Logo
за терор 13 | архива | контактирај нè | линкови текстови | концерти

Анархизмот, Фуко и “Постмодерните”

од Даниел Колсон

Оваа статија е објавена во францускиот анархистички журнал Réfractions, во мај 2008 со неколку други текстови за постмодерната, вклучувајќи тука еден од Томас Ибанез, на кој всушност и се однесува оваа статија.

Ќе започнам со точките со кои се сложувам во текстот на Томас – кои се бројни – вклучувајќи ги во овој коментар причините за моето конечно несогласување за тоа што може да се очекува од анархизмот, што разработува тој и оттаму колку е битен во иднина.

Анархизмот денес

Првата точка на согласување е веднаш. Се однесува на делот насловен како “анархизмот денес”. Овој дел многу добро го изразува, подобро оттколку јас би можел тука, она што го чувствувам веќе долго време: имено, едно растечко длабоко раздвојување (кое не датира од денес) помеѓу официјалниот анархизам, од една страна, - анархистичките организации, анархистичката идеологија, анархистичкиот идентитет, - и оние движења без некоја прецизна етикета, оние порадикалнни екстремни социјални групи кои јавните власти (кои во некои моменти/случаи се случува и да не грешат) понекогаш ги именуваат со фер-терминот “анархо-автономистички”.

Слободарското обновување кое се случи во текот на крајот на минатиот век овозможи кристализација – но исто така и наталожување – на значителен број активисти/ки кои се повикуваат на анархистичкиот идентитет. Оваа често стареечка категорија активисти/ки ги оживеа традиционалните организации (главно преку CNT, Alternative libertaire, Organisation Communiste Libertaire, the Anarchist Federation и разните нивни дисиденти), но не неопходно и слободарската логика и динамика. И иако постојат ефикасни анти-авторитарни движења, често со прилично богати и сложени компоненти, практики и визии за светот, веднаш до нив постои и еден анархизам кој е тврд, ригиден, втемелен, закоравен (како што нагласува Томас) кој, во најдобар случај, го удвојува опстанокот на левичарските организации, и чија единствена издржана практика (освен водењето на организацијата) често е ограничена на многу традиционално учествување во бирократизираното синдикално движење, без било каква автентична еманципаторска инспирација, затворени во пристап кој се обидува да го редуцира слободарскиот план на проста реторика, изградена на куп одговори без контакт со реалноста, освен како зборови и симболи од минатото кои се преведени во, повеќе или помалку, сентиментални и празни фрази (1).

Сериозноста на моето расудување не произлегува од некоја далечна гледна перспектива. Заснована е на моето учество во различни движења во последните години; движења во кои анархо-автономистите/ките и “не(-)специфично организираните” како што ги нарекуваа во книжарницата La Gryffe, играа важна улога. La Gryffe е во близок контакт со “анархо-автономистите/ките” од Лион, град каде оваа струја е многу активна, особено преку сквотерското движење (2). Исто така јас сум член на локалната CNT-Education (Saint-Etienne), која (за жал) можеби е нетипично бидејќи, во универзитетот, оанака како што е поставен, отсекогаш тесно соработуваше со т.н. “автономистички” струи; но исто така, да разјасниме, ги отфрла бирократизираните синдикални практики кои анархо-автономистите/ките (во Saint-Etienne и се надевам насекаде) со право ги осудуваат. За да го илустрирам проблемот предочен од Томас, изборот помеѓу едвај анархистичкиот анархизам кој се поврзува со минатото како Канада-Без алкохол; и де факто анархизмот на слободарскиот проект, во кои се појавуваат позициите и практиките, ќе ви раскажам две приказни. Едната е анегдотска и лична, а другата многу посуштинска во нејзините вистински последици.

Лична анегдота

Учествував на еден состанок на активисти/ки од универзитетот, пред некое време, во врска со конвенцијата на CNT-Education. Една од точките за кои се дискусираше, која ја сметам за небитна, но прилично карактеристична за тоа на што го трошат конвенциите своето време (како и на што се губи цела слободарска инспирација) беше дали студентските ограноци смеат да се нарекуваат себеси FAU (Fédération anarchiste universitaire) и да потпишуваат памфлети под тоа лого. Што се однесува до нас, во Сент Етјен, нашите памфлети (без разлика дали се CNT или не) се флексибилни и прилагодуваат многу идентификации, со тоа што ќе биде наведен прецизниот колектив кој е автор на памфлетот (најчесто група од некое место, но исто така може да биде и ад хок група на одредено студентско тело, или дури и на одредена студентска година и област, на пример “втора година студентки по англиски јазик”. Половината од оние кои присуствуваа (некои 20тина активисти/ки) го споделија нашето гледиште, па дискусијата доста брзо се ражести, бранителите/ките на организационата дисциплина, држејќи се на својата позиција на авторитет (одлуките донесени на конвенциите често пати изгледа како да излегуваат од некој вид на религиски совет) (3). Одеднаш сфатив како шпанската CNT можела толку брзо да стане бирократска есента 1936тата и да се премоделира за неколку дена како државен апарат, истата држава која шпанското анархистичко движење ја оттфрли, неколку дена претходно, но кое веќе потенцијално здодеа (како и многу други работи).

70 години подоцна, мала организација како француската CNT за возврат произведе исто такво бирократско однесување. Нејзините џуџести состаноци наивно ја применија истата државна логика на која тие се преправаа дека се спротиставуваат. Спротивно на импотентното идеолошко сектарјанство на некои, или на интеграцијата на другите во бирократизираниот синдикат, практиките и гледиштата на анархо-автономните се соодветни, и не само од слободарска гледна точка. Ако се неуспешни во допирањето на мозокот на најформалистичкиот анархизам, мора барем да го мрднат неговото срце. Не сум сигурен дека тоа се случува.

