Изгледа крајно очајно да се пишува за работни институции во модерните општества. Тоа неизбежно се претвора во цмиздрење за немоќта на “обичната индивидуа” (еден од омилените здраво за готово примени концпети на денешницата), набројување на потенцијалите на модерните институции, нивната монументалност и историчност наспроти ситните идиотштини на “приватното лице“ (в. подолу за приватноста). Нема место за приватни ликови во современите производствени односи. Се што се создава зад неформален превез е одамна префрлено во инаква категорија. Се знае каде е денес местото на стариот индивидуален создавач, на тајфите (занаетчијата, билкарот, самоукиот проучувач). Таквото творештво е обележано со посебни одлики: народно, рудиментарно, аматерско. Модерното општество знае да ги вреднува понекогаш и овие квалитети. Вонинституционалниот труд во секој случај останува второкласен, рецидив; во некои случаи сочуван, во поново време и возобновен, не толку од љубов кон старинското, колку како начин на производтсво, алтернативен на оној во големите (не ретко и тромави и опасни) работни институции. Слушаме како богатите држави, големите меѓународни организации се почесто инвестираат во овој сектор (мошне веројатно е сепак дека ова е само празен, декларативен обид, или итра пропаганда). И таа подршка е пред и се наменета за техничкиот аспект на производството, за неговите резултати, не за неговата организација. Јасно е дека повеќе нема враќање на старото (било индивидуално, било групно) производство. Постои ли тогаш во денешни услови, место за вонинституционално, само-организирачко работење?
За да не доаѓа до забуни, потребно е да се разјасни што ќе се подразбира под институции натаму во текстот. Иако на прв поглед изгледа јасно дека ќе се расправа за институции во смисла на формални организации, кај нас познати како “правни лица“, текот на размислувањето ќе наметне потреба да се одредат некои општи одлики на институционалната организираност. Тоа пак, не води кон поимот институција што често се користи во современите културно-општествени и економски теории. Нема на ова место да се расправа за институцијата како повторлива пракса, или како општ систем од вредности. Интересот ќе биде насочен кон она што современите општествени и економски теоретичари го нарекуваат “материјален“ или “објективен“ аспект на институциите. Институцијата како затворена, формално уредена производствена единица; нејзиниот квалитет да го организира и да кормилари со производството. (производство во најопшта смисла на зборот) Со други зборови институти, не институции.
Доколку институцијата се поима како било кој општествен механизам или структура од правила и односи, се јавува еден додатен проблем. Ако секој облик на индивидуално или колективно делување се гледа низ оваа призма не останува никаков простор за неинституционална пракса. Најдобро е засега да се остави овој теориски проблем на страна; незнам зашто би го осудувал ваквото поимање, но има некое злокобно преклопување меѓу теоријата по која целокупното општество е сплет од институции и модерната тенденција да се инситуционализира што е можно повеќе од општествената пракса.1 Друга е темата на овој кус прилог; се прашуваме најпрвин што е тоа вонинституционална пракса во денешни услови, кои се нејзините квалитети во однос на институционалното делување, колку е таа вредна и одржлива. Притоа сакале-несакале, ќе наидат проблеми од чисто теориска природа, но главната цел е да се опише актуелната ситуација, да се согледа јасно и разделно што е она што го прави вонинституционалното делување да изгледа хендикепирано, второкласно. Ова е воедно и повик за внимание кон овој запоставен проблем. Како и обично, премногу работи, кои можеби и не се така неважни, се забораваат; уште полошо, се прифаќаат онака како што се сервирани од релевантните специјалисти.
