Logo
за терор 13 | архива | контактирај нè | линкови текстови | концерти
Информација

ekhАвтономни движења

Автономните движења( герм. Autonomen, итал. Autonomia) се радикално левичарски движења, кои  се јавуваат во 1970-те, најпрво во Италија, а потоа и во Германија и на други места во Европа. Се карактеризираат со одвојување од традиционалната политика и се стремат кон самостојно управување врз сопствените животи,  кои се изразуваат преку самоуправување и автономија.

Главното обележје на автономните движења е дека не тежнеат кон освојување на власта ниту пак реформи на друштвата низ институција, туку развивање на  алтернативни животни стилови, овде и сега. Тие одбираат да живеат во комуни наместо во традиционални фамилии; во сквотираните простори создаваат социјални центри кои се вон комерцијалната масовна култура, а интернационалната заедница, дефинирана преку радикалните акции, се спротиставува на национализмот подржуван од страна на државата. Уште едно суштинско обележје се независноста од политичките партии и синдикати (моќта преоѓа од политиката во секојдневниот живот), одбивање преговарање со државата, автономност на односот во својата група (не примаат наредби од никого), непостоење на лидер/ка[6] и милитантен пристап во честите масовни конфликти со полицијата. Со оглед на тоа дека не постои единствен став за движењата во разните теми, повеќе се ориентирани кон акција, отколку кон идеологија, односно својата теорија ја изразуваат со акција. Во децентрализираноста гледаат предност бидејќи ја отежнува инфилтрацијата на полицијата, а олеснет е развојот на самоиницијативите, бидејќи се потикнува индивидуалното донесување одлуки во политичкиот развој. Во периодот на блоковската поделба на светот, тие себе си се гледаат како револуционерна алтернатива на ,, авторитарниот социјализам” како и на ,,псеудодемократскиот капитализам”.

Автономното движење е за ,,укинување на политиката”, посакуваат да го уништат постоечкиот друштвен систем затоа што го сметаат како причина за нехуманост, искористување и секојдневна монотонија. Често се сметаат за постполитички поради нивното бојкотирање на изборите и политичките партии. Во својата книга,, Subversion of Politics” Katsiafiacas го изложуваат историјатот на делување и социолошката дефиниција на автономните движења и ги категоризираат како движења кои ја субверзираат политиката така што ја претвораат јавната партиципација во нешто сосема друго од она што вообичаено се сфаќа како политика. Сквотирањето го набљудуваат првенствено како еден нивен вид на делување, односно дека автономен, похуман и неотуѓен облик на живот се практикува овде и сега; да се покаже дека конкретните проблеми како недостаток на станбен простор, можно е да се решат самостојно, без помош на државата, а некогаш и со конфронтација со државата.

Појавување

 

Многу групи[7], независно една од друга, истовремено се појавуваат при крајот на 1960-те во повеќе земји на западна( капиталистичка) Европа: Саморедукција во Италија, Радикалните Феминистички[8] групи, Контракултурните групации како што се Метрополитенските Индијанци во Италија, Спонтисти во Германија, Провоси во Холандија, Младинското Движење во Швајцарија и Данска и делови на мировно и антинуклеарно движење, а сето тоа кулминира со појавата на групите кои себе самите се нарекуваат автономни. ,, Автономија е поим кој преку ноќ му даде име на нашиот револт… Пред тоа се нарекувавме анархисти, спонтисти, комунисти или пак имавме различни индивидуални концепции во начинот на живеење. Затоа сите станавме Autonomen”[9]

Италијанска autonomia

 

1970-те во Италија се години на ,,историскиот компромис” (итал. compromesso istorico), кога Комунистичката партија на Италија (KPI) и Демохристијаните, непомирливи политички противници, направија соработка за надминување на длабоките економски, друштвени и политички кризи во земјата. Лидерот на комунистите Enrico Berlinguer и председателот на демохристијаните Aldo Moro[10] беа заговорници за таа соработка. Многу радикални левичари ваквиот потег на KPI го доживуваат како предавање на класната борба и почнуваат да бараат политичка алтернатива надвор од парламентот. Луѓето се повеќе му го вртат грбот на класичната левица затоа што размислувала во рамките на класната теорија од 19 век и не била способна да ги решава актуелните проблеми, но исто така свртеле грб и на новата левица (Lotta Continua, Autonomia Operaia, Potere Operaio, Il Manifesto, итн.) затоа што почнала да има се повеќе политички апетити, покрај влезот во парламент, а не знаела повеќе кои се вистинските проблеми на младите. Дури доаѓало и до конфликти на манифестациите на новата левица помеѓу обезбедувањето и панкерите, феминистките, студентите итн. Така настануваат италијанските автономни движења.

Автономиите сакаат укинување, а не поправање на државниот апарат. Според нив државата е генератор на сите неправди во друштвото. При крајот на 1960-те во Италија се јавува Саморедукција (autoreduzione), т.е. движење кое се состои во одбивањето плаќање на сметки. Со заземањето на просторите (куќа, фабрика, факултет, јавни површини) го изразуваат своето несогласување со концептот сопственост, се противат на шпекулациите со недвижнини бидејќи многу луѓе остануваат без покрив над главата и барале свое место во јавноста. Еден од главните слогани на автономното движење било “vogliamo tutto!” (сакаме се !). Конфликтите со полицијата, жртви и масовните апсења стануаат секојдневност. Со автономните движења се јавуваат и првите социјални центри во Италија, а нивното наследство се гледа и денес во многу автономни движења и низ места ширум Италија и Европа. Еден од главните теоретичари на движењето е Antonio Negri. Автономистите во Италија полека почнале да слабеат поради се појаката државна репресија и појавата на "тероризмот” на Црвените бригади и други вооружени групи, па движењето се шири во Германија, Швајцарија, Холандија и на други места.

