за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови
|
Томас Матјисен (Thomas Mathiesen) Професор по социлогија на правото, Осло Акциите што се случија на 11 септември 2001 во САД беа ужасни акции. Но такви се и многуте акции што САД ги извршиле врз други држави сиве овие години. Овие вторите акции, се дел од комплекс на фактори што ги предизвикуваат првите. Во сенка на септемвриските напади против суперсилата, и во многу краток рок, беа предложени планови внатре ЕУ коишто, наједноставно кажано, имплицираат драматично проширување на она што вообичаено го подразбираме под поимот „тероризам“. Предлозите содржат две важни карактеристики. Прво, доколку се имплементираат ќе имаат маргинално значење во спречувањето акции како оние што ги видовме во САД. Второ, ќе имаат забележително значење во спречувањето легитимни, но можеби жестоки протести како оние што ги видовме оваа година во Готенбург и Џенова. Овде не мислам на фактичката ерупција на насилство таму, туку на помирољубивите пристапи користени од страна на големото мнозинство. Предлозите беа дискутирани на состанокот на Советот на JHA (Justice and Home Affairs) одржан на 20 септември. Комисијата даде два предлози на рамковно усвојување, обата поднесени по 11 септември - еден за прашањето на европскиот налог за апсење, и еден за борбата против тероризмот. Министрите генерално се договорија за обата од нив, поддржувајќи брза понатамошна постапка. Јас овде ќе се обидам да се фокусирам на предлогот за борба против тероризмот. Суштинската одредба во предлогот е нејзиниот член 3, каде што се дефинираат „терористичките напади“. „Тероризмот“ е комплициран концепт. Што се однесува до дефиницијата, таа во значителна мера зависи од политичкото гледиште: палестинските акции на Блискиот Исток се дефинирани како „терористичи“ од страна на Израел и многу Западни држави, додека од голем број Палестинци тие се дефинираат како легитимни и нужни. Многу често, важен дел од политичката борба се состои во извојување победа во врска со дефиницијата. Дефиницијата на „терорист“ може исто така да се менува низ историјата. Демонстрациите и акциите на работничкото движење на Норвешка од почетокот на 1900-тите често беа дефинирани како терористички, додека ретроспективно, согледани се како валидни обиди за промена на норвешката политика и општествена структура. И покрај ваквите варијации, одредени клучни активности вообичаено се прифатени како „терористички“, барем од големото мнозинство, во поголема или помала мера без оглед на политичките гледишта и историскиот период. Насилните и своеволни акции свесно насочени кон цивили со повеќе или помалку јасна политичка цел, очигледно формираат една таква дефиниција (иако како што е познато, оние кои ги извршуваат таквите дела може себеси да не се сметаат за „терористи“). Масовното бомбардирање на Дрезден за време на завршните месеци од Втората Светска Војна, проследено со стрелање на жителите (од борбените авиони) кои се обидувале да побегнат од разурнатиот град, го сметам за такво дело. Иако изјавуваната цел била скратување на времетраењето на војната, јасно е дека војната била при крај. Дрезден не бил од никакво воено значење, а тоа било насилен и своеволен колеж на десетици илјади цивили. Масовното бомбардирање и останатите напади врз цивили за време на Виетнамската војна, како и акциите врз Светскиот Трговски Центар и Пентагон се уште неколку такви случаи. Иако ова е една клучна активност, можат да бидат вклучени и други видови активности, на пример оштетување или уништување на важни институции како што се нафтените инсталации, симболично важни физички структури или структури со важни практични функции за цивилната популација. Вакви случаи можат да ги вклучат норвешките нафтени платформи, Бакингемската Палата или електричните и водоводни инсталации. СТЦ и Пентагон беа, се разбира, симболично многу важни зданија. Постои како што е познато и нејасен „надворешен перимитар“ на концептот, кој се состои од активности коишто можат, но и не мораат да бидат опфатени зависно од условите. Во секој случај, и покрај недостигот од разјаснувања, концептот дефиниран во член 3 од предложената рамковна одлука на Комисијата, содржи активности коишто без сомнение се надвор од каква било разумна дефиниција, и надвор од концептот на тероризам каков што денес се подразбира. Концептот е наголемо