Не мора премногу да се задржуваме на она што го имплицира постоењето на инситутцијата, нејзините “предности и маани“. Сето тоа е добро познато: работни и финансиски потенцијали, монументалност и углед, секако, тесни врски со локални, државни или глобални центри на моќ од една, од друга страна, контрола над индивидуалниот труд, негова распределба, специјализација, насочување...(иако неможе да се биде сосема сигурен дека ова се поима како маана) Побргу ќе се стигне до суштината, доколку се побара основното начело по кое институциите функционираат. Која е основната задача на институцијата? Да создаде нешто монументално, колективно-историско, да го “национализира“ индивидуалниот труд, да го деприватизира. Институциите се склопови за претворање на засебни индивидуални или групни намери и напори во масивни, колективни и однапред, стандардизирани вредности. Затоа институциите вообичаено се дефинираат со општи одлики како трансиндивидуалност (постојаност, потенцијал, статус), историчност и долгорочност. Идеално, институцијата е продолжување и засилување на можностите и целите на индивидуата, “нејзино исполнување“. Во оваа смисла и метафорички институциите се доближуваат до техничките средства. Но реално, индивидуата вон институција е однапред осудена на ефемерно, слабокрвно творење. Навистина, во денешно време, единствен облик на обмислена колективна пракса во западните општества е институционалниот. Вон владее неодреденост, немоќ, рассеаност...Се насетува една значајна последица на институционализацијата; тоа е процес кој “лачи“ неинституционален простор. Тоа е и процес кој создава критериуми и вредности, во однос на кои се проценува местото и значењето на вонинституционалниот труд. Оттука, двете основни одлики на институционалното делување се трансиндивидуализација и стандардизација.
Но што е она што во суштина го разликува институционалното од вониснтитуционалното творење? И што точно значи претворањето на индивидуалните дејности во колективни цели и вредности? Добро познатиот приговор гласи; институцијата не ги прави луѓето туку обратно; дека институцијата е едвај само плод на колективна, повеќегенерациска работа. Во претходните неколку текстови упорно се критикуваше ваквиот “здраворазумски“ став. Како што толпата не е прост збир од индивидуи, така и институцијата е нешто друго, нешто повеќе од проста агломерација на индивидуални чинители. Според пред малку изнесената дефиниција, задача на институциите е токму надминување на локалното, индивидуалното, неорганизираното...Институциите се полнокрвни општествени тела, субјекти, составени од тесно-профилирани кадри (функции), раководени од помалку-повеќе дефиниран работен режим. Во институциите индивидуите се манифестираат како (не)квалификувана работна сила; трансформацијата на индивидуалните практики и стремежи најнапред подразбира издвојување на работоспособноста како единствен релевантен квалитет на приватното лице. Нема место за приватни проблеми и специфики во работните институции. Еден од хероите на денешницата е успешниот специјалист, професионалецот; и покрај здравствените, и покрај домашните проблеми. Идеално, најсилна е онаа институција која успеала да ги суспендира сите приватни хирови, да го сведе влијанието на вработените како приватни лица на минимум. Второ, воведување на работен режим. Ништо не го спречува единечниот специјалист, вработен во институција, да ги (зло)употреби нејзините капацитети за лични (не мора приватни) цели. Или уште пострашно: институцијата може да се претвори во обична школка, лушпа, во чија внатрешност се родило некое тајно друштво, се оформило некое друго општествено тело кое ги засенило институционалните врски, принципи и цели. Оттука, секоја институција мора да има организација на трудот, работна етика. Затоа нејзините средтсва се аналогни со оние на државата, политичките организации (па нели се тоа институции според институционалната теорија) и воопшто сите колективни, општествени појави. Хиерархија, било постојана било променлива, определување, насочување или суспендирање на производството; со еден збор “жртвување на индивидуалните во корист на општите добра“. Дури и кога нечии индивидуални потенцијали мируваат или нецелосно се користат, тоа може да е корисно од гледна точка на институцијата.
Тоа се во основа двете идеални начела преку кои се врши надминувањето на локалното, приватното. Битно е да се разбере институцијата како облик или степен на организираност: има посилни и послаби институции, но нема апсолутна институција, каде начелава функционираат беспрекорно. Тоа се идеални принципи кои се само еден пол на оската по која варира институцијата. Како и се останато, институцијата е во постојана состојба на грч; таа мора постојано да се варди од опасностите на тривијализација, партизирање, дезорганизирање. Колку и да се строги работните правила, колку и да се предани вработените кадри, напливот на приватното, на не или транс-професионалното е константна сила која постојано ја влече институцијата кон спротивниот пол на оската, проста агломерација, збир од приватни лица.