Колективен настан

Мојата втора приказна се однесува на еден колективен настан кој е сигурно од поголемо значење од оној на донесувањето одлуки на конвенциите на CNT-Education (претпоставувам дека активистите/ките кои тврдат дека припаѓаат на CNT продолжија да се нарекуваат себеси како што сеуште сакаат (како што е нашиот случај во Сент Етјен); дека современата сцена очигледно нема ништо заедничко со Каталонија во 1937ма, кога само поради читање на анархистички журнал кој не бил авторизиран со формално одобрување на републиканската држава, можело да те прати во логорите со работна сила. (види  François Godicheau, La guerre d’Espagne, République et révolution en Catalogne, Odile Jacob, 2004). Оваа втора историја се однесува на демонстрациите од 2003 против Г8, организирани во Швајцарија, на кои слободарите/ките дојдоа во голем број како и на претходните случувања. Веројатно тогаш најасно се манифестираше јазот помеѓу живиот/движечкиот анархизам и оној скаменетиот. Да се користат јаки зборови и да се препоедностави ситуацијата, може да се прикаже следново.

Од една страна беа присутни илјадници учесници/чки, не толпа или маса на атомизирани поединци/ки, туку мноштво на мали групи и мрежи, запознаени со нивната пракса и претходното искуство со овој тип на средби, кои функционираат преку афинитет, соочувајќи ги сопствените искуства и само-организирање; дозволија генералните собранија и секоја струја или тенденција да се обрати и одлучи што им одговара на нив самите, како да се артикулираат себеси со изборите на другите (насилство или не-насилство на пример) и како да се смислат форми на акција без претставништво и посредништво. Накратко, од една страна има активисти/ки кои се нарекуваат себеси анархисти/ки или не-анархисти/ки, кои беа подготвени да делуваат, во пракса, изведувајќи ја слободарската логика, или федералистичката логика на акција и директна демократија.

Од друга страна, постоеше еден картел (конзорциум на независни организации за ограничување на контролата) на организации кои беа убедени дека се отелотворение на анархизмот. Беа многу решеителни да совладаат се, неколку месеци пред меѓународниот анархизам да излезе на сцена, за да ги одбегнат (во очите на одредени луѓе) болно-поминатите “изливи” од претходните години. Убивајќи две муви со еден замав, сакаа да го искористат присуството на големиот број потрошни поединци/ки за да организираат (во стилот на Мејдеј демонстрациите) масовна парада, јасно идентификувана по своите банери и мегафоните на нејзините организатори/ки. И конечно да биде доволно да ги помести настрана и двете страни за да стигне до без-временската цел, така да се каже “во етер”: да се најде нечија слика во весниците, доколку е можно во боја (за да може да се издвојат црните од црвените знамиња) со главен наслов на банерот “5000 анархисти/ки маршираат на Г8”.

Од една страна постоеше логиката на анархизмот во акција, во ефект (во смисла на директна акција и пропаганда на дело), заснована на само-организирање, федерализам и директна демократија. Од друга страна може точно да се види, од лекциите на шпанското искуство, владиниот анархизам, државна логика заснована на претставување, послушност кон договорените слогани, уништување на било која конкретна или приближна афинитетна врска во корист на голиот/та поединец/ка, целосно на располагање на она што организациите очекуваат од него/неа, дисциплиниран/а поединец/ка во позиција да ги повторува очекуваните слогани испланирани предвреме, да оди кај што му/и е кажано да оди и да се однесува пристојно како претставник/чка на картелот организации одлучиле за него или неа. Картелот за тоа има ангажирано безбедносен тим (тој ембрион на полициски сили) за да го надгледува извршувањето на (понекогаш погрешно разбраните) одлуки и инструкции на индиректната демократија на конвенциите и прелиминарните програми (4).

Нема да должам тука, затоа што втората точка на текстот на Томас ми оозможува да видам подалеку од ова раздвојување помеѓу овие ефикасни слободарски практики и чисто идеолошкиот анархизам, заснован на појавување и претставување, делувајќи спротивно од она од кое се преправа дека го влече својот авторитет

Просветлувањето, прашањето на субјектот и универзализмот

Нема да повторувам она што Томас Ибанез кажа, освен да ја истакнам мојата целосна согласност. Како политичка струја, анархизмот е роден во дадено место, во дадено време, - како и сите работи, треба да се додаде-, но анархизмот е токму таа единствена политичка струја која го зема во обзир апсолутниот сингуларитет на ситуациите, настаните, а оттаму и на суштествата (демонстрација против Г8, на пример, во Швајцарија, во сончев пролетен ден во 2003та). Трагедијата, како што покажува Томас, е што снгуларитетот на ситуацијата и контекстот во кој е роден анархизмот, - во Европа, во 19тиот век – ја произведе необичната идеја дека не верува дека тој е “посебен” (како што секој прави и со добра причина), туку напротив, и очигледно на поскромен начин, се доживеа себеси (субјективно) како “универзален”, на тој начин преправајќи се (покорните слуги на оваа тешка задача) дека ги брише или вклучува во себе сите други сингуларитети, пред, потоа и насекаде, поднесувајќи ги на неговиот општ закон и неговото претпоставено “просветлување”, пред да ги прошират и согледаат овие славни светла (напредок на знаењето! Наука!) под особено темната и дива форма на колонијализмот, империјализмот, индустриската војна, масовните масакри и тоталитарните режими (црвени и кафеави). И токму тука се наоѓа раздвојувањето помеѓу мртвиот анархизам и ефикасните слободарски практики, но исто така моето прво несогласување со Томас.