проширен и нејасен во споредба со која било од клучните активности погоре споменати. Наброени се голем број напади, од убиства до напади преку блокирање на информациските системи. Неколку од овие напади, вклучувајќи ги кражбата и пљачкањето, не асоцираат на ништо што е специфично терористичко. Поважен е фактот дека се вклучени членови што се однесуваат на вообичаената граѓанска непослушност - во времето на Ганди почитуван пристап. „Незаконското заземање“ на „места од јавна употреба“ многу асоцира на протестите во врска со животната средина, како оние што ги гледавме во северна Норвешка во раните 1980-ти, каде што илјадници луѓе учествуваа во големи протестни демонстрации со цел да ја спречат непоправливата штета врз природата во врска со употребата на една одредена река за добивање струја. На сличен начин се релевантни и демонстрациите во Готенбург и Џенова оваа година. „Незаконското заземање“ на „државни или владини објекти“ ги опфаќа протестите против затворањето на нуклеарните централи во многу земји. Незаконската „штета“ на таквите места од јавна употреба и објекти е исто така вклучена, но многу значајниот збор „или“ е вметнат помеѓу „заземање“ и „штета“, индицирајќи дека заземањето само по себе е доволно тоа дело да се оквалификува како такво. Заканите за извршување напади се исто така вклучени во листата. Но нападите сами по себе, како што се наброени од Комисијата, не се доволни. Намерата исто така мора да биде терористичка, а во предлогот терористичката намера е навистина многу широко дефинирана. Ако нападите што се наброени „се намерно извршени од страна на поединци или групи против една или повеќе држави, нивните институции или народ со цел нивно заплашување и сериозно менување или уништување на политичиките, економските или општествени структури на тие земји, [тие] ќе бидат казниви како терористички напади“. Забележете уште еднаш дека има „или“ помеѓу сериозно „менување“ и „уништување“. Размислете за тоа - со цел сериозно менување на политчките, економските или општествените структури. Демонстрациите во северна Норвешка 1980-тите, погоре споменати, како и оние во Готенбург или Џенова во 2001, ја имаа токму таа цел. Истата ја имаат и разните протести денес за заштита на животната средина. Истата ја има и Attac. Во северна Норвешка во 1980-тите, демонстрантите беа казнети. Казните не беа ништо во споредба со максималните затворски казни наведени во Членот 5 од предлогот на Комисијата. Она што сега се случува во врска со дефинирањето е опасно. Згора на сe, законските мерки од овој вид нема да бидат ефективни во спречувањето ужасни и несекојдневни настани како оние што ги видовме во САД. Таквите акции се извршени од многу професионални луѓе, совршено способни да делуваат надвор од дофатот на законските мерки. Но мерките секако ќе им овозможат на релевантните државни институции и сили да ги запираат легитимните протести против „политчките, економските или општествените структури“. Како додаток на ова, на состанокот на ЈНА на 20 септември, исто така се дискутираше и за далекусежната контрола на комуникациите, којашто ги има истите слабости: Нема да претставува закана за оквалификуваните терористи (Ешелон и останатите видови на напредна контрола на комуникациите беа очигледно немоќни да го спречат 11 септември), но сериозно ќе ги поткопаат граѓанските права и слободата на изразување, и ќе потиснат многумина од нас. Нови мерки од овој вид исто така се дискутирани па дури и применети на национална база во неколку земји. (Логиката се чини дека е: Контролата на комуникациите е неефикасна во борбата против тероризмот. Лек: Потребна е уште поголема контрола. Оваа специфична логика провејува и во актуелната политика на контрола: Затворите се неефективни, па дури и контрапродуктивни во борбата со криминалот. Лек: Потребни ни се повеќе). Методите на политички протест достапни на обичните луѓе се нападнати. Без оглед дали нападот е свесно планиран и/или ненамерна последица на голема паника (веројатно е мешавина од двете), тој е политички опасен. Доколку се прифатат предлозите на Комисијата, можно е на почеток да не бидат користени во толку широка и генерализирана смисла. Меѓутоа, од големото искуство знаеме дека таквите своеволни мерки во оваа област ќе бидат употребувани помалку внимателно и пошироко, како што ќе одминува времето и кога тоа ќе созрее.
|