Трансиндивидуалноста (и просторно и временски) е главна одлика на институцијата; институционалната експанзија го брише просторот за индивидуално, необврзано чинење. Меѓутоа погрешно е вонинституционалното делување да се изедначи со индивидуалното, а институционалното со колективно. Како сите модерни општествени феномени, институциите неизбежно се судираат со проблемот на индивидуата и нејзината слободна волја. Последниот текст се обиде да укаже на парадоксот на слободната индивидуална волја во модерните демократски општества. Особено, беше потенцирано местото на концептот за слободна индивидуа во рамките на доминантната идеологија на денешницата. Разбирливо е што практично истиот концепт, го регулира и оправдува институционалното работење; институционалноста учествува во продуцирањето на слика и поим за индивидуалност, и како и доминатната политичка идеологија, упорно го истакнува значењето и улогата на индивидуалната волја и пракса. Се покажа; тоа е начин режимот да ги сокрие прлавите дамки, за тоа служи идеологијата. Се покажа и дека концептот за слободна индивидуа е во најмала рака парадоксален. Простото спротивставување на индивидуалното и институционалното и оди во прилог на доминантната доктрина. Затоа од огромна важност е секој слободоумен, бунтовен дух е да го разбере и да му се спротистави на ваквото поимање. Не сакаме повеќе да веруваме во прикаските за индивидуата како самостоен, суверен ентитет, па затоа мора да се отфрли опозицијата инситуционално-колективно/вонинституционално-индивидуално. Постојат луѓе-институции исто како што постојат и деинституционализирани колективи; во што е тогаш суштинската разлика меѓу институционалното и вонинституционалното?
Се чини, вонинституционално делување може да се дефинира само негативно; тоа е се што останува вон формалните или неформалните институции. Во современите западни општества, институтите претставуваат основна рамка за делување, она што се случува надвор од институциите е или на пат да се институционализира или останува просто неуспешно, неорганизарано, неефикасно, или во најдобар случај, аматерско, приватно. На тој начин повторно се доаѓа до позицијата на институционалната теорија: нема простор вон институциите, тие се единствена форма преку која современиот човек може да создава општоприфатени вредности. Меѓутоа расправајќи за природата на институциите се покажа дека не постои апсолутна институција. Секогаш постојат “неинституционални“ елементи кои се постојана закана за институционалните врски и столбови. Всушност, според предложенава дефиниција за институционалност, неинституционалното е главен репроматеријал на институциите како општествени механизми за организација и насочување на производството. (Ова е на некој начин, и тоа сосема случајно, обратно на тезата на институционализмот, според која институциите се инхерентни на секое општествено делување.) Човекот по природа, (иако лично се гнасам од оваа одредница) е неинституционално животно, неорганизирано, необврзано, спонтано... Ќе се држиме настрана од еден од омилените проблеми на институционалната анализа, дали е институцијата вродена или наметната културно-општествена појава. Засега, многу побитно е да се констатира институционалноста како одраз на една општа волја, волја за пермаментност и монументалност.
