Еднаш
веќе реагиравме, спонтано без никакви претензии, фрлајќи неколку летоци
во текот на предизборна кампања. Беше истакнато во кус, лаконски стил:
каква е улогата на индивидуалниот чин на политичка определба, “користа”
од ваквата концепција, за принципот на политичко патронатство, за чинот
на делигитимирање на индивидуалните или колективни маргинални стремења,
за тоа како постепено се изедначуваат политичкиот и комерцијалниот
избор. Целта на овој кус осврт е да ги состави овие неколку распрснати
согледби, да се скаменат впечатоците кои ги остави ова мачно и напорно
практикување – веќе петнаесет години, “самосвест” тера на повраќање -
на нешто што е обичен начин на трансфер на политичката моќ, а беше
прикажувано како нешто толку многу значајно, како епохален пресврт; се
прогласија и неколку револуции последниве години… Расправата, онака
како што тргнува, сигурно ќе донесе и некои значајни импликации во
однос на омилените фрази на современата идеологија: “слобода”,
“човекови права”, идеалот за активна, апсолутно суверена индивидуа…
Овие теми нема да се отвараат; сето тоа има малку врска со “политика”.
Доволно ќе биде да се утврди начинот на кои се користат овие “вечни
теми” во рамките на модерните демократски системи; и нешто уште
погадно, како истиве идеали се земаат здраво за готово во анти-систем
круговите, во најдобар случај се потенцира лицемерието на модерната
демократија наместо веднаш да се констатира нивната апсурдност и
бесмисленост, онака како што ги поставиле модерната политичка мисла и
практика.
Изненадувачки колку е опасно денес некој да се посомнева во современите
демократски политички системи; тоа автоматски подразбира фашистички или
диктаторски стремежи. (Еден од триковите на западната капиталистичка
пропаганда и историографија, беше да се изедначат разликите меѓу
бројните системи каде трансферот на политички авторитет се одвива
тајно, директно. Во основа ова би биле системи кои почиваат на култот
на лидерот, како личност, а не функција, што е, како што ќе се покаже,
главна одлика на модерните демократски системи. “Другару Х” наспроти
Г-дине Претседателе. Значајно е и да се одбележи една интересна
сличност со идеологијата на старите монархии; во стар Египет на пример,
фараонот е секогаш олицетворение на истото врховното божество; како и
сите модерни демократски избрани претседатели, од сите фараони се
очекувало да исполнуваат исти ингеренции.) Денеска, речиси и да нема
несогласувања: демократскиот принцип на управување, применет повеќе или
помалку доследно, е незаменлив во денеши услови. Дури и режимите кои
подоцна беа оцрнети како најтоталитарни сакаа да се китат со
“демократичност”; тоа беше синоним за еднакво често употребуваните,
“правда”, еднаквост” и сл. Всушност, современата западна историја и
самата ги критикува овие режими не поради отвореното негирање на еден
принцип, туку поради неговото неостварување. Принципот на слободна -
оттука ќе ја нарекувам само индивидуална - политичка определба се зема
здраво за готово, како вечна, универзална вредност.
Јасно е тогаш зашто мора да се преиспита; јасен е во основа и правецот
во кој треба да се цели: ваквите универзални светости направени се од
воздушеста маса, “ветар и магла”. Проблем е што тие се универзално
значајни, но на еден инаков начин. Тие се сепак одраз на еден амбиент,
но и маска за нешто што во суштина е најосновна, речиси физиолошка
потреба на секое државно уредено општество. Принципот на индивидуална
определба е создаден да исполнува една функција општа, за сите
историски познати примери. Станува збор за циклично прочистување,
легитимирање, а со тоа и самопотврда на актуелните режими. Оттука, не
треба да чуди што чинот на гласање политички претставници се повеќе
добива ритуален, церемонијален карактер. Можеби масовната свест
најавува смрт на една институција? “Гласањето ништо нема вистински да
промени”; “еден глас ништо не менува”… Во некои стари демократии, во
јавниот пропаганден материјал се става посебен акцент на едноставноста
и краткотрајноста на гласачкиот чин. Луѓето често немаат ниту време,
ниту волја да се малтретираат со “своето гласачко право”. Некаде пак,
сосема отворено и директно се укажува на основната улога на гласачкиот
чин во политичкиот процес; “гласањето е обврска на секој патриот”. Со
други зборови, масивно заплашување, терор,
зошто неуспех на изборниот процес значи и директно загрозување на
актуелниот поредок, дестабилизирање на политичките процеси. Се разбира,
во зрелите демократии – иако не треба да се заборави дека зрелото е
секогаш пред распаѓање – ова и не е така страшно; изборниот
чин е мултиплициран, илјадници мали институции кои пулсираат во ритам
со своите локални изборни циклуси, независно од централниот процес.
