за Терор13 | архива |контактирај не'| линкови сите текстови

Зошто анархистите се против државата?

Анархистите се спротиставуваат на сите облици на хиерархиски авторитет. Историски, тие најголемиот дел од своето време и енергија го минале во особено спротиставување на двата негови главни облици. Едниот е капитализмот, а другиот државата. Овие два облици на авторитет имаат симбиозна врска и не можат да бидат сепарирани така едноставно. ( ... )
Што всушност претставува државата? Како што се произнесол Ерико Малатеста, анархистите „го користеле зборот Држава... за накратко да го означат севкупниот збир на политички, законодавни, судски, воени и финансиски институции преку кои управувањето со нивната работа, контролата врз нивното лично однесување, одговорноста за нивната лична сигурност, се одземени од народот и доверени на други кои, преку присвојување или делегирање, се привилегирани со моќта да прават закони за сe и сешто, и да ги обврзуваат луѓето да се придржуваат кон истите, ако е потребно и со употреба на колективна сила.“
Владата (или државата) „е составена од сите владетели... од оние кои ја имаат моќта да прават „закони“ кои ќе ги регулираат меѓучовечките односи и ќе се грижат тие да бидат исполнувани... (и) кои имаат моќ... да ја искористат општествената сила, со други зборови психичката, интелектуалната и економската сила на целата заедница, со цел да ги обврзат сите да ги исполнуваат нивните желби.“ (Anarchy, p. 13, pp. 15-16 - исто види и кај Кропоткин “the State: Its Historic Role”, p. 10)
Ова значи дека голем дел, ако не и сите, анархисти би се согласиле со карактеризацијата на државата од Рандолф Брн (Randoplh Bourne) како политичко-воена доминација на одредена географска територија од страна на владеачката елита (види го неговиот “Unfinished Fragment on the State”, во Untimely Papers, 1919). За оваа тема Мјуреј Букчин (Murray Bookchin) напишал:

„во најмала рака кажано, државата е професионален систем на општествена принуда... само кога принудата е институционализирана во професионална, систематска и организирана форма на општествена контрола - ... поддржана со монополот на насилство – дури тогаш вистински можеме да зборуваме за држава“. (“Remaking Society”, p. 66)

Според тоа, можеме да кажеме дека, за анархистите, државата се карактеризира со три елементи:

1. Со „монополот на насилство“ во дадена територијална област;
2. Ова (т.е. тоа) насилство кое ја има „професионалната“ , институционална природа; и
3. Хиерархиската природа, централизацијата на моќ и иницијативата во рацете на неколкумината.

Од овие три аспекти, последниот (нејзината централизирана, хиерархиска природа (се мисли на државата - заб. на прев.) е најважен, едноставно заради тоа што концентрацијата на моќта во рацете на неколкумина осигурува поделба на општеството во власт и владеани (што го наложува создавањето на професионално тело кое ќе ја зацврсти таа поделба). Без таквата поделба, нам нема да ни треба монополот на насилство и едноставно ќе има здруженија на еднакви, кои не се обележани со сила и хиерархија (какви што постојат во многу бездржавни „примитивни“ племиња).
Некои типови на држави, на пример, оние комунистичките и социјал-демократските, се директно инволвирани не само во политичко-воената доминација туку исто така и во економската доминација преку државното поседување на средствата за производство; додека пак во либералните демократски капиталистички држави, таквото поседување е во рацете на индивидуите. Во либералните демократски држави, сепак, механизмите на политичко-воената доминација се контролирани од и за корпоративната елита, и оттука, често се смета дека големите корпорации припаѓаат на широкиот „државен комплекс“.
Бидејќи државата е делегирана моќ во рацете на неколкумина, очигледно дека таа се заснова на хиерархија. Ова делегирање на моќта резултира со тоа избраните луѓе да станат изолирани од масата на луѓе кои ги избрале и да бидат надвор од нивната контрола. Покрај тоа, на веќе избраните им се дадени мноштво различни прашања и речено им е да решаваат за истите. Наскоро, околу нив се развива бирократија за да им помогне во нивното донесување на одлуки. Меѓутоа, оваа бирократија, заради нејзината контрола на информациите и нејзината перманентност, наскоро има повеќе моќ отколку официјалните избраници. Ова значи дека оние кои ги служат народните слуги имаат повеќе моќ отколку оние на коишто тие им служат, исто како што политичарите имаат повеќе моќ од оние коишто ги избрале. Сите форми на државни (или хиерархиски) организации неминовно ја мрестат бирократијата во себе. Оваа бирократија наскоро станува de facto фокусна точка на моќта во структурата, без оглед на официјалните правила.
Оваа маргинализација и обезвластување на обичните луѓе (а со тоа ополномоштување на бирократијата) е клучната причина за анархистичкото противење на државата. Таквиот аранжман гарантира дека индивидуата е обезвластена, подложна на бирократска, авторитативна власт која ја редуцира личноста во објект или пак број, а не во уникатна индивидуа со желби, соништа, мисли и чувства. Како што Пјер Жозеф Прудон цврсто тврдел:
„Да се биде ВЛАДЕАН значи да се биде набљудуван, посматран, шпиуниран, насочуван, озаконет, нумериран, запишан, индоктриниран, проповедан, контролиран, оценет, проценет, цензуриран, командуван, од креатури кои немаат ни право, ни мудрост, ниту пак доблест за тоа да го прават... Да се биде ВЛАДЕАН значи да се биде во секоја операција, во секоја трансакција, прибележан, запишан, пријавен, оданочен, обележан, измерен, класифициран, одреден, дозволен, одобрен, предупреден, забрануван, реформиран, поправан, казнет. Под изговорот на јавната корист и во името на сеопфатниот интерес да се биде ставен во прилог, во подготовка, откупен, експлоатиран, монополизиран, уценет, исцеден, мистифициран, заведен, ограбен; потоа, дури и при најмалиот отпор, првиот збор на жалба, да се биде потиснат, казнет, омразен, нападнат, прогонет, искористен, натепан, разоружан, задушен, затворен, осудуван, осуден, стрелан, депортиран, жртвуван, продаден, предаден; и, над сето тоа, излажан, исмеан, навреден, обесчестен. Тоа е влада; тоа е нејзината правда; тоа е нејзиниот морал“. (“General Idea of the Revolution”, p. 294)

Анархистите ја гледаат државата, со нејзиниот огромен делокруг и контрола на смртоносната сила, како „ултимативна“ ( крајна, конечна - заб. на прев. ) хиерархиска структура која страда од сите негативни карактеристики кои се поврзани со авторитетот. Заради нејзината централизирана, хиерархиска и бирократска природа, државата станува голем товар врз општеството, ограничувајќи го неговиот растеж и развиток и правејќи ја народната контрола невозможна. Како што рекол Бакуњин:

„Таканаречените општи интереси на општеството, наводно презентирани од државата... во реалноста се... главна и перманентна негација на позитивните интереси на регионите, комуните и асоцијациите, како и на бескрајниот број на индивидуи потчинети на државата... (со што) сите најдобри желби, сите живи сили на земјата се лицемерно жртвувани и погребани“ (Михаел Бакуњин, “The Political Philosophy of Bakunin”, p. 207).


Приложено од KSI