Она што задржува внимание во внимателното читање на анархистичките текстови е тоа што се гледа, од Прудон до Бакуњин, но особено помеѓу многубројните активисти/ки ангажирани потоа во борбите и движењата за ефективна еманципација, слободарската мисла никогаш не престана да удира по темелите на буржоаската и капиталистчка модерна; илузиите и лагите на законот, на претставничката демократија и “општествениот договор”; замките на комуникацијата; само-услужните лаги на ограничувањата на сопственоста (pars extra partes) со рестрективната слобода која оди под рака со нив (Мојата слобода завршува онаму каде што почнува слободата на другиот/та); илузиите и лагите на фрагемнтираниот/та поединец/ка, “слободен/на, разумен/на, пресметлив/а и утилитарен/на, одговорен/на за своите акции и избори”; накратко штетните резултати од замислата на модерниот картезијански човек, “господар и сопственик на природата”. Овде говорам за текстови на синдикалистите како Pelloutier, Pouget или Griffuelhes (за Франција), на Бакуњин и неговите непрестани напади на слободната волја, на богатството и оригиналноста на анализите на Прудон (“поединецот/ката е група”, “секоја група е поединец/ка”), на делата и мислата на Елисе Реклу, на етологијата на Кропоткин, на ставот (понекогаш толку ничеански) на “волјата” на Малатеста, и секако на радикалната субјекнивност на Штирнер-ијанците/ките и другите Ниче-анци/ки, тие жестоки исмејувачи/ки на модерниот индивидуализам (5).

Историски, оригиналноста на анархизмот лежела во неговата критика и отфрлање на замките и лагите на модерната, но исто така, секако, во неговиот капацитет да размислува и прифаќа општествени и политички практики кои сериозно раскрстија со таквата модерна; ги скршија  шемите и процедурите на општествениот и економскиот поредок кои се појави во последните три века; а сето ова изникнато од новите сили, новите практики и новите субјективности, со бескомпромисно отфрлање на сето претставништво, прифаќање на директната акција, федерализмот, здружувањето и автономијата на битијата кои се борат за својата еманципација (6). Токму преку овие неверојатни теоретски особини, анархизмот ги имаше сите причини да ги признае и осмисли спонтаните движења, кои, оправдувајќи го за возврат, ја произведоа неговата реалност и сила во минатото (во Шпанија, во Украина, но исто така во голем број други помалку познати искуства). И оттаму анархизмот имал и има причина да ги признае и изрази следните еманципаторски движења, колку и да се нови и изненадувачки, вклучувајќи, секако, да се држи до тековните настани, разните практики наречени “анархо-автономни” на пример.

Но како што видовме и како што укажа Томас Ибанез, ова е далеку од реалноста. Оригиналноста, силата и новитетот на анархизмот беа на големо прекриени од неговите противници. Втемелениот анархизам го напушти здивот на еманципацијата кој се појави во сингуларитетот и оригиналноста во неговиот зародиш заради заштитната и угнетувачка сенка на поредокот кој се преправаше дека сака да го укине. Тоа е одрекувањето кое е двојно штетно за анархизмот: 1. подложувајќи го на начини на мисла и визии за светот кои им служат како темели на модерната доминација; 2. прегрнувајќи го особено во најосиромашенената верзија на оваа лажлива и себична мисла, онаа на училиштето (на Жил Фери во случајот на Франција), училиште за луѓе и батаљони дисциплинирани работници/чки кои беа барани за втората индустриска револуција, школо во кое, како што кажа Монат со право, луѓето “додека учеа како да читаат, се одучија како да проникнуваат”.

Фуко

Повторно, јас сум глобално во согласност со она што вели Томас. Големото прашање кое го поставува Фуко на анархистите/ките може да се формулира вака: зошто автор толку близок на слободарската мисла, благодарение на кој прашањето на моќта  конечно стана централно прашање, зошто таков автор е цел на интуитивно офрлање или барем на целосна рамнодушност од повеќето анархисти/ки? (7) За да одговориме на ова прашање мора да земеме во обзир голем број на причини (8), јас ќе истражам две од нив.

Песимизмот на Фуко

Првата ми се чини припаѓа на изворот или инспирацијата на мислата на Фуко. Спротивно на Делуз, на пример, Фуко се карактеризира со длабок песимизам во однос на излезот од односите на моќ, или подобро кажано, да се организираат на еманципиран начин (9). Се обраќам на едно од неговите искажувања, во поговорот на неговата книга за историја на сексуалноста (La volonté de savoir (10)), кога влегува во една долга теоретска криза: “секогаш истата неспособност да се премине линијата, да се премине на другата страна, да се слуша и да дозволиш да се слушне гласот кој доаѓа од друго место или од доле; секогаш истиот избор, на страната на моќта, или она што таа го кажува или порачува” (“La vie des hommes infâmes”, Les Cahiers du Chemin, 1977, p. 16). Овој длабок и исконски песимизам го разгледува и Делуз, кога објаснува како за Фуко: “доколку некој/а го бара животот како моќ однадвор, како да знаеме дека она надвор не е застрашвачка празнина и дека овој живот кој очигледно дава отпор не е прост пренос во празнината на ‘делумните, прогресивни и спори смртти’” (Foucault, p. 102).