Вонинституционалното делување значи постои и на маргините на општеството и внатре самите институции, во вид на скриена тенденција. Институционалното и вонсинституционалното не се едноставно спротивставени, како форма и материја; тие се попрво како две истовремени, взаемно поврзани стремежи. Доколку посакаме да се запрашаме од каде институции?; изгледа ќе мора да се задоволиме со едно старо, интересно образложение: тие се јавуваат наеднаш, исто како државите, доаѓаат од никаде, како старите народи...Потешко е позитивно да се дефинира неинституционалното, да се насетат тие квалитети без да се реферира кон она што се припишува на институционалното. Дефинирајќи го неинституционалното како -вон-нституционално, како отсечок, остаток, ја прифаќаме перспективата која ја нуди институционализираната пракса; вредностите кои ги создаваат институциите стануваат основно мерило. Вонинституционалното останува просто ограничено, лишено од потенцијалите во кои ужива институцијата: големи технички и финансиски средства, општествено-правен статус за полесна комуникација и координација со соседните институти, специјални привилегии за вработените кадри, систематски планирана потрошувачка на време и работа, долгорочни планови и стратегии, конечно, поголема доверба и вреднување од страна на општеството. Вонинституционално не е опремено да создава “големи, значајни“ нешта, но тоа се здобива се редица други квалитети, кои не се прости недостатоци. Навистина, лишеноста од средства во принцип значи помало и побавно производство, производство од понизок ранг. Немањето координација, долгорочни планови, готови искуства, го водат вонинституционалниот творец кон инакви цели, инакви методи. Не постои ни причина ни логика ни можност да се натпреварува со институциите; таа битка е однапред изгубена, а не е ни можна без практично да се создаде нова, соперничка институција. Наместо да ги доживува сопствените квалитети како немоќ, неинституционалната пракса може да создава вредности различни (а не просто помали) од оние што ги произведуваат институциите.
Неинституционалното делување е осудено да биде експериментално; дури и кога се обидува да ги следи институционалните конвенции, тоа е принудено да импровизира, да бара скришни патеки. Немајќи начин да ги следи целите и методите на институциите, тоа неизбежно станува “игра за себе“. Се губи врската со институционалната дисциплина, нејзините традиционални вредности стануваат недостижни и неинтересни. Се создаваат нови проблеми и цели, или се извитоперуваат постоечките. Ограниченоста ја тера вонинституционалната пракса да се прилагодува, да се снаоѓа со она што и стои на располагање. Така деформирана таа повеќе не потпаѓа под закрилата на ниедна институција, изнаоѓа свои сопствени логики и правци. Или во полош случај, доживува неуспех во обидот да ги достигне целите на институционалното работење. Секоја неинституционална пракса е потенцијално нова дисциплина, нова институција; но како и секој експеримент таа е пионерска: или ќе биде славена после смртта или веднаш ќе биде заборавена. Всушност, експеримент не е најсоодветна метафора за неинституционалното делување зашто за разлика од експериментот, оваа практика неможе комплетно да се повторува. Повторливоста е одлика на институционалната пракса, каде успехот и неуспехот се пресметани.
Неинституционалното делување е специфично и нестандардно. Затоа, тешко воспоставува комуникација дури и со сродните пракси, тешко наоѓа заинтересирана публика. Тоа ништо не ветува, ништо не гарантира. Се зависи од сплетот на околностите, од искуството и капацитетите на вонинституционалните творци. Па сепак неинституционалното создавање не се одвива во вакум, тоа не е просто приватно, локално, без никакво општо значење. Она што му недостасува на ваквото создавање за да може да влезе во формалните општествени токови е стандард, гаранција за вредноста на вложениот труд; значи, да се здобие со една одлика на институционалност. Општеството повеќе не им верува на “голите луѓе“. Како што пред малку беше кажано, произведеното вон институциите се оценува отпосле. Се оценува како свршен акт, чин, не производство. Дали некое само-иницијативно проучување, или спонтано организирана политичка акција е општествено релевантна работа или приватна безначајна лудост е историски проблем. Самиот производствен процес меѓутоа, неговите начини и цели, не се со помала општа важност од институционалните. Институционалното и неинституционалното не се однесуваат исто како колективното и приватното. Неинституционалното може да воведе некоја стара сокриена традиција во својата пракса, а институционалното да остане заложник на нечии приватни интереси. (Познати се на пример, случаите на нарачани истражувања, и тоа водени од звучни и големи истражувачки институти.) Специфичното како одлика на неинституционалното е одраз на неговата ситуација во денешни, институционализирани услови, на неговата локалност, необврзаност или придржување до некои заборавени или тајни традиции. Оттука толку силната сличност со народното творештво од една, и криминалните активности од друга страна. Но неинституционалното работење не е просто приватно.