Но ако веќе од самиот почеток го оквалификуваме чинот на одбирање
политички претставници како нешто што во исто време е толку банално и
значајно, станува нејасно зашто современата демократска идеологија му
придава толку големо значење. Оваа практика не е ниту исклучиво
карактеристична за модерните демократски системи, ниту е единствено
неопходен услов за нивно нормално функционирање. Честопати, и не сосема
неточно, иако изгледа апсурдно, во етаблираните политиколошки кругови
се вели дека токму демократското уредување го обезбедува “правото на
индивидуална политичка определба”. Она што би требало да биде главен
двигател на политичките процеси да ти било нивна последица! На тој
начин сите декларации, сето тапанење на сетилата во текот на
предизборните кампањи за важноста воопшто, а особено одлучувачката моќ
на секој поединечен, приватен чин на избор стануваат обична фарса.
Чинот на индивидуална политичка определба е веќе само дел од декорот,
една привилегија плус за граѓаните на стабилните демократски општества.
И случајот со нашата модерна држава го потврдува истото: не е правото
на демократски избор она што носи општествена или економска стаблиност
туку обратно. Мора да постои рамнотежа, практично договор, меѓу
главните политички чинители, за да може системот нормално да
функционира. Изборот на политички претставници е само неутрален
механизам за потврда и обновување на веќе воспоставениот режим. Тоа е
една од контрадикциите на модерните политички системи, точка каде
процесот се прекршува, каде се доближува на само еден чекор до криза,
или дури колапс. Затоа, колку изборите поминат во “помирна, вообичаена
атмосфера” толку подобро кризата е изсимулирана, режимот полесно
триумфира. Оттука и толку големото значење што му се придава на овој
чин во доминатната идеологија на денешницата; она што е срамна точка,
мана, на секој политички систем, мора да се прикаже во најдобро светло.
Првата, најотворена манипулација во демократските режими е
конципирањето на чинот на индивидуален политички избор како фактор кој
директно влијае на политичките процеси на централно ниво. Меѓутоа јасно
е (и здравиот разум истото го знае – “еден глас ништо не менува”) дека
индивидуалната политичка определба е моќна како фактор онолку колку што
кружењето на прашинките околу Сатурн може да влијае на космичката
рамнотежа во Сончевиот Систем. Не залудно само индивидуалниот - или
“слободен, самостоен” како што обично се потенцира во омилените
синтагми во текот на предизборијата - чин на гласање се признава како
легитимен. Западните демократски системи се “успешни” најнапред зашто
успеале да го индивидуализираат, да го приватизираат
чинот на политичка определба; нешто слично со прашањето на вероисповест
или потекло. На тој начин, директниот ефект на “народната волја” е
одложен, амортизиран; таа се акумулира глас по глас, а не наеднаш, со
сите свои драстичии подвоености и антагонизми, како кога директно, на
улица се соочуваат две спротиставени групи. “Гласот на народот” е
неопходен но само во млаки дози, колку да му го обезбеди потребниот
привид на легитимност на процесот на пренос на власта од една на друга
политичка гарнитура. Најважно од се за нормалното одвивање на процесите
е исходот да биде доволно предвидлив, ингиренциите да се предаваат
помеѓу гарнитури со различна но не потполно спротивставена идеолошка
определба. Но тоа неизбежно значи благо деполитизирање на гласачката
маса, опуштање на ривалството меѓу неистомислениците, а со самото тоа
ритуализирање, формализирање на изборниот чин. Поразот мора да се
признае, победата мора да се честита. Со други зборови, не смее да се
случи ништо радикално, ништо што може да го исфрли режимот од
рамнотежа. (Како едно надоврзување на погорната забелешка за односот
демократски-диктаторски режими, треба да се напомене дека разликата
помеѓу овие два типа политички системи е во степен: првите дозволуваат
мала доза на неизвесност, нестабилност и промени, мал призрак на
“слобода”, освен за фашистите или комунистите – значи, оние кои не се
согласуваат со системот во принцип; кај вториве пак, мошне наивно,
неумесно, постои обид сета “народна волја” да биде под патронат на една
идеја, еден лидер. Тука никој нема потреба да се сомнева во својата
слобода, освен народните непријатели.) Не дека западно-демократските
режими не произведуваат подвоености во општественото ткиво, дека не
умеат да создаваат кризи, тоа би ги одвело поблиску до нивните
неодамнешни соперници. Но секоја дестабилизација мора да остане во
рамките на системот, сечија волја во судирот мора да биде посредувана
од соодветни политички репрезенти.