И најверојатно токму тука (што е и негов најдобар дел) анархизмот е ефективно искушуван од страна на Фуко, во името на една претпоставка (која би згрешиле да ја окарактеризираме како наивна) според која е можно да се извлечеме од доминацијата, лагите и илузиите на моќта, да ги видиме односите на моќ комбинирани на други начини и да ги трансформираме во еманципативни односи. Но дури и за ова прашање, со сигурност за она што се наметнува како волја (во ничеовска или малатестовска смисла на зборот) дали анархизмот, и во најдобар случај или едноставно како единствено слободарски, дали тој  не ја споделува истата мака за она што не чека по револуцијата, за другиот свет кој би бил само “застрашувачка шуплина”, неподносива вина и хаос, брзо и неизбежно прекриен од најнеправедниот и угнетувачки општествен поредок (11)? Уште подобро се гледа преку црвените и црните слободарски знамиња, дали оваа мака не оди подалеку од состојбата на вистинската желба за радикална трансформација? Барем би ги заобиколила објавите на сапуниците, јаловите и празни зборови изградени на толку звучен начин за моделот кој го отфрлаат, кои се толку сектаријански, радикални и одвоени од она со кое механички комуницираат што мора да заклучиме дека оние кои ги прокламираат никогаш немале ни најмала желба или волја да променат било што.

Блискоста на анархизмот и Фуко

Втората причина поради која анархистите/ките ја отфрлаат или се рамнодушни кон анализата на Фуко произлегува од еден парадокс: огромната блискост помеѓу двете и особено, како што нагласува Томас Ибанез, важноста која Фуко му ја придава на реалноста на моќта, нејзиниот сеприсутен, груб и подмолен карактер, преминувајќи преку најбезопасните соодноси, организирајќи се во серии (во смисла која Прудон му ја дава на зборот) и произведувајќи структури на доминација (цркви, држави, политички партии и многу поединци/ки) чиј капацитет на илузија и угнетување прво не се потпира на нивната заслепувачка видливост, туку на тесната и често незабележлива мрежа на брзи и ситни доминации чија завршница се овие структури (повторно Прудон). Без сомневање, со Прудон (и сега Бакуњин), анархистите/ките би требало да знаат како овие завршници, на истиот начин како бог или државата, ги мамат нашите очи како измислена причина на она што ги произведува и храни (12). Но оваа илузија, која ја содржи модерната заснована на верувањето во рационални чинители/ки, зачетници/чки и господари/ки на своите акции, е баш таа нашироко споделена измислица (оттука значи нејзината вистинска ефикасност), и од тие кои ги бранат нејзините докази и неопходност (најголемиот број и најциничните (13)), и оние од кои, за жал, премногу анархисти/ки кои, на еден спротивен и симетричен начин, се задоволуваат со присвојување на светските гледишта против кои се борат, никогаш не запрашувајќи се зошто на крај го добиваат спротивното од она што им било намера, претерувајќи во спротивен шравец, начинот на  партизаните/ките од т.н. Аршинова платформа, на пример (14). Како што е докажано од секуларната етика – тој дупликат на религиозен морален кодекс – некој/а може да биде за или против државата, за или против капиталот, за или против боженствента трансцеденција, и да функционира на ист начин, споделувајќи ги истите концепции и претставништва, верувајќи дека државата, капиталот и божествената трансцеденција се вистинските творци на (крајните) причини за нашата среќа или за нашата несреќа.

Ми се чини дека Фуко, Делуз и некои други сочинуваат еден вид на ликмус тест (тест кој се потпира на еден индикатор) за современата слободарска мисла. Реакциите кои тие ги поттикнуваат покажуваат како разните системи на верувања и матрици на акција никнуваат од поредокот кој тие го отфрлаат, ја покриваат секоја прва и спонтана инспирација, волја и мисли на слбодарските движења, додека пак Фуко и Делуз, како некое дете од андерсонова бајка, ја разоткриваат разголеноста на контрадикторната анархистичка традиција. Со други зборови, но овој пат во стилот на Поевото и Лакановото “Украдено писмо”, одрекувањето на блискоста помеѓу Фуко и анархизмот е уште позначајно до степен каде оваа блискост станува уште поочигледна. Па така, имаме тројно зближување.

____________________________________________________

  1. Прво, најочигледната блискост позната секому. Во суштина, не треба да се има кој знае какво искуство, ниту пак да си го прочитал/а Фуко, сигурно, да дознаеш дека моќта е насекаде, од светскиот поредок до најмалата ситница на животот, под множеството форми и односи, вклучувајќи (и може да се каже особено) во колективите или организациите од анархистички карактер, точно онаму каде си најнаклонет/а да веруваш дека моќта е дефинитивно на друго место, надвор, кај другите. Како чевлари/ки и доктори/ки на кои им недостига медицинска помош, анархистите/ките мислат дека се оправдани што шетаат боси во ладната зима и им се потсмеваат на болестите поврзани со моќта бидејќи нивната raison d’être се состои неоспорно во отфрлањето и предизвикувањто на таа моќ. Во анархистичка средина (како и било кое друго место),  и особено во рамките на перманентни или долго-постоечки организации, се е моќ, борба и судир, но е дури и похипокритично и диво или деструктивно (иако е во мали размери) до степен кога се негираат постоењето на ваквите односи на моќ. Фуко е очигледно во право. Сите го знаат тоа, и дури и најдогматичните анархисти/ки никогаш нема да промашат да го признаат тоа, лице в лице, на еден личен начин, кога разговорот е искрен, кога штитот на активистот/ката и идеолошкото суперего е спуштен, кога веќе не се на должност (и релаксирани, за промена). На овој начин, безнадежно е да се забележи, суперегото на анархистите/ките и негирањто, толку лишено од слободарска инспирација, толку спротивно на анархистичката идеја, не е толку различно, во мали размери, од религиските и политички негирања и суперегоа, од инквизицијата па до советската тајна полиција и сите други рајови на лаги, репресија и хипокризија. Со две разлики, како и да е:

 

Едната, прилично негативна, жалосна и некако  смешна е фактот што анархизмот кој ги негира ваквите односи на моќ, во својата природа, да биде најпогоден да ги забележи и да ги извади од под покривка.