Вониснтитуционалното производство делува рудиментарно, второкласно во споредба со она што се создава во институциите. Така е, затоа што институционалните стандарди станале главен критериум, нивните начини и цели станале универзални. Дури и кога не ги прифаќа, вонинституционалното производство е проценувано во однос на институционалните норми. Тоа го прави постојано да изгледа смешно, како неуспешна имитација, или дури пародија на институционалното работење. Меѓутоа се знае дека влогот на институциите е недостижен за надворешни играчи. Неинституционалното работење неможе да биде одржливо се додека претендира да се натпреварува со институциите. На сметка на непрефинетоста, примитивноста, тоа е лесно, скришно и необврзано. Ослободено е од помпата, од тешките процедури, финансиски, морални и професионални обврски кои се нужност за институционалното работење. Тоа е цената која институционалната работа ја плаќа за да биде вреднувана. Најпосле, нели е примитивноста, рудиментарноста, одлика на се она што е суштински ново, револуционерно? Дури и кога нешто такво се јавува под закрилата на некоја институција, тоа се случува на нејзините рабови.
Организацијата на трудот во неинституционалното производство е моментална и нестабилна. Тоа повторно го диктираат условите на институционализираност. Процесот на производство вон институциите е непредвидлив. Тоа во голема мера зависи од мотивираноста и можностите на самостојните чинители, од соработката со етаблираните институции (кои постојано се наметнуваат како неопходна алка во производствениот процес), од добрата среќа. За момент, како секој да си има свое место во производствениот тек, а потоа, секој може да работи се, или некој да не работи ништо. Неинституционалното производство постојано се судира со неуспеси: незавршени проекти, напразно потрошена енергија и средства, напразно губење на време, распрснување и слабеење на производствените сили. Се чини, кога успева, неинституционалното производство го прави тоа наеднаш, непланирано, како гром од ведро небо. Инаку, или сопира, или пропаѓа обидувајќи се да ја имитира институционалната организација на трудот. Неинституционалната организираност нема друга суштинска одлика освен непостојаноста; во споредба со некои модерни институти, неинституционалната организација на трудот дури може да изгледа крута и нехумана. Всушност, организацијата на трудот вон институциите е еднаква на самиот процес на производство. Тоа е производствено тело за една употреба. Еднаш склопено, тоа ја исполнува својата цел, (или не,) и се распаѓа.
Постои и друга можност; да се институционализира. Значајно е што токму стравот од неуспех, од тонење во безначајно, приватно, го тера неинституционалниот произведувач да го прифати рецептот за успех кој му го нуди општеството. Институционализацијата значи доаѓа од два правца: планска институционализација на одредени сектори, водена од државата или некои големи корпорации, и од внатре, од самиот неинституционален простор, но повторно, под притисок на темпото и стандардите наметнати од постоечките институции. И во оваа смисла институционалното е деривирано од неинституционалното, секоја неинституционална активност е потенцијална институција. Неинституционалното делување е како крајно нестабилно хемиско соединение, прашање е дали ќе доживее доволно долго да ја исполни својата цел. Но под одредени услови може да прерасне во стабилен сплет, целосно менувајќи си ја природата. Процесите на институционализација и дезинституционализација се повратни но не ја следат истата патека: првиот се јавува повремено и е секогаш плански артикулиран, додека вториот е постојана и стихијна тенденција.
