Logo
за терор 13 | архива | контактирај нè | линкови текстови | концерти

Директна Акција или за делувањето


Насетувам приговори дека сум премногу скептичен, пасивен, дека сум навлегол во некаков мистицизам. Дека сум всушност несериозен позер, дека дури и теориските расправи кои ги пишувам се само фрлање прав врз она што е кристално јасно. Се потешко станува затоа да се пишува на теми од ваков вид, да се расправа за концепции донесени од страна. Никогаш на ниту еден текст не му била целта да критикува, во вообичаената смисла на зборот. Постои пририодна недоверба кон туѓите нешта; потребно е да се испитаат, да им се определи местото во новата средина, да се провери дали евентуално немале некој свој претходник тука…А постои и она големо несогласување со односот на доминантните западни анархистички идеи кон моралноста, кон вредностите со кои во овие кругови обично се оправдува делувањето. Оттука, таа мала доза на непријателство кон некои добро познати анархо-фрази. Напаѓајќи ја, преобмислувајќи ја идејата за политичка коректност, без намера да се одобрува тоталитарноста, шовинизмот во говорниот јазик, да се фрли сомнеж врз концептот на директна акција без да се доведува во прашање самото делување, неговата нужност и вредност. Тоа е во груби црти задачата која си ја поставив. Најпосле, темата на овој кус текст, не е толку да ја разгледува идејата за директна акција во општи црти, колку да укаже на она што нас тука не мачи околу овој проблем, да се соочи со последиците од оваа идеја во локални рамки. Жално е што за полно работи ќе мора да се прават тешки претпоставки, да се зборува со сомнеж. Жално е што толку малку комуницираме, што владее таква рамнодушност за она што некогаш поврзувало, што сме го спознавале речиси спонтано.
Од каде толкаво значење за нешто што се подразбира речиси само по себе; зашто да се издвојува една посебна идеја за нешто толку општо? Директна акција, како и многу други термини кои анархистичката мисла со задоволство ги користи е нејасен термин. Очигледно, целта е да се посочи кон политички мотивирана активност (за да се разликува од приватните) изведена вон каналите што ги нуди режимот (за да се разликува од останатите видови на политички, јавни активности). Натаму се прецизираат некои својства што директната акција ја чинат типичен анархистички метод: спонтаност, отсуство на хиерархиска организираност, необвразност кон медиумите или некои политички спонзори итн. “Директна акција како анархија на дело” (види на пр. Sparrow, R. Anarchist Politics and Direct Action. Spunk Online Anarchist Library; www.directaction.org). Но строго гледано, терминот директна акција може да се примени за било кој индивидуален/колективен чин изведен вон границите на режимот или на неговите маргини. На тоа укажуваат веќе првите анархистички автори кои го употребиле овој термин (в. de Cleyre, V. Spunk Online). Директна акција не е метод својствен исклучиво за анархистички субјекти: тешко е, или невозможно, да се повлече реска граница помеѓу нечиј индивидуален акт на задоволување на некакво “приватно” право и демонстрација на анархистичка група во знак на протест кон некоја општествена неправда. Подеднакво деликатно е да се раздвои вонинституционалното делување на некој етаблиран политички субјект, од многу, типично анархистички активности (бојкот на одредени институции или законски акти, јавни демонстрации и слично). Директна акција е метод на општествено делување, изведен против или независно од рамките кои ги зацртал доминантниот режим; тој е подеднакво адекватен за приватни и политички субјекти, за радикални шовинистички или левичарски групации. Тешкотијата да се дефинира оваа појава доаѓа оттаму што при тоа се користат не помалку општи (и како што беше расправано во неколку претходни текстови), сомнителни одредници, како приватно-јавно (= политично), институционално-вонинституционално, активно-пасивно… Како што забележале некои постари автори, примери на директна акција се сретнуваат постојано, низ секакви историски околности. Што е најважно, тие може да бидат од секаков размер (индивидуални, локални, мулти-локални) и поставени во контекст на различни историски токови. Нема баш сигурни основи да се говори за директна акција како нешто посебно својствено за денешново доба или за одредени општествено-политички субјекти. Ако се вратиме повторно на есејот на Волтерина Клервојл, лесно ќе воочиме дека неговата главна цел е да реагира против декларациите на политичкиот естаблишмент, кои директната акција ја оквалификуваат како нешто вонредно, специјално, нешто што граничи со терористички или криминални активности. Од каде тогаш толкаво инсистирање меѓу современите анархистички кругови на значењето и посебноста на оваа појава; зашто толку напрегање да се посвои нешто што е тотално општо, политички неутрално, просто “метод”?