Другата, парадоксално попозитивна, се поврзува со фактот што огромното мнозинство слободари/ки споделуваат (логична и добредојдена) неспособност да успеат во она што го постигнале бранителите/ките на поредокот и моќта; тие се неспособни да ги следат правилата на акција кои тврдат дека ги поставиле; и покрај себеси, не можат ништо друго од тоа да огледуваат/имитираат анархизам (дури и во својот негативен аспект), движење од кое имаат толку многу причини да се инспирираат и кое (за среќа) ќе имаат голема потешкотија да го откачат.

  1. Постои втора причина покрај оваа блискост помеѓу анархизмот и анализата на Фуко. Се однесува на она што историски е познато (за прашањето на моќта) за слободарските движења и експерименти, и најпрво, како доказ за ова е како за практичните и политичките работи тие се обраќаат на парот авторитарни/неавторитарни. Овие поими се многу прецизни и многу широки во своето користење, од времето кога практиките и моделот на организација на марксистичката интернационала беа отфрлени се до денеешната и поливалентна употреба на зборот во голем број полиња, ситуации и односи (образование, работа, семејство, војна, итн. (15)). Она што Фуко расветлува преку неговата анализа, сеприсутноста на односите на моќ, слободарските движења веднаш го забележуваат во нивните моменти на ефикасност и постојаност. Дури, во основа, токму од оваа остра и зацртана перцепција тие ги формираат своите својствени движења (16). А ова се случува на два начини:

 

- Преку спонтана и поттикната чувствиелност на брзи и очигледно мали и благи форми на авторитет и моќ, кои нивните сојузници и противници (главно марксистите/ките) ги сметаат за периферни (земајќи ги во обзир задачите кои треба да се извршат, историската мисија на која треба да се служи, итн) (17)
- Преку еднакво епидермна осетливост која би згрешиле доколку брзо ја збришеме, и без размислување, како наводно емоционално пореметен анархистички темперамент. Подобро е да се спореди со гордоста и сомничавоста на воинот/ката дискутиран/а од Делуз и Гатари во Mille Plateaux, во хиперсензитивноста, како женствената, така и мажествената, без да го избереме полесниот излез, може да се препознае добро-избраната средба помеѓу слободарската идеја и карактерот кој обично им се припишува на шпанците/ките, но исто така и на современите анарха-феминисти/ки, со нивните забелешки на анализата на Џудит Бутлер, на пример, каде дури и поредокот на половите и родовите се збунува/меша и истиот може да се реконструира себеси на еден поинаков начин, би можело да се каже анархично (18).

Хиперсензитивноста кон сите односи на авторитет, осетливоста и крајната гордост не се, како и да е, единствената карактеристика на анти-авторитарната димензија на анархизмот. Без вистински да ја модифицираат нивната природа или брзина, тие се шират за да ги покријат сите пракитики и модели на акција и асоцијација на слободарските движења.

Ова се случува во две спротивни насоки: од една страна се поврзува со многу специфичен индивидуализам преку кој анархистичкиот радикален субјективизам се потврдува себеси, но исто така, од друга страна, со сите општествени и револуционерни начини на живеење и разврзување, кои (генерално) имаат капацитет да ја оддржуваат тензијата помеѓу апсолутната автономија и асоцијација, брзите интеракции и широките односи на моќ. Не би сакал да должам со текстов премногу и да детализирам анализа која се обидов да ја развијам на друго место. Ќе се повикам само на неколку матрици на тие слободарски експерименти:

Прва карактристика е оригиналноста и радикалната хоризонталност на овие форми на здружување и групирање. Тие цело време внимаваат на тоа што се споменува во револуционерните песни од 19тиот век, условите за таа мистериозна “независност од светот” или ”универзална независност”, кои тие настојуваат да ги осигураат во сите нивни елементи (од оние големите до помалите, преклопувајќи се едни со други) (19). Анархистичката мисла се обиде да размислува за “слободно здружување на слободни сили” (Бакуњин) преку концептот на федерализам: федерализам на комуни, федерализам на групи, сквотерски и сите други можни колективи, без разлика дали се долготрајни или само привремени, федерализам на синдикати, за што Пуже пишува дека “федерациите и здружувањето на синдикатите се автономни во конфедерацијата; синдикатите се автономни во федерациите и асоцијациите на сојузи”. (La Confédération Générale du Travail, 1910)
Една друга дистинкција на слободарскте експерименти е дури и порешителна: тоа е рамнотежата, во прудоновска смисла на зборот, или така да се каже, перманентната тензија помеѓу мноштвото сили, позиции и различни текови на живот, често пати противречни, но сметани, во нивната врска, како еднакво потребни за еманципацијата; а ова може да се појави помеѓу колективите и оние други групи кои се индивидуалитети, помеѓу статутите, изјавите, формализираните договори, и одлучното влијание на неформалните или скриени мрежи, од шпанската милиција или тајните друштва и други блиски бакуњистички кругови, па се до функционирањето на современите црни блокови (black-blocs), вклучувајќи ги и сите можни форми на афинитетни групи (размена, пријателство, детство, идеи) кои биле силна точка и оригиналност на шпанската CNT  во времето на нејзиниот подем. На овие први примери може да се додадат голем број на други потребни тензии и рамнотежи, помеѓу “револуционерните синдикалисти/ки”, “луѓето од акција”, “реформистите/ките”, “чистите синдикалци/ки”, “револуционерите/ките”, “анти-организационите индивидуалитети”, “автономните групи”, “застапниците/чките на организација”, “анархо-синдикалистите/ките”, “застапниците/чките за Совет”, “ултра-левичарите/ките”, итн., на што може да се додадат и бројните отелотворувања на анархизмот и само-дефинираните анархистички кругови од “инсерекционистите/ките” па до “едукационистите/ките и архиварите/ките” (типологија блиска на Гаетано Манфредонија), поминувајќи преку пацифистите/ките, натуристите/ките, вегетаријанците/ките, веганите/ките (20), феминистите/ките, како и напаѓачите/ките (21), крадењето, заедничкиот живот, есперантизмот (и неговата упростена варијација (22)), антимиитаризмот, слободните комуни, илегализмот, алтернативните школи, анархо-комунизмот, хобоизмот, анти-алкохолизмот и стрејт еџот, слободната мисла и антиклерикализмот, слободарскиот комунизам, слободната љубов, соработката, абортусот и васектомијата, колективизмот, реапропријацијата, примитивизмот, индивидуализмот, нео-малтузијанизмот, итн, да не ги споменуваме и пофрагментираните и попарадоксални колективни култури сместени под знакот на еклектицизмот и само-едукацијата.