 

Германски autonomen

Германското движење учеше од италијанското и многу од германските активисти биле во Италија тие години, како би ја пренеле таа борба и во Германија. Така настанува Autonomen[11], германска варијанта на автономното движење, а од нив подоцна се развива Црниот Блок. Главната поткрепа на германското автономно движење биле Феминистките, Сквотерите и Анти-нуклеарните активисти. Германија по втората светска војна ја развива интензивно нуклеарната енергија. 1977 е година на масовните демонстрации против атомските централи. 1979 година над 150 000 луѓе протестираа против нуклеарната политика на SDP и федералната влада. При крајот на 1981 година германската влада почнува да ги легализира некои сквотови за да го подели автономното движење и за да ги маргинализира радикалните елементи. Но движењето не е ослабено, туку напротив, е засилено во периодот на 1980 и 1981 година; не само поради бруталниот третман кон сквотерите, туку најмногу поради полициската мобилизација уште од третиот рајх, поради нападите на ненасилните, седечки протестанти
,, Слободна република Венланд”, кампот со 5 000 анти-нуклеарни активисти кои го блокирале градењето депонија на нуклеарен отпад во Горбен. Дури и многу други пацифисти се радикализирани со такви политички искуства. Како одговор на насилството на државата радикалните активисти развиваат тактика на Црниот Блок (герм. Schwarze Block), протестирајќи и марширајќи со шлемови, ски- маски и црни униформи, а оние најспремните носеле и чизми појачани со метали, štanlge, палици, пендреци и штитови. ,, Црното стана боја на политичката ништожност-повлекување послушност на партиите, владите и нациите” (Katsiafikas). 1980-те во германските градови маршираа илјада луѓе облечени во црно, носејќи пораки ,, Гради револуција, провоцирај моќ ” или ,, Не ги одбројувајте нашите денови, одбројувајте ги вашите ”. Автономците често се конфронтирале тие години со растечките неонацистички збирштини и полицијата која ги иселувала сквотовите.

Во текот на 1980-те Hafenštrase во Хамбург била јадро на меѓународното автономно движење. Од 1984 до 1990 секоја година се одржувало собирање на автономците, на кое присуствувале и по 5 000 луѓе; се разговарало за сквотирање, анти-нато, анти-нуклеарната политика, проблемите на политичките затвореници и меѓународната солидарност.

Во 1995 година над 2 000 автономци се собрале во Берлин за да разговараат за автономното движење во 21 век. Пример: ,,новите” антономни движења се Запатистите, потомците на Маја Индијанците од џунглата Џијапас во Мексико, кои се борат против угнетувањето кое го трпат од кога Кортез влезе во јужно Мексико и  за народната автономија.
A

Антиглобалистичко движење

 

Автономните движења се дел, а добар дел и инспирација за тнр.антиглобалистичко движење. Антиглобалистичкото движење е термин кој најчесто се користи да ги воопшти друштвените групи кои протестираат против глобалните трговски договори, негативните ефекти од слободното тргување во сиромашниот свет, загрозување на животната средина и меѓународните воени интервенции. Антиглобализам е медиумска кованица, самите учесници на ова движење често себе си се нарекуваат со други имиња, а тоа се: Движење за Глобална Правда, Алтерглобалистичко движење( бидејќи се за различна глобализација), Алтермондијалистички( бидејќи се борат за различен свет), Движење на движењата и сл. Движењето во својата суштина е интернационалистичко, со тежнение кон глобалното организирање. Битно својство е солидарност со угнетените луѓе ширум светот. Движењето привлече значително медиумско внимание по големите протести против светската трговска организација во Сиетл, декември 1999 година ( познато како ,,Битка за Сиетл”), што се смета за прво со значајни резултати од борбата која автономците ја започнаа во 1980-те, кога нивниот дискурс и нивните залагања влегуваат во мејнстрим медиум.

[6]- За да се спречи настанувањето култ кон личноста, истакнати автономни поединци движењето го нарекуваат промис (проминентни поединци), што е негативна конотација. На демонстрациите говорниците често говорат од внатрешноста на камионот, така да говорникот може да изразува радикални ставови, а полицијата и нацистите не можат подоцна да ги препознаат, и медиите не можат да создадат ,,лидер” на движењето.

[7]- Поголемиот број на овие движења во социолошката литература се нарекуваат нови друштвени движења, но Katsiafiacas вели дека во рамките на нив постои посебна група на автономни движења, која посебно сака да се разграничи од зелените, кои тоа не се.

[8]- Феминистичките движења во 1970-те функционирале кон самоуправен консензус, одлучувале независно од централниот лидер/ка и ги применувале одлуките од својата самодисциплина.

[9]- Автономно списание Радикал бр. 123

[10] - Aldo Moro, лидер на демохристијаните и тогашен премиер на Италија, платил со глава поради соработката. 1978 година е киднапиран на патот кон парламентот каде требало да се изгласа влада на чело со демохристијанинот Џулио Андреотиј, со подршка од KPI, што требаше да биде прва примена на ,,историскиот компромис”. По 55 дена од безуспешните преговори, Моро е убиен од страна на Црвените Бригади, а неговото безживотно тело е оставено помеѓу седиштето на демохристијаните и комунистичката партија на Италија.

[11]- Аутономен е германски термин кој во литературата најчесто се користи во изворен облик.