Лажно е тврдењето дека постои директна врска помеѓу индивидуалната
политичка определба и распоредот на владеачките гарнитури непосредно по
политичките избори. Поентата не е само во тоа дека постојат мноштво
инстанци пред кои “народниот глас” подзастанува, кои различно го
слушаат и разбираат. Изборните резултати само технички се проста сума
на секоја поединечна определба; тие се повеќе одраз на силите меѓу
политичките субјекти, нивната способност да мобилизираат гласачки тела,
да ги мотивираат своите симпатизери…Ниеден сериозен политички субјект
не се надева на триумф, така што ќе собира глас по глас. Потребна е
“инфраструктура”, гласачка машинерија: …”не го трошете вашиот глас
залудно, гласајте за големите партии, помалите немаат никакви шанси.”
Битката се води секогаш помеѓу групации, иако технички, одлучува збирот
на сите гласачки ливчиња. Во услови на масивни, секуларни општества
главни двигатели на политичките процеси може да бидат само добро
организирани, фашизоидни групации. (Па така, ако диктаторските режими
од минатиот век ги оквалификуваме како тотално фашистички – еден народ,
една волја, еден лидер – современите демократски режими би биле
парцијално фашистички – секоја релевантна политичка групација мора да
поседува верна армија гласачи и симпатизери, инаку ќе се раствори во
инертната, деполитизирана маса.)
Западните демократски режими два пати го погазуваат концептот на
индивидуална политичка определба – оттука, истиот завзема толку важно
место во доминантната идеологија; дамките мора да се заташкаат, но тоа
ги прави уште по упадливи. Се покажа дека индивидуалниот чин на
политички избор е обична форма, ритуал: тој ниту одлучува, ниту е
доволно мотивиран за да има такви амбиции. Пред неколку години се
обидовме да покажеме дека во модерните демократски режими чинот на
индивидуална политичка определба е речиси сведен на исто рамниште со
изборот на модерниот потрошувач во супермаркет. Чинот на политичка
определба е пожелен, но не и задолжителен за обичната единка; има кој
да одлучува за неа. Натаму, ако веќе се нафати да избира, неможе
премногу да погреши: понудите се еднакво лоши, еднакво добри, а
просечниот модерен човек се разбира во тајните светови на политичките
групации, онолку колку што му значи хемискиот состав на еден детергент.
Оттука, чинот на политичка определба се претвора во еден подвид на
потрошувачкиот чин. Тој ниту има сила да претставува фактор во
политичкиот процесс – зашто е индивидуален – ниту успева да стане
вистински акт на самоопределба – и покрај сите напори на модерната
демократска идеологија да го прикажат како таков, зашто е суштински
демотивиран, тоа е “тајна, приватна работа”. Како и со секоја
церемонија, најбитно е строго да се запази формата, правилата на игра.
Како што беше напоменато веќе на почетокот, политичките избори се само
објективен, неутрален механизам за стабилен трансфер на политичка моќ,
одржување и самопотврда на владеачкиот режим.
Идеологијата на модерните демократски општества ја прикажува
индивидуата како апсолутно суверен, самостоен агент. Целта и е, како
што се покажа, да го индивидуализира, да го раситни потенцијалниот
набој кај масите. Истиов идеал – за апсолутно суверен агент – се
применува при промоцијата на политичките субјекти за време на
предизборните кампањи. (Изборот – помеѓу две или повеќе опции, кои и не
се така различни, кои во основа и не му значат ништо на обичниот човек
– на тоа се сведува поимањето на слободата во денешниве општества! Дали
сега навистина се чувствуваме послободни, ние, од пост-социјалистичкиот
свет? Со тоа што одбираме помеѓу “плавото” и “црвеното”, или помеѓу
овој или оној производ? Се надевам, покажавме, правото на избор е само
начин да се потврди еден режим на владеење; диктаторските режими
отвораа барем некаков простор за бунт, за вистински избор, за вистинска
одлука…На некој начин, тие ја потврдуваа моќта на индивидуалните
чинители, затоа што се обидуваа отворено да и се спротистават, а не да
ја престорат во “право на”, да ја оковаат и да и го предодредат патот.)