3 – Ќе бидам попрецизен за третата блискост помеѓу Фуко и слободарската мисла, а тоа ќе биде и како заклучок, особено за разидувањата што можеби ги имам со тексот на Томас Ибанез. Третата блискост следува од се што претходеше и се расправа со значајната теоретска и философска димензија на анархизмот, богатството и моќта на слободарската мисла.

Очигледно е дека не сакам да оставам впечаткок дека ги потценувам оригиналноста и важниот придонес на Фуко.  Само ми се чини дека анархизмот открива значителни теоретски ресурси, најчесто неангажирани, кои не само што се ехо на анализата на Фуко која се обидов да ја претставам, туку кои исто така овозможуваат да се дофатат и развијат сите негови импликации кои, за возврат, ќе развијат поголем капацитет да ги изрази сите нивни потенцијали (23). Тука, нашиот став визави Фуко, Делуз и другите прелесно квалификуван како постмодернистички, имплицира, во срцето на слободарскиот план, многу поширок начин на размислување и делување: а тоа е капацитетот на анархзмот да присоединува, без престан да ја повторува тоталноста на минатите, сегашните и идните човечки искуства во двете области, на еманципацијата и на борбата против сите форми на доминација.

По мое мислење, прогресот, таа илузија на модерната, за анархизмот не постои (24). Наместо линеарна визија на историја, се е повторно во сила, преку една непрекината секвенца на еманципирачки настани со варијабилен интензитет. Ова е така за сите нас, и како што не потсетуваат Симондон или Бакуњин (за Станкевич за второто), и најмрачниот живот е повторно во сила по неговата смрт. Минатото никогаш нема крај (25). Ова непостојана (но непрекината) секвенца на еманципирачки искуства сепак поседува можност (не секогаш постигната) на повторување и оттаму давајќи му значење на она што било во сила претходно на некое место (и кое никогаш не завршило). Ни овозможува да го разбереме и опфатиме, во светлото на деветнаесетиот век, западниот анархизам и почетокот на дваесетиот, тоталитетот на минатото и егзотичните човечки доживувања, кој Елисе Реклу настојуваше да ги опише без било какво исклучување, на енциклопедиски начин, од грчката демократија многу блиска на Едуардо Коломбо, па до кинескиот даоизам на Џон Кларк, поминувајќи преку индијанските племиња на Кластерс или средновековните “комуни”, толку посебни за Ландауер овој пат, и многу други работи. Европскиот анархизам од деветнаесетиот век постојано може да зема ново значење и да израува некои од бесконечните можности кои ги носи со себе (за добро, како и за лошо), во светлото на Фуко, Делуз, Мај ’68 или сквотерите/ките и анархо-автономистите/ките или анарха-феминистичките движења; а Фуко, Делуз, Мај ’68 или сквотерите/ките и анархо-автономистите/ките или анарха-феминистичките движења исто така можат да најдат целосен свој израз и да ги искажат своите еманципаторски потенцијали кои тие ги носат во светлото на овој минат анархизам кој тие го просветлија и обратно тој ги просветлува нив. Тие се неговото повторно враќање во сила, “ниту баш истото, ниту баш некое друго” како што вели Бодлер за неговиот однос кон жените.

Ќе завршам со моето разидување со текстот на Томас Ибанез. Томас ни објаснува, по негово гледање, “пост-анархизмот” мора “да се замени за класичниот анархизам преземајќи ги елементите на фундаменталната движечка сила на вториот”. Ми се чини дека со оваа формула Томас добро покажува каде се разидуваме. Зборувајќи за “класичниот анархизам”, кој тој го разликува од мистериозната “фундаментална движечка сила”, тој ја меша сенката со пленот, сенката на многу тесноградиот анархизам, кој гледа наназад и кој нуди идентитет, покорен на “непосакуваното влијание на просветлувањето”. Тоа доба, кое беше присутно од почетокот и хомологен на модерниот поредок и доминации, многу логично ги преживеа поразите на слободарските движења, се доттаму што предизвика заборавеност на теоретската и практичната моќ и богатство на проектот иа светскиот поглед кои со право мора да се повторуваат и обновуваат, одбегнувајќи доколку е можно да паднат во друга замка, се појавува во форма на различни “пост-анархизми”, од која Вивиен Гарсија ни ја прикажа сиромаштијата (26).