Не треба да се прашуваме дали е неинституционалното производство можно или одржливо. Тоа е океанот во кој пливаат институционалните тела; таму производството има инаков режим. На моменти се се одвива брзо, непредвидливо, а потоа следат долги интервали пасивност, мирување. Низ вонинституционалниот простор владеат бедни услови, сурова клима, се е оставено на милост на стихијата. Наспроти него, институционалниот простор е затворена средина каде владеат умерени и стабилни прилики, иако ништо не гарантира дека ѕидовите нема да попуштат. Погоре беше речено дека институциите се одраз на една општа волја за перманентност и монументалност, но тие се и сведоштво за еден примордијален страв од распаѓање, партикуларизирање, од непостојаност и неповрзаност. Институтите се и резултат на чопоративниот инстинкт кај луѓето, потреба од правила и рамки, немоќта да се носат самоиницијативно. Понекогаш, во модерни услови, на институтите се гледа како на commody, лек од хаотичност, непредвидливост, неповрзаност. Создаден како резултат на страв, институтот останува во постојана состојба на параноја, било да демонстрира конзервативност или прилагодливост. Во таа смисла, неинституционалното создавање е херојско и епско во споредба со внимателното, секогаш пресметано, работење на институциите. Потребна е исклучителна страст и храброст да се напуштат удобностите и полномоштвата кои ги нудат институциите. Да се талка низ неинституционалното, можно е само без обѕир кон успехот или неуспехот, без обѕир кон омаловажувањата и игнорирањата. За тоа е потребна ретка, херојска дрскост и безгрижност.
Институционалното и вонинституционалното се два различни начина на функционирање на производството во модерните општества. Целта на овој текст беше да се определат некои нивни суштински одлики, да се скицира нивното место и сооднос. Особено внимание беше посветено на позитивното вреднување на неинституционалното; против поимањето на неинституционалното како остаток, неопределен и инертен меѓупростор (каде нема никакво производство?!) и теза обратна од онаа според која се што се создава вон институциите е или на пат да се институционализира или е без никакво општествено значење. Првобитно, не постоеше никаква намера да се зборува за институционалното и неинституционалното како две спротивставени етики, да се оправдува едното, да се напаѓа другото; иако општиот впечаток е таков. Поентата беше да се прикажат овие два модуса како еднакво присутни и реални, како сопостоечки. А потоа и да се испитаат последиците на вака постулираната спротивставеност: прашањето што значи институционално, а што значи неинституционално делување. Тоа во основа значеше ребалансирање на перспективата која ја нуди институционализмот, потврдување на неинституционалното. Оттука впечатокот дека низ целиов текст се опева создавањето вон плаштот на институциите. На крајот, сепак беше редно да се назначат вредности и за двата облика на производство; вредности определени од објективните услови кои владеат низ двете сфери во кои се одвива сета општествената пракса. Институционалното и неиснтитуционалното работење се разликуваат и според размерот и според квалитетите, а со тоа овие два облика се здобиваат со различни низи од вредности. Институционалното производство е монументално и стандардизирано; не институционалното е локално и специфично; со сите импликации кои ги носат овие карактеристики. Мора да се опомене дека овие општи одлики се однесуваат на самиот чин на производство, не на неговите плодови, на она што отпосле се проценува и шитка. Она што настанува во неинституционалното лесно може подоцна да се стекне со углед и монументалност, или да роди некоја нова работна институција.Од друга страна толку многу институти остануваат да создаваат во рамките на локалното.
Не сум ни малку сигурен дека текстов успеа разгледно да согледа некаква разлика помеѓу институционалното и неинституционалното. Можеби оваа дистинкција е валидна само на ниво на производство, самиот производствен чин, додека од аспект на произведеното, па и во однос на организацијата на производството, нема голема корист од поделбата на општествената пракса на институционална и неинституционална. Така, испаѓа дека разликата институционално/неинституционално е просто во степен, во размер, што е добро познато. Вредеше меѓутоа, кон ова да се додаде и една квалитативна разлика, зашто мора да се признае, неинституционалното производство не е само минијатурна варијанта на институционалното. Во таа смисла беа наредени вредности за обете. Конечно, требаше да се расчисти со два пара спротивставени одлики кои вообичаено се поврзуваат со институционалното односно, неинституционалното работење: индивидуално-колективно и приватно-јавно. Немаше место премногу да се навлегува во проблемите кои ги наметнуваат овие генерализации, но како и во некои претходни текстови, требаше да се шутнат од патот за полесно да напредуваме.1. Да се види под неоинституционализам, или институционална анализа. Постои опширна библиографија на оваа тема, од автори економисти, социолози, антрополози, политиколози...И долга, сите овие теоретичари се повикуваат на постари класични автори, функционалистите од средината на минатиот век, и поназад се до Диркем.