Меѓутоа кога се работи за политичките субјекти, слободата не е само
збир од “права на”; на ова ниво се е дозволено во име на заедничкото
добро. Секако, и политичките субјекти се подеднакво неслободни,
ограничени, било од правата доделени на членовите на заедницата која ја
претставуваат, било од правата на политичките претставници на други,
сопернички заедници. Ова го знае секој оној што и малку се разбира во
политичко право. Поентата е во нешто друго: не постои апсолутно
слободен чинител ниту на индивидуално-приватно ниво, ниту на ниво на
политички претставници, не затоа што нивниот суверенитет го ограничува
некаков систем на права и обврски, туку поради самото постоење на
повеќе спротивставени или просто, сопостоечки чинители. Ако ја
превртиме наопаку сликата што модерната демократска идеологија
постојано ни ја нуди, ќе забележиме дека тешко може да се говори за
чинители во вистинска смисла на зборот, зошто самите процеси се
единствено моќни, релевантни чинители. Секој политичар, колку и да е
вешт и способен се наоѓа затекнат во
некакви околности; процесите се одвиваат “над и под”, независно од
политичките субјекти, кои може само да претендираат да бидат чинители.
Она што важеше за учинокот на индивидуалниот гласач во внатрешните
политички процеси, мора да важи и за политичките субјекти како играчи
на глобалната сцена.
Да се вратиме сепак на потесните рамки кои ги има зацртано овој осврт;
да погледнеме повторно како во основа функционира делегирањето на
политичката моќ во демократските режими. Постои очигледен понор помеѓу
приватните индивидуи со право на глас и политичките гарнитури кои се
стремат да ги претставуваат нивните интереси. Политичките групации
никаде не проектираат интереси на збир од повеќе индивидуи, тоа се
секогаш интереси на класа – во највообичаената смисла на овој збор –
тип на индивидуи. Целта е да се возбудат масите, или барем една
одредена категорија граѓани. Индивидуалниот гласач е најчесто поведен
од доминантните колективни расположенија; тој неможе да се пронајде во
политичките програми, па поединечниот чин на гласање е само технички
самостоен. Така анализирајќи ги принципите на модерната демократска
теорија и пракса се наидува на еден парадокс: актот на избирање
политички патрон упорно се дефинира како таен, индивидуален –
“слободен’, во вообичаената политичка реторика – но суштински, тој е
колективен, обезличен: луѓето гласаат за оваа или онаа политичка опција
по традиција, или под диктат на некоја моментна масивна еуфорија. Освен
тоа, веќе се покажа дека чинот на индивидуална политичка определба може
да биде практично функционален само ако е масивен. Политичките
репрезенти им се обраќаат на масите – кои не се прост збир на
индивидуи. Но и ова не е сосема точно; умешноста на политичарот е да
поттикнува колективни расположенија, да артикулира ставови и стремежи,
да плаши и охрабрува. Народната маса е премногу нестабилна за
политичките гарнитури да се потпираат на одредени категории на граѓани.
Всушност, кога се вели една категорија на граѓани, се мисли на одредена
тенденција, ориентација, став: ксенофобија, шовинизам,
анти-милитаризам, либерализам или протекционизам. Подеднакво точно е да
се тврди дека политичките субјекти едрат по брановите народна волја, но
и дека тие самите ја разбрануваат зачмаената маса. Ништо посомнително
од поимот “народна волја”; тоа е само наследник на “божјата волја” од
некои други политички системи, од некои оддамна изумрени идеологии.
Во современиот политички и политиколошки дискурс, чинот на индивидуална
политичка определба обично се претставува како фундаментално човеково
право. Тоа е главниот амблем на модерните демократски режими, начин да
се оправдаат и промовираат пред соперничките политички идеологии.
(Гледаме дека идеологијата на современите демократски режими прифаќа во
принцип, стратегија која не се разликува од онаа употребена во
модерните или старите тоталитарни системи; обете се повикуваат на
некаков универзален, “природен’ ред на нештата. Во случајов, основниот
постулат е дека сите членови на едно општество се апсолутно еднакви;
што се разбира е апсолутна лага.) Но концептот за човекови права, онака
како што е поставен во современите демократски системи, е фактички
деградација, каналирање на еден моќен политички фактор: моќта,
постоечка сама од себе, индивидуална и колективна во исто време, е
претворена во дадено или овозможено, индивидуално
право. Не залудно кога се зборува за човекови права се мисли на правата
на индивидуата; како и со принципот на делегирање политички
претставници преку индивидуално гласање, целта е да се амортизира, да
се омлитави еден потенцијално деструктивен фактор, да се етаблира режим
на одржување и циклично предавање на власта. Една друга
фундаментална стратегија на модерните политички системи – и ова веќе
беше начнато порано во овој по малку хаотичен текст – е да ја претворат
силата, индивидуална или колективна, во права, илјадници ситни права и
должности. Во сликата која упорно ни ја проектира владеачката
идеологија односите во едно општество не се односи помеѓу сили, туку
помеѓу права и обврски. Договор меѓу политичките субјекти, договор
помеѓу нивните поданици.
Станува конфузно, а во основа,
целта на овој текст беше да покаже дека модерните демократски режими не
се ни малку “по благи”, по толерантни од останатите режими на политичко
уредување. Се почувствува дека токму сега е време – кога демократските
режими успеаа да воспостават потполна хегемонија во западниот свет – да
се укаже на суровоста на овој политички систем. (Затоа на неколку
места, во загради, како поттекст, се обидов да ги спротиставам
современите демократски И диктаторски режими; ова е меѓутоа јадро за
еден нов текст.) Да се критикува една идеологија токму на оние места со
кои најмногу се гордее, со кои највеќе милува да го правда своето
постоење. Не постоеше никаква намера да се состави една исцрпна критика
на доминантниот политички систем на Западот. Уште повеќе што низ целиот
текст внимание му беше посветувано не толку на самиот режим, колку на
неговиот одраз, на идеологијата која постојано го воспева. Така, сакале
или нејќеле, доаѓаме до еден стар проблем – се расправаше, можеби
неоправдано за еден сѕстем И неговата слика – нешто, во што би било
неумесно во оваа прилика да се навлегува. Би било многу по корисно, за
крај, уште еднаш да се издвојат оние неколку манипулации на современите
демократски режими, точка по точка, онака како што се јавуваат во
текстот:
- Еден, во основа, неутрален, механизам на трансфер на политичка моќ се прикажува како универзална вредност и придобивка.
- Се
испревртуваат причините И последиците: чинот на избирање политички
претставници не носи стабилност туку обратно; најнапред неопходна е
политичка стабилност за да може ваквите системи нормално да
функционираат.
- Две, навидум, спротивни тенденции:
индивидуализација и приватизација на делегирањето политички
легитимитет; но воедно и обезличување и чопороидност. Индивидуалниот
чин на политичка определба не е чин на слободна определба!
- Индивидуалното
делегирање политички претставници само технички влијае на трансферот на
политичка моќ. Одлучуваат тајни, фашистички групации, категории на
граѓани, мас-еуфории; масата не е обичен збир на индивидуии.
- Постепено,
со пишманење, чинот на избирање политички претставници станува
хомологен со потрошувачкиот чин. Тоа е “тајна, приватна работа”; згора
на се полу-задолжителна…
- Лажната идеја за
индивидуата, политичките субјекти како апсолутно суверени чинители,
како господари на процесите. Само процесите, предвидливи или не, може
да бидат вистински чинители!
- Лажната идеја за
“народна волја” И нејзините претставници, нејзините
толкувачи. Волјата на народот како наследник на концептот
за божјата волја во старите монархии.
- Трансформирање
на индивидуалната/колективната сила во збир на права И должности; тоа е
една мошне стара измама: ви го даваат она што веќе го поседувате.
Премногу,
за еден вака кус осврт. Секоја од овие точки би можело да се развие во
тема за себе. Така би било најдобро; И зошто сметам дека зборувам не во
свое или во име на некоја група, туку изнесувам расположенија, сматни
размисли на еден круг луѓе; И зошто во оваа шума од проблеми сигурно ќе
се појават несогласувања помеѓу самите нас, би било добро тука да
завршам. |