Даниел Колсон

 

  1. Несреќното искуство на шпанската CNT во егзил требаше некако да не вакцинира од постојаната можност да го гледаме анархизмот како се трансформира во својата спротивност, спротивност добро опишана во текстот на Томас. Овој анархистички контрапример на CNT во егзил, како и необичната забрзаност на бирократизацијата и преземањето од државата на истата CNT од 1936, сеуште не биле предмет на задоволителна анализа.
  2. Ова е многу долга историја која влечи потекло од ренесансата на слободарското движење од Лион во 1970тите, пред моментот кога традиционалните организации процветаа повторно врз руините и истоштеноста на социјалните движења од претходните години. Оваа историја требаше да продолжи во почетокот на 1990тите со моќното сквотерско движење (во Croix-Rousse) со кое La Gryffe беше поврзано.
  3. Типично “модерниот” аргумент (“непознавањето на законот не е оправдување”) се состои во кажувањето дека (грасрут) активистите/ките треба да се ангажираат само во подготовката и одлуките на конгресите, да ги читаат стотиците амандмани и предлози, да ги разберат и дискутираат прашањата, внимателно да ги прочитаат и разберат белешките и одлуките на конгресот (како и да се согласат со нив); во спротивно грасрут активистите/ките, а тоа е едно големо мнозинство од “членови/ки” (навистина!) можат само да лежат, обвинуваат себеси, и оттаму да следи, без дискусија, неколкуте “активисти/ки”, кои имаат време и вкус, да се вложат себеси во овој интензивен бирократски живот (да речеме црвена лента и спротиставувања) додека “членовите/ките” по некое време ќе се задоволат со тоа од време на време да одат на штрајк и да се борат на своето работно место, но внимавајќи на тоа да се усогласат со одлуките на конвенцијата (преку текстовите и одлуките на кои професионалните активисти/ки, со поголемо познавање на овој вид пракса, ќе се погрижат да не потсетат), на пример, да не ги потпишуваме невнимателно нивните памфлети по ризик да бидеме исклучени.
  4. За да видиме како шпанската CNT се трансформираше во државен апарат, ги уништи солидарноста и практиките кои беа нејзина сила на еманципација, можеме да се обратиме на работата на Годичо на републиканската архива за затвореничкте комитети (повеќе од 4000 членови/ки на CNT  биле во републиканските затвори во Каталонија!)
  5. Си земам слобода да се осврнам на мојот текст « Subjectivités anarchistes et subjectivité moderne » in Collectif, La Culture Libertaire, Lyon: Atelier de Création Libertaire, 1997.
  6. На читањето анархистички текстови може да се додаде, па и посоодветна, (многу потешка) анализа на многу разновидната колекција од слободарски експерименти и борби. За ова прашање, во многу историски и географски ограничен начин, може да се обратам на книгата произлезена од мојата теза, Anarcho-syndicalisme et communisme, Saint-Etienne (1920-1925), Lyon: Atelier de Création Libertaire, 1986.
  7. Нема многу смисла во потенцирањето на интелектуалната вредност на анализата на Фуко, ниту пак во соочувањето на интелектуалците/ките и не-интелектуалците/ките. Масовниот број на активисти/ки од работничката класа во слободарските експерименти воопшто не се двоумеа дали да читаат тешки книги како оние на Ниче, Спенсер, Гију или Бушнер, или историските сведоштва тешки како Интернационалата на Џејмс Гилом. Мојата копија на четирите оригинални тома од неговото последно дело, објавено од 1905 до 1910, беа купени и прочитани од Будо, градител на метални бродови, попознат по неговиот активизам, а подоцна, по неговите физички пресметки со комунистите/ките. Спротивно на ова што е пишано тука, погледни ја одличната (но веќе стара) синтеза од Салво Вакаро, “Foucault et l’anarchie”, in La culture libertaire, op. cit.
  8. Овде не одговарам на аргументите изнесени од Едуардо Коломбо во « Les formes politiques du pouvoir » ( Réfractions, n° 17), ниту пак го преиспитувам одлучното прашање за “моќта”покренато оддамна од негова страна, а тоа значи ниту “позитивностите” кои Фуко ги гледа во него.
  9. За песимизмот на Фуко, посебно изразен во концептот на “dispositif” (направа), види Agamben, Qu’est-ce qu’un dispositif ? (Payot Rivages, 2007).
  10. Michel Foucault, Histoire de la sexualité, vol. 1 : La volonté de savoir, (Gallimard, Paris, 1976).
  11. За интензитетот на оваа мака и нејзината поврзаност со желбата за револуција можеме да наброиме многу примери, од книгата на Coeurderoy, Hourra !!! ou la Révolution par les Cosaques, па до она што Гарсија Оливер вели во неговиот дијалог со Фреди Гомез (A Contretemps, n° 17, juillet 2004).
  12. “Универзалната условеност не е ништо друго туку вечно репродуцирана завршница од бесконечните акции и реакции природно изведени од бесконечното количество нешта кои се раѓаат, постојат и потоа исчезнуваат во неа”, Bakounine, Œuvres, tome III, Stock, 1908, pp. 353-354. за да ја видиш силата и оригиналноста на позицијата на Бакуњин (и Прудон), види го современото ре-откритие на Џејмс Пирс и “прагматизмот” на Деви (чија инспирација е толку посебна и експлицитно слободарска); за кои “природата не ехомоген и посторен систем (...туку) резултат или ефект на помножената генеза. Нови постоења постојано изникнуваат и се додаваат на постарите кои се составуваат со нив (...) заедничка природа”. (D. Debaise , in Vie et expérimentation, Peirce, James, Dewey, Vrin, 2007). Не е рамнодушно да се забележи дека одреден број на “анархо-автономисти/ки” го будат и експлицитно користат овој американски прагматизам, враќање кое е исто една од бројните индикации за актуелноста на слободарскиот проект и мисла.