Дали тоа можеби не е знак на една општа криза меѓу овие кругови? Како да завладеал страв од претопување, пасивизирање или дури дезинтеграција на начелата на кои почиваат овие субјекти? Постои донекаде оправдана параноичност од владеачкиот општествен и економски режим кој успева се да интегрира, се да кодификува. Од каде инаку таа потреба за мобилизација, постојано следење на тенденциите и поместувањата на глобалната или локална политичко-економска сцена? постојани повици за јавни собири, улични немири, јавна непослушност? нови и нови амблеми, химни, нови денови во календарот…Сосема извесно, тоа е природна реакција на едно општествено тело на кое му се заканува опасност од згаснување, умртвување; поточно, тело кое упорно стравува од ваква смрт.
Да одиме со ред. Беше кажано дека во принцип, чинот на директна акција е нераскинлив од постоењто и делувањето на било кој антагонистички настроен општествен чинител (тело, субјект). Кај радикалните левичарски кругови, се до последните децении од минатиот век, идејата за директна акција е слабо развиена. Таа е сосема во сенка на идејата за општа револуција; било како составен, сам по себе безначаен дел од општиот револуционерен тек, било како еден вид на “предигра”, повод за главната и одлучувачка битка. Денес, кога веќе идејата за општа, непосредна револуција е сосема избледнета, директната акција останува единствено применлив метод и стратегија (без разлика дали откажувањето од голема револуција се приема во позитивно или негативно светло). Вон плаштот на Револуцијата, директната акција се конципира или како еден вид “чекор по чекор” тактика (интензивирање и поврзување на чиновите на директна акција, би предизвикало нестабилност во постоечкиот режим и нужни коренити промени), било како агитаторско средтство (регрутирање на незадоволство, промовирање и ширење на анархистичките доктрини). Прифатена е еден вид на герилска тактика; повеќе, независни акции со конкретни цели, наместо масивна, организирана борба за некоја далечна и маглива цел. Директната акција неретко се оправдува како поодржлив, пореален метод на политичка пракса, со поскромни, но остварливи цели. Според ваквиот пристап, директната акција никако не и противречи на идејата за општа револуција. Таа е нејзина “замена”, начин да се остане активен во услови кога првичната цел е одложена.
Претерано е да се негираат наброениве квалитети на ваквата форма на политичко делување, меѓутоа прашање е колку навистина чинот на директна акција може да биде влијателен како фактор на промени. Тешко е да се прифати скромното признание што вообичаено му се придава на овој пристап: дека исполнува или барем допринесува кон цели кои постоечките пракси не ги исполнуваат, или ги игнорираат, или ги гушат. Дури и ако му се признае вредноста на катализатор на некои општествени поместувања, тоа станува секогаш индиректно, преку компромис со доминатните структури и ривалските групации. На пример, во случаи кога режимот пресметано прифаќа некои нови, ренегадни пракси, просто зошто е така “поефтино” отколку да се држи до некоја стара одредба. Оттука важи дека идејата за директната акција како предвесник или составен дел од некоја револуција е по многу нешта парадоксална. Слично на идејата дека простата акумулација на индивидуални чинови на политичка определба може технички да претставува механизам на трансфер на политичка енергија, да се верува дека една револуција е прост збир од директни акции е груб труизам. Реалниот ефект на директната акција секогаш останува или локален или индиректен; тоа претставува чин со парцијални интереси, само во ретки случаи, издигнат до ниво на принцип со пошироки импликации. Директната акција е облик на политичка борба без револуционерни претензии; иако вонинституционална, таа е нормална, толерирана појава во условите кои ги диктира постоечкиот режим. Јасно е какви се шансите на една спонтано изведена директна акција против организирани политички демонстрации, или против лобирањето на некоја моќна интересна група. Во очите на естаблишментот, на јавноста, директната акција останува обичен чин на резигнација, ретко сфатен сериозно.
Не треба да чуди што во вакви услови чинот на директна акција се поретко се разбира како начин на непосредно, независно делување, како голо средство на политичка борба. Се повеќе до израз доаѓа еден друг нејзин квалитет: својството да декларира, да биде средство за самоопределба, за комуникација со општеството… Секој чин на директна акција носи со себе одредена доза церемонијалност, литургичност. Тоа е начин на артикулација на едно општествено тело, раѓање на кревок политички субјект преку јавна демонстрација на ставови, на политичка енергија. Ова е се чини нејзината главна вредност во современите општествени услови: начин да се оддржи идеолошката кондиција, да се артикулира и потврдува едно маргинално, антагонистички расположено општествено тело. Инаку постои премалку простор да се биде активен, да се практикува една доктрина која во принцип ги отфрла основните постулати на постоечково општество. Уште повеќе, постои опасност од целосно замирање, стопување во масата од најразлични здруженија, афинитетни групи, стилови…Најголема опасност за страната која се определила “герилски” да војува не е тоталното уништување, туку замирање на активностите, дезориентација, исчезнување на поривот. Нив постојано ги демне распаѓање и “реинтеграција”, или постепена интеграција во нормалните политичко-економски токови. Анархистичките групи, без строга, формална хиерархиска поставеност, без јасно фиксирана идеологија се особено ранливи во вакви услови. Директната акција, макар била без никаков реален ефект, е најчесто единствениот начин да го оддржат интегритетот, можност да се толкува и реагира против режимот, да се демонстрира будност во една инертна (иако навидум, мошне динамична) средина. Овој облик на делување двострано ја црпи својата вредност: како показател на еден повисок степен на организираност и кохезија, и како начин на комуникација со остатокот од општеството. Но во крајна линија, како што се обидов да укажам, тоа е стожер околу кој се дефинира еден таен, полу-легитимен политички субјект.
Проблемот е што меѓу анархо-круговите, овој чин станал речиси синоним за политичко делување; се останато е испратено во доменот на приватното, станало дел од синџирот на производство и потрошувачка, секојдневие, го изгубило својството да декларира. Помалку наивно (зошто познато е веќе дека и најништожниот детаљ од секојдневието може да носи политички конотации), издвоена е засебна категорија на практики како единствен поразвиен, сериозен облик на политичко делување. На тој начин, сосема неправедно и неточно, едно огромно множество активности, форми на делување се прогласуваат за секундарни, или уште полошо, отсуството на директни акции (а видовме колку е проблематично нивното дефинирање) се толкува како знак на пасивност и истрошеност. Му се врти грбот на еден голем, шаренолик фронт од активности, наместо да се искористи можноста да се навлезе до најситните пори, да се опфати целукопноста на живеењето. Во основа, би требало да биде обратно: директната акција да претставува кулминација на една продолжена, сеопфатна напрегнатост, експлозија на долго акумилирано незадоволство, а не средство за реанимација. Не сакаме директна акција ако тоа е ништо повеќе од религиозен ритуал или воена вежба.
Што кажува ваквото извртување на нештата? Нема сомнеж дека кога премногу се зборува, се мисли за нешто што би требало да се случува само по себе, нешто не е во ред, откажала некоја витална функција. Кога директната акција се сфаќа како нешто екцесивно, како манифестација на некој омлитавен субјект, се открива немоќта да се остане активна, да се напрегаат понатаму сетилата и мускулите. Навистина, да се биде во недоглед непријател, бара огромен напор. Но поентата не е да се биде непријател без причина. Беше предложено, дека директната акција сфатена конвенционално вреди нешто повеќе од обична рутина или авантура, само до колку произлегува од силно мотивиран, антагонистички настроен општествен чинител. Сама по себе таа не може да создава, ниту да оддржува силни радикални движења; таа е само исход на делувањето на веќе цврсто дефиниран став, на будно и начулено општествено тело. Залудно се обидуваме да правиме груба имитација за потоа да ја користиме како покритие за нешто што го нема. Вистински мотивираната директна акција може да изникне на тло каде условите биле одамна генерирани, често и без знаење и свесно учество на нејзините извршители. А тоа подразбира целосна ангажираност, активна ориентираност во секој момент од секојдневниот режим на живеачка. Бесмислено е да се зборува за посебното значење на директната акција кога сме во состојба на постојана напрегнатост, постојано спремни соодветно да реагираме, кога сме во “војна”; самата акција во таков случај станува чисто техничко прашање.
Лоша услуга си правиме со тоа што директната акција ја приемаме како показател на посебна мотивираност, со тоа што издвојуваме активни и пасивни периоди, јавни и приватни територии. Желбата масивно и непосредно да се интервенира во текот на случувањата е нераскинливо врзана со начинот на кој секојдневно се живее, затоа што непостои апсолутен дисконтинуитет помеѓу овие две сфери. И ако се чини дека е изгубено чувство за она што се случува низ “јавните” текови, нели е тоа попрвин симптом дека е загубена врската меѓу јавното и приватното, дека веќе сме зацртале граници, не ги препознаваме повеќе продорите на едното во другото. Она што се констатира како општествено случување или услови престанало да не засега; она што може да се стори низ непосредно, лично искуство и делување загубило секаква општествена релевантност. Никаков облик на пресметана активност неможе да го премости овој јаз; тоа е сигурен знак за болест на едно општествено тело, знак дека сериозно го начнале некои други токови и дека се распаѓа.
Па сепак потребно е да се запрашаме како тоа сме констатирале дека е загубен тактот, дека сме станале инертни и дезориентирани? Што е она што толку многу вознемирува, што не тера да демонстрираме “активност” по секоја цена, макар и симулирана? И нели е помалку залудно да се бара некаков опиплив доказ за целосна ангажираност? (што и да значи тоа?) Попрво страдаме од некаква параноја отколку од дезинтеграција. Современите услови се оддлично тло за параноични случаи. Се има впечаток дека сме во свет каде се се случува пребргу, без најави; мора постојано будно да се следи секое придвижување, да се протолкува, да се завземе став, да се реагира. Пребучната реалност не не остава да се успокоиме, постојано фабрикува нови и нови случувања, не труе помислата дека нешто ни бега од видот, дека не сме реагиреле соодветно. Но обично испаѓа дека малку нешта се измениле. Ретки се оние случувања во кои навистина вреди да се учествува; што е најлошо, сосема ретко успеваме да ги забележиме токму оние настани кои имаат некакво пошироко значење. Тие се појавуваат, масивно, скришно и ненадејно, си имаат свое непроѕирно темпо. Џабе се обидуваме по секоја цена да станеме дел од некое случување, да интервенираме “од страна” во неговиот тек. Или сме составен дел од самиот почеток (не вовлекла правилната изоштреност на сетилата), или мавтаме со суви декларации додека нештата спокојно си врват по својот пат.
Нема никаква смисла да се стравува од умртвување и дезинтеграција (колку што има смисла кога некој стравува од сопствената смрт); најмногу поради две причини, кои иако образложени, полезно е да се сумираат. Прво, погрешно е нереагирањето, “пасивноста” да се сфаќаат како симптоми на слабост или тупавост. Чудно е колку ова брзоплето општество го потценува одморот, мирувањето. Кога земањето здив, собирањето сила, регенерацијата или отфрлањето на болното ткиво, станале нешто срамно или непотребно? Не заразила некоја чудна етика, и попрво би претале во празно, без вистинска ориентација, отколку да отпочинеме! Залудно се троши енергија на случувања кои малку не засегаат, за формални и церемонијални цели кои реално изгубиле секакво значење. Иако анархо-движењата обично порекнуваат секаков континуитет, стабилност на движењето од типот на некаква организација или здружение, сепак се уште опстојува една искривена перцепција дека се работи за стабилен општествен чинител, субјект кој постои независно од делувањето кое го исполнува. Не вреди да се носи толкав товар за безбројните ситни фантоми што постојано ги фабрикува современето општество. Единственото нешто што не чини валидни општествени чинители е самото делување, нужно, спонтано и непредвидливо. Како случувањата. Втората причина поради која се тврди дека нема место за страв од замирање е токму неможноста еден општествен чинител да “земе учество” во некое случување без веќе да биде негов составен дел. Тој единствено може да се манифестира во текот на некое случување. Инаку останува празен фантом, слика, доказ за присуство на некој бог. Очекувано е тогаш што делувањето се изедначило со голата церемонија, изгубило секаков ефект како општествен фактор. Сомнителен е впечатокот дека “сме останале настрана од тековите”. Поверојатно е дека не снемало, барем привремено сме се раствориле и интегрирале во некој друг чинител.
Попусто бараме “пасивни” општествени субјекти, кои би стоеле замислени над случувањата. Погледнато од оваа точка, постојат само активни чинители, манифестирани низ самите настани. Тие не постојат исклучиво како стабилни историски субјекти со свој внатрешен равој, туку на бранови, издигнувајќи се во секој настан во нешто поразлично светло. Тешко одржливо е дури да се тврди дека за време на “пасивните” интервали, општественото тело привремено згаснало; се изгледа како тоа да продолжило придушено да егзистира, да исчекува повторна манифестација во некое ново случување. Енергијата се задржала, но во распрсната форма, зема замав повторно да се концентрира. Залудно се обидуваме да ја заджиме оваа енергија во рамите на некое проектирано општествено тело. Нема да најдеме комфорт ниту во ред и дисципллина, ниту во интензивни, пресметани активности. Доколку дел од таа енергија се уште не тангира, доколку не поттикнува да делуваме свесно и ориентирано, само мал напор е потребен директно да се реагира, да се овоплоти еден луто мотивиран општествен чинител. Тажна вистина е дека сме најзаспани баш додека сонуваме за активно, силно мотивирано движење…