. Производителот владее; потрошувачите мораат некако да се заштитат. Да речеме, дека хемиските и индустриските пестициди не е обврзно да се демонстрираат, да се докаже дека нивните производи се сигурни н не се штетни. Јавноста е обврзана тоа научно да го докаже и тоа по пат на прениско платени јавни агенции кои преку лобирање и други притисоци се под влијание на индустријата. Тоа беше главна тема во Монтреал каде што се договори некаква двосмислена спогодба. Да појаснам, прашањето на принцип не се поставуваше. Тоа е очигледно доколку само ги погледнеме учесниците на преговорите. На една страна Америка, и се придружија земјите со удел во биотехнолошкиот и високо-технолошкиот извоз, додека сите останати застанаа на спротивната страна – значи оние кои не очекуваа профит од тоа. Врз основа на учесниците можете да заклучите дека на се работи за принцип. Од истите причини Европската Унија преферира високи царини на земјоделските производи, но тоа повеќе не е така и тоа не затоа што принципите се променија, туку затоа што власта се промени.
Да го споменеме и експлоататорскиот принцип според кој моќните и привилегираните мораат да имаат можност да работат што сакаат (се разбира, заземајќи се за високи мотиви). Природната последица е таа што суверенитетот и демократските права на луѓето мораат да исчезнат, во овој случај – и тоа го прави драматичен – нивното спротиставување да бидат предмети на експеримент по пат на кој корпорациите профитираат. Жалбата на САД на правилата на СТО е сосем нормална бидејќи тие го озаконија тој принцип.
Овие работи, иако стварни и влијателни на огромен број луѓе ширум светот, се всушност споредни во споредба со останатите услови кои го редуцираат суверенитетот во корист на приватната моќ. Најважно беше, барем јас така мислам, разорувањето на Бретон Вудс системот во раните седумдесети од страна на САД, Велика Британија и други. Системот го креираа САД и Велика Британија во четириесетите. Тоа беше време на голема поддршка на народите на програмите за општествена добробит и радикални демократски мерки. Бретон Вудс системот во раните четириесети ги контролираше курсевите и дозволуваше контрола на протокот на пари. Идејата беше да се намали растрошното и штетно теоретизирање и да се ограничи одливот на капитал. Причините беа добро сфатени и артикулирани – слободниот проток на пари создава „виртуелен парламент на светскиот капитал кој може да стави вето на владината политика доколку ја смета за неразумна“. Владината политика која се смета за неразумна би се однесувала на правата на работниците, образовните програми, здравството, обидите на стимулирање на економијата, всушност што било што би им помогнало на луѓето, а не на профитот ( и затоа таа е неразумна во техничка смисла). Бретон Вудс системот повеќе или помалку функционираше дваесет години. Многу економисти го сметаат за „златно време на модерниот капитализам“ (всушност, модерниот државен капитализам). Периодот траеше едвај до 1970 и беше време на историски невиден брз економски и трговски развој, производство, вложување пари, проширување на добробитта, едноставно златно време. Во раните седумдесети работите се променија. Бретон Вудс системот беше уништен и дојде до либерализација на финансискиот пазар и флуктуирачките курсеви.
Тој период често се опишува како „оловно време“. Во него дојде до експлозија на краткоречниот сомнителен капитал кој во потполност ја преплави продуктивната економија. Дојде до влошување во секој аспект – забележително послаб економски раст, послаб раст на продуктивноста, вложувањето пари, многу поголеми каматни стапки (кои го успоруваат растот), поголема пазарна нестабилност и финансиски кризи. Сето тоа силно влијаеше на луѓето, дури и во богатите земји? Опаѓање на платите, подолго работно време, особено зачудувачки во САД, смалување на услугите. Ќе ви дадам еден пример од денешната економија за која сите зборуваат – средниот приход се врати на оној од 1989, што е многу под оној од седумдесетите. Освен тоа, тоа беше период на уништување на општествените демократски фактори кои значајно го подобруваа човековото добро. Општо говорејќи, новонаметнатиот светски поредок дозволува поголемо моќ на вето на „виртуелниот парламент“ на приватниот капитал на инвеститорите што доведува до забележително исчезнување на демократијата и суверените права (каква што и беше намерата) како и забележително влошување во здравството.
Додека тие последици се чувствуваат во богатите општества, тие се вистински катастрофи во сиромашните. Тој проблем не прави разлика меѓу општествата и затоа е неважно дали општеството е побогато или посиромашно. Поважни се целите делови од светската популација. По примерот на неодамнешните анализи на Светската банка, земеме ли 5% од населението на врвот и ги споредиме нивните приходи и богатство со оние 5% на дното, односот би бил 78:1 во 1988, и 114:1 во 1993 (тоа е последниот временски период за кој постојат бројки), а денес односот е несомнено уште поголем. Истите бројки покажуваат дека 1% од светското население на врвот има ист приход како и 57% од населението на дното, што би значело околу две милијарди луѓе.
За богатите земји сe е јасно кажано, да го цитирам познатиот економист Бери Ејшенгрин од неговата високо ценета историја за меѓународниот систем. Како и многу други, тој наглси дека моменталната фаза на глобализација е многу слична на периодот пред Првата светска војна. меѓутоа, разлики постојат, на пример во тоа време, објаснува Ејшингрин, политиката на владата сe уште не била „исполитизирана со општото машко страдање и напредување на трговските синдикати и парламентарни работнички партии“. Затоа големите човекови цени на финансиска чесност наметната од страна на виртуелниот парламент можат да се применат на целото население. Тој луксуз повеќе не беше достапен во демократичната ера на Бретон Вудс системот во 1945, и затоа „границите на движење на капиталот беа заменети со границите на демократијата како извор на одвојување од пазарните притисоци“.
Тоа има свои последици. Сосем природно е дека уништувањето на повоениот економски поредок требаше да се здружи со значајниот напад на постоечката демократија – слободата, суверенитетот и човековите права – под слоганот TINA. На некој начин тоа е апсурдно имитирање на вулгарниот марксизам. Не е потребно да се напоменува дека слоганот е подвала која служи на приватните интереси. Социо-економскиот поредок кој се наметнува е резултат на човекови одлуки и човекови институции. Одлуките можат да бидат изменети, институциите променети, доколку е потребно, можат да бидат уништени и заменети, токму како што правеа искрените и храбри луѓе во текот на целата историја.