  13. Како што вели Волтер, “Ако господ не постоеше тогаш некој/а ќе го измислеше”.
  14. Пред да придонесе за разработка на “платформата” и неговата поддршка на бољшевичкиот деспотизам при неговата смрт, Аршинов, во заклучококот на неговата прекрасна книга Макновистичото движење, движење во кое тој толку интензивно учествувал, без сомнеж го дава еден од најголемите придонеси на слободарска мисла и проекти: “Пролетери/ки од цел свет, спуштете се во својата длабочина, побарајте ја вистината и создадете ја: на друго место нема да ја најдете”. Bélibaste, 1969, p. 388.
  15. Види на пример свесното одбивање на милицијата од работничка класа од Барселона да маршираат во чекор, дури и случајно (,), помеѓу двајца/две војнци/чки.
  16. Прилично е изненадувачки да се забележи како сегашните движења (на пример “анархо-автономистите/ките”) го повторуваат начинот на кој антиавторитарната интернационала се создаде, не толку од програмата или целите (кои авторитарците/ките и антиавторитарците/ките веќе подолго време ги сметаат за вообичаени), колку од нивната директна пракса, од нивните начини и средства за постигнување на нивните цели, и сево ова преку еден пристап во кој тие директни (антиавторитарни) средства и пракси завршуваат абсорбирајќи ги целите. Може да се каже дека “крајот на целта” е каде што бива целосно инкорпориран во средствата, кога краевите и средствата се споија, без нешто да остане да штрчи горе или за понатаму (тие две лажни места каде се наожа рајот на трансцеденцијата, религиозен или не). Така може да се дознае што слободарското движење подразбира под револуција. За анархистите/ките таа не е првенствено конечниот крај (неизбежно трансцедентен поради тоа што е таму некаде, подоцна, на крајот на времето) кој го дозволува секое одложување, но највеќе, секој догматизам и сите авторитарни мерки засновани на таа (иделна) цел. За анархизмот, идеалот на револуцијата е целосно поврзан со радикализмот на сегашните акции, радикализам чиј повеќе или помалку насилниот и безвременскиот карактер е само еден аспект.
  17. Помеѓу бројните можни примери, види го начинот како различните активисти како Пол Робин и Анселмо Лоренцо го опишуваат, во скоро идентични термини, однесувањето и односите помеѓу Маркс и неговите следбеници/чки на Лондонската конференција во септември 1871.
  18. Види Јudith Butler, Gender Trouble :Feminism and the Subversion of Identity (New York ; London : Routledge, 1990).
  19. Le chant des ouvriers (Pierre Dupont, 1846), Les canons (непознат/а автор/ка и дата). За оригиналноста и ударниот карактер на овој тип на егзистенција и функционирање на ефективните слободарски движења, види го изненадувањето безрасуден историчар како Годичо откривајќи го преку архивите, моделот на суштествување на каталаснкиот анархо-синдикализам.
  20. Веганите/ките се вегетаријанци/ки кои исто така ги одбиваат сите животински производи како јајца или мед (забелешка на преведувачот од француски на англиски)
  21. Француските власти и медиуми викаат “attentat” за секој криминален чин презеден во политички контекст против објект, сопственост, лице или заедница.
  22. Идо е поедноставена форма на Есперанто.
  23. Мене ми се чини дека сите односи помеѓу мислите и авторите/ките точно ја следат оваа логика на асоцијација (и дисасоцијација) на најдиректните и најконкретни пракси на слободарските движења. Во оваа смисла цврстите теоретски пракси не доминираат врз другите, туку ја отвораат целата слик на анархизмот кој, јас го квалификувам како “онтолошки”, во смисла на практична и теоретска визија и однос кон светот кој поврзува се, целината од се што е, т.е. помножената, непрестајна промена (за што говори Бакуњин), различниот и генерализираниот сингулар (ако може така да се каже).
  24. Во коментар на оваа реченица, Колсон инсистира дека тој го претствува своето видување тука, а не се обидува да збори во име на анархизмот. (забелешка на преведувачот од француски на англиски)
  25.       Gilbert Simondon, L’individuation psychique et collective, Aubier 1989 стр. 105.
  26. Vivien Garcia, L’anarchisme aujourd’hui, l’Harmattan, 2007. Мене ми се чини дека следната дискусија би можело да биде за овaa “фундаментална движечка сила” која Томас ја споменува и нејзините мистериозни “елементи” кои треба да се изберат и уловат. Анализата на ова прашање мене ми се чини како многу прецизна. Враќањето се на фундаменталниот импулс е секогаш враќање кон потеклото на мноштвото еманципирачки акции и движења, враќање кон корените на Меѓународната асоцијација на работници/чки, Јурската федерација, аргентинската ФОРА, на пример. (вечно?) враќање и оживување (на друг начин) кои овозможува закрепнување на се, вклучувајќи го, и особно, огромниот и невројатен опсег на анархизмот, во овој случај, оваа практична и теоретска сила која е точно способна да ре-компонира се.

Извор: http://www.anarchistnews.org/